Колкумина сакате да бидете мудри, а не само паметни?! Но мудроста се стекнува низ годините преку нашето животно искуство. И додека научиме како да ја канализираме смислата на мислата во сублимирани заклучоци, веќе сме остареле. Денеска е многу лесно да се пишува рандом поезија со сите информации и инспирација која ни доаѓа преку интернетот. На твитер, каде лимитот на карактерите е ограничен на само 160 букви, бројки и знаци, скоро сите се поети. Некои се дури извонредни во своите изразувања. Голема доблест е да го сконцентрираш своето животно искуство во една смс порака која наликува на песна и остава трага врз другите. Затоа кога моја драга пријателка Вероника Костадинова ме замоли да и напишам рецензија за нејзината четврта збирка поезија, се почувствував почестена што можам да бидам дел од оваа мисловна поезија на една се’ уште млада, умна, но мошне мудра жена.
Промоцијата на книгата со поезија „Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова, во издание на издавачката куќа „Табахон“ од Скопје, ќе се одржи на 1-ви септември, во ресторанот на винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци.
Промотори на книгата ќе бидат Илина Јакимовска, Митко Гогов и Василка Димитровска, а стихови ќе читаат Надица Тренчева и Светлана Митрева.
Промоцијата ќе започне во 18 часот. Повелете, сите љубители на добриот збор и доброто вино се добредојдени!
Во прилог ја оставам мојата кратка рецензија кон збирката поезија “Зборот во тесен чевел” на Вероника Костадинова
Не можете да останете имуни кога пред себе имате ја имате личната и автентична поезија на Вероника. Затскриена во убава наметка од литературни и граматички форми, проткаена со енигматски стил, оваа своевидна исповед на поетесата ни доловува многу премолчени животни вистини. Зборовите го завземаат обликот на душата и го исполнуваат интимниот круг на мислите. Метафорична поезија создава ненаметлив свет од естетика, што како своевидна обсервација на животот, ги ослободува страста, емотивноста, луцидноста и пред се’ искуството.
Движејќи се низ многу мисловни одредници надополнети со јазикот на комуникологијата, пред нас испливува топол свет од знаковни галерии и одредници. Формите на буквите добиваат звук, боја, заповед, иронија … се разоткриваат пред читателот како мозаик од судоку сложувалки. Навидум строго контролирани, стиховите ни откриваат моќна алaтка во дешифрирање на “знаците” низ кои меандрира животот. И се изгледа познато, а секогаш е различно во линијата помеѓу убедувањето и уверувањето во философските дилеми.
Кога жена сака нешто да промени на себе, почнува од фризурата. И од новите чевлите, колку и да се тие тесни и неудобни. Но кога Вероника сака нешто да промени на себе, почнува од мислата. Само така смислата на животот спакувана во една мала стиховна галерија, остава оригинален ракопис на една жена чија доза на топла хуманост не води кон разбирањето на некои човечки категории. Во прв ред – љубовта. А потоа мудроста.
Со Вероника на промоција на нејзината претходна збирка поезија во 2007