Home Артефакт Големите Мајки Богинки – култ или…

Големите Мајки Богинки – култ или…

2,336 views
0

Прва молитва на Магна Матер

Сокови од камења, од глинени садови
со капки од извори
се слеваат,
со мирис на нокта…

Небото топи искри
и благослов на својте деца
дава
пред портите на Светот …
Танц околу огнисте …
девојки
со мирис
од стопени зелби …

Во тропот на камен накит и сколки
ветрот ја пее химната своја
во линии… на пустински песок,
и оци
и усни
љубат звездени грутки
над болката и страста.
Усте еден ден се роди
со заробен спокој
на родилка.

>Од блогот на Лотос<

Нашите древни корени

Неолитот е едно прекрасно време, или како што археолозите го нарекуваат, време на благосостојба. Во утробата на светските цивилизации, заплисната од сончевината на тлото каде се наоѓа, на територијата на Македонија се појавила цела една култура која со своето заминување во тајните на древнините го однеле и својот култ кон Големата Мајка Богинка.

Податоците велат дека овој период на младото камено доба, територијално и временски зависен од многу фактори, се појавил некаде околу 11-12 милениум пред н.е. на Блискиот Исток, за да заврши некаде до 5-4 милениум во студените земји на Северна Европа. Археолошките наоди од овој период во Македонија се ставаат во рамките помеѓу 6 до крајот на 4-от милениум пред н.е.

На нашата територија според археолошките податоци постојат повеќе над двеста неолитски локалитети. Според проверните но и незапишаните извори, на територијата на Скопје и неговата околина ги има повеќе од дваесет и пет. Нели е тоа бројка над која треба да се замислиме. Дали можеби овој квантитет не упатува кон се уште нам неоткриени и недопрени тајни? Толку многу населби на толку мал простор? Дали можеби тоа е начинот и алката преку која треба да си ги бараме своите корени на ова парче тло? До каде ли досега нашата гордост? Да ги спознаеме своите предци и да се нурнеме во длабочините на своето минато.

На чекор до мистеријата

На само неколку километри од центарот на Скопје се наоѓаат два мошне важни археолошки локалитети на кој се пронајдени теракотни предмети на Големите Мајки Богинки. Тоа се Тумба Маџари и локалитетот Церје, крај Говрлево. Ископувањата на обата локалитета се одвиваат неконтинуирано и со спорадични прекини трааат до ден денес, длабоко верувајќи дека можеби во иднина ќе дадат информации со кои можеме да го пополниме камчињата од мозаикот на животот на неолитскиот човек. За разлика од Говрлево кој се наоѓа на оддалеченост од 12 км, Тумба Маџари е локалитет кој и практично е во самото Скопје помеѓу денешните населби Ченто и Маџари во непосредна близина на фудбалското игралиште. Со изградба на претходно споменатите населби, а особено со неконтролираното подигање на дивоградби врз и околу неа, создаден е нов амбиент во кој тумбата дури и не се забележува. Со градежните работи културниот слој е доста оштетени и речиси 3/4 од населбата е неповратно уништена за понатамошните археолошки ископувања. Со самото тоа и ние како наследници на една високо развиена древна култура, остануваме покуси за една цела низа на информации.

Големите мајки богинки

Покрај остатоци од населбински куќи на овие локалитети, значајно место завземаат керамиката, но и наодите од култна пластика, посебно антропоморфната. Пред се тоа е ГОЛЕМАТА МАЈКА БОГИНКА, или Магна Матер , заштитничка на плодноста и куќата, претставена на начин што е досега непознат помеѓу неолитските култури од другите балкански простори. Ќе ни дозволи ли креативноста да си поиграме со нашата фантазија и само за момент да замислиме што ли чувствувал тој древен човек додека стоел пред Големата Мајка Богинка? Како што би рекол еден голем поет на дваесеттиот век : дали некогаш ќе го почувствуваме мирисот на цвеќето од пред повеќе илјади години што праисторискиот човек го положувал во нејзина чест.

Овие предмети означени како жртвеници во науката, се уште се далеку и од поимањето на тоа каква им била намената и за што служеле. Правени од керамика можеби се наоѓале во светиот дел од куќата и во нивна чест се вршеле религиозни обреди, поединечно или групно во рамките на семејството. Персонификацијата во претставата на жена не е нималку случајна. Жената отсекогаш била заштитничка на биолошката репродукција, само што во овој случај тоа е како продолжување на духовната димензија поврзана со нивните верувања, претставувајќи ни концепција на еден се уште недоволно објаснет сегмент од спиритуалниот живот на неолитскиот човек.

Излегувајќи од рамките на традиционалните шаблони на своето време, древниот човек претставувајќи ги главите на Мајките богинки им дал иконографски и пелеоетнографски белези, обликувајќи ги притоа тродимензионално. Со што им дал една доза на суштественост , вистинитост но и топлина.

Праисконски корени

Големите мајки богинки се вистински патеводителки. Поставени на основа од куќа ни го сугерираат она најважното, најсуштинското, она подзаборавено време, кое всушност е толку едноставно, но од науката издигнато до слики со митски димензии. Тоа само не упатува на една неодолива и недопирлива големина за претставата на природата, што праисконскиот човек ја имал пред себе, на која и се поклонувал, која ја почитувал. Една суштински длабока и вечна цивилизациска вистина инкорпорирал во своите култови преку Големата мајка богинка, а тоа е дека каде и да се наоѓа човекот, тој секогаш енергијата ја црпел од земјата, почвата, тлото под него. Онаму каде што се наоѓал.

Ако направиме сублимација од значењето на зборовите куќа и мајка, ќе дојдеме до сличен заклучок. И обете во своето непобитно суштинско значење упатуваат на место кое е сигурно, секогаш заштитнички расположено, поврзано и возобличено со безвременска љубов. Исто како што природата се грижи за својата земја, исто како што земјата се грижи за своите посеви. Исто како што мајката се грижи за своите деца. Еден непрестано реверзибилен и кружен циклус. Една есенцијално безвременски обликувана концепција, еден несоборлив контекст на кружење на енергијата и љубовта низ природата.

Поминувајќи низ разни видови на духовни метаморфози, неолитскиот човек како ненадминат мајстор на своето време, успеал да создаде и олицетвори еден наизглед симпатичен модел на своите верувања. Но, дали тоа е навистина така? Со неговото заминување, заминал и култот кон Големите мајки богинки и можеби никогаш нема да дознаеме дали тоа претставувал ,,експериментален” излет на неговата фантазија или можеби тоа била само имагинација на една популација кој тајните на минатото ги однела со себе до најголеми длабочини?

Почвите се уште кријат огромни и за сега недостапни тајни. Веројатно само природата знае уште колку големи мистерии крие почвата под градот Скопје,  а за Македонија и да не зборуваме. И ако не ги истражиме и  спознаеме овие, како ли ќе си ги најдеме нашите пра праисконски корени?


Oвa е еден од најчитаните постови на мојот минат блог. Оригинално беше нарачан и публикуван за списанието ,,Мој дом” во октомври 2003 год. Подоцна беше малку модификуван. Им благодарам на сите блогери кои ми помогнаа во тоа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here