Home Антропологија SCUPINI ROMANI – како да создадеш бренд кој е гордост за културното...

SCUPINI ROMANI – како да создадеш бренд кој е гордост за културното наследство на Македонија

3,215 views
0

Денеска се навршува една година откако SCUPINI ROMANI бренд на ,,ХАЕМУС” беше официјално промовиран во јавноста и стана реализација на еден мој долгогодишен сон, од моментот кога пред 5 години за прв пат стапнав и бев инспирирана од Археолошкиот парк ,,Виминациум”.

Scupini_Romani_HAEMUS_promo
Дел од костумите и предметите на SCUPINI ROMANI, сопственост на ХАЕМУС

SCUPINI ROMANI се состои од мноштво на подвижни ескпонати (керамика, облека, накит, плетени предмети, сувенири, едукативни панели) кои се дизајнирани по нарачка и рачно изработени од уметници, занаетчии и артизани по инспирација од богатото културно наследство од римскиот период откриено на територијата на Република Македонија. Концептот на SCUPINI ROMANI е променлив во зависност од околностите и може да биде организиран како амбиентална поставка, подвижна изложба или фестивал со живи учесници. За повеќе информации, брендот има сопствен веб сајт каде може да се прочитаат повеќе информации

Лично на мене ми беа потребни цели две години претходно за да ги направам истражувањата и целата логистика, пред SCUPINI ROMANI како бренд да биде промовиран на истоимениот фестивал кој се одржа на 06.11.2016 год. во комплексот “Ореов Лад”, во Скопје. Покрај ,,ХАЕМУС” како домаќини, настанот беше реализиран во соработка со Археолошкиот парк ,,Виминациум” (Археолошки институт-Белград при САНУ) и во партнерство со EXARC – меѓународна организација за музеи под отворено небо и експериментална археологија. Настанот се правeше под мотото на УНЕСКО за Отворени Образовни Ресурси.

SCUPINI-ROMANI_Viminacium_HAEMUS_Group_Photo
Групна фотографија на учесниците во првиот меѓународен фестивал ,,SCUPINI ROMANI”, 05.11.2016, Ореов Лад, Скопје

Знаев/ме дека најголема атракција на фестивалот ќе биде дегустација на храна и вино припремани според рецептите на старите Римјани и послужени во керамика која е специјално правена за овој настан. За потребите на фестивалот SCUPINI ROMANI беше направен римскиот леб ,,libum” или популарно наречен римски чизкејк бидејќи се прави исклучиво со брашно и козјо сирење, потоа ,,perna” т.е. ролат од варена шунка во тесто со смокви, повеќе типови на намази (intinge) од морков, маслинки, риба и многу други работи, додека од колачите беа послужени ,,globi” – куглици од гриз и крем сир потопени во мед и посипани со афион, сусам или лешници, ,,savilum” слатко-солени лепчиња од сирење и мед и секако највкусното нешто на трпезата ,,dulcia domastica” – карамелизирани урми претходно полнети со мешавина на лешници, бадеми, ореви и суво грозје, потоа потопени во мед и оставени да се оладат пред да бидат послужени. Дел од оваа храна ја повторуваме на секој од следните настани кои следеа.

antica_cucina_romana_scupini_romani5
SCUPINI ROMANI – Cucina Romana За повеќе инфо кликни тука

SCUPINI ROMANI во превод на латински значи ,,Скупските Римјани” или ”Граѓаните на римскиот град Скупи”. Главната цел на SCUPINI ROMANI е популаризација на културното наследство од римскиот период преку едукација, а главната мисија е дисеминирање на научните истражувања преку историска реконструкција позната под терминот “reenactment”. Акцентот на оваа реконструкција е ставен врз експерименталната археологија, древните технологии и нивната интерпретација во обид да се подигне јавната свест за одредена научна област кај љубителите на културното наследство.

Логото е цртеж од еден тип на луксузна римска грнчарија која во науката  J.W.Hayes (1963) ја именувал како ,,Македонска сива тера сигилата“. Се работи за доцноантички тип на грнчарија којашто е пронајдена на многу археолошки локалитети од римскиот период на Балканот, но главно е раширена во Македонија и оттаму го добива својот научен епитет. Нашето лого е визуелизација на една прекрасна мала луксузна римска керамичка чинија пронајдена на археолошкиот локалитет Скупи во Скопје. 

HAEMUS_Skupini_Romani_logo
Логото на SCUPINI ROMANI

За само една година Scupini Romani, покрај домаќин на истоимениот голем меѓународен фестивал во Скопје, беше дел од неколку настани низ Македонија спонзорирани од општини (Saturnalii, Rosalii и Vinalia Rustica), a се појавивме на големиот меѓународен фестивал ,,Нике-Војна и Победа: во Никополис Ад Иструм, Велико Трново, Бугарија. Горда сум што создадов бренд кој ќе биде исто така гордост за културното наследство на Република Македонија. Горда сум што создавам и што оставам зад себе материјали како трајна придобивка за општеството и науката. 

Scupini_Romani_HAEMUS_kolaz1
Мозаик соствен од повеќе настапи и настани на брендот SCUPINI ROMANI

Сакам да акцентирам дека сето ова што е постигнато со SCUPINI ROMANI  и сето она што го прави ХАЕМУС е сработено со многу знаење, наука, труд, љубов и внимание кон културното наследство и без грам политика. Значи можело да се успее и без политички партии, а? Или како велат старите: чисти раце – чисто срце. 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here