Home Археологија Археолошкиот локалитет Тумба Маџари со официјална интернет страница

Археолошкиот локалитет Тумба Маџари со официјална интернет страница

4,764 views
1

 

Повеќе пати имам пишувано дека на македонските археолошки локалитети им е потребна медиумска презентација во форма на веб страници. Во нивни недостаток повремено ставам написи на Македонската Википедија за одредени значајни локалитети. Со текот на времето ми се придружија и некои други корисници со што се создаде еден од поголемите проекти во рамките на оваа платформа означен како Археомак 2.0.

Мое лично мислење е дека јавноста има право да знае за секој артефакт кој потекнува од територијата на Република Македонија, сеедно дали е тој публикуван или не. Впрочем културното наследство на Македонија не е само наше туку е културно добро кое припаѓа на целиот свет. Токму поради тоа непубликување или би рекла отсуство на археолошките пронајдоци од Република Македонија на мапата на светот, понекогаш сме доведени во ситуација некои од предеметите да не можеме да докажеме дека се наши. Таков беше пред две години случајот со откраднатите пајонските бронзи кои девет месеци се заглавија на границата помеѓу Хрватска и Словенија (1,2). Со доцнење на публикациите за некои наоди (дури и по 10 години), одредени македонски археолози и законски го имаат загубено научното право над нив, но тоа е тема за некој иден поопширен елаборат.

Првиот археолошки локалитет кој се здоби со свој сопствен сајт уште додека интензивно се одвиваа ископувањата е Вардарски Рид крај Гевгелија. Со намалена динамика ископувањата на него се уште траат. Многу години подоцна локалитетот Скопско Кале исто така доби своја презентација на интернет во вид на веб страница, како виртуелен пандан на она кое се случуваше на теренот за време на неговото ископување. Не многу потоа се појави сајтот за мегалитската обсерваторија Кокино, а еве сега и археолошкиот локалитет Тумба Маџари за кој е надлежен Музејот на Македонија.

Браво за упорноста на некои мои колеги кои одамна го имаат сватено Интернетот како сериозно поле за промовирање на културата, иако од горенаведеното може да се забележи дека овој IT развиток многу тешко се одвива кај нас. Нема да се осврнам на моменталните технички недостатоци и функционалноста на веб сајтот. Верувам дека сите аномалии наабрзо ќе бидат корегирани, со оглед на тоа што страницата е во оптек само две недели.

Но, мора да ги опоменам одговорните да внимаваат какви информации ставаат на официјалните веб сајтови. Ако се појави реченица како следнава – Досега се откриени уште седум куќи, но само првата е објавена, луѓето веднаш ќе се запрашаат: А зошто не се публикувани досега другите куќи, кој е надлежен за тоа, дали воопшто постојат стручњаци штом тоа не е сторено, каков инвентар содржат тие куќи, каде се наоѓаат артефактите од нив и многу други работи. Едно да имаш Сајт за археологија каков што е Археоблог, кој генерално ми служи на мене, а по случајот на нештата – служимо и цару и народу. Сосема друго е официјален сајт за еден археолошки локалитет зад кои стои институција и чии записи можат да се најдат во фусноти на некој научен труд.

Оваа забелешка секако дека можев да ја кажам усно и дискретно. Но кога ваквите страници во нашава држава се во зачеток, подобро е таа да биде јавна. За да не се случи понатаму истата грешка да се повторува и на други сајтови како копија по пат на репликација.

Што се однесува пак до реконструкција на неолитските куќи од Тумба Маџари (иако е публикувана само една) по тој повод Воислав Санев има направено краток документарен филм во 1999 год. За таа потреба со помош на експериментална археологија тој подигна цела неолитска населба на една ледина крај Треска, на Матка. За жал освен документарецот, тоа мало етно село не се зачува, а Војче почина минатата година и со себе го понесе знаењето кое го имаше скоро 40 години проучувајќи го македонскиот неолит. Во недостаток на тој документарец, подолу ја вгнездувам анимацијата со реконструкција на една неолитска куќа од локалитетот Говрлево крај Скопје, courtesy of CR-ROM ,,Македонски Древности”.

За информацијата во врска со веб сајтот за Тумба Маџари му благодарам на Дончо. Дончо Наумовски, мој колега и пријател, е инаку веб администраторот на страницата,.

Појаснување: Во текстот се употребени фотографии од официјалниот сајт на археолошкиот локалитет Тумба Маџари. Исто така од денеска на Археоблог е воведен нов начин на визуелно цитирање со http://kwout.com/ Како што можете да забележите покрај тоа што естетски изгледа убаво, во исечокот од текстот уредно работат сите линкови.

Реконструкција на неолитска куќа од Говрлево

Линкови:
Официјална страница на археолошкиот локалитет Тумба Маџари
Тумба Маџари на Македонската Википедија

Дополнителни линкови:
Големите Мајки Богинки – култ или…
Третман на археолошките локалитети во културен предел
Неолитско село во Македонија – музеј под отворено небо

 

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here