Главната тема на овој постер со работен наслов ,,Interwaving cultures or just Neolithic patterns” би биле фрагментите на керамика со богата орнаментика кои потекнуваат од најразлични ископувани неолитски локалитети ширум Македонија, а кои честопати потсетуваат на преубавите шари од македонските народни носии. Тие би биле обликувани и претставени како пачворк мотиви вклопени во етно-черга. Називот на самата тема покажува колку значајно влијание имале овие неолитски култури во Македонија, кои како дел од поголемите Балкански културни копмлекси со себе понеле и сегмент од својата материјална и духовна традиција обликувана преку орнаментиката на керамиката.
Оние кои се разбираат од печатење на постери знаат дека се работи за толку минорна пара, што е подобро да не се спомене бројката во напишана форма. Јас дури се откажав од сопствениот хонорар како автор, само за да може да му се плати на дизајнерот на постерот и да се финансира неговото печатење. Да заработував доволно како археолог, самата ќе го финансирав овој мини-проект, но археологијата ја работам пред се од љубов и од ентузијазам. Без тоа не може барем во оваа држава да опстане ниту еден од колегите. За државните институции не станува збор, бидејќи тие од петни жили се трудат да докажат дека немаат пари за културата, а приватниот сектор инвестира само ако види лична корист и придобивка од сето ова. Или во турбо-фолк силиконски цицки.
Каде затропав бев шиканирана. Се покајав илјада пати што како веќе обучен кадар се вратив во држава која не знае што да прави со мене. Се покајав илјада пати до сега што се обидувам да ја афирмирам на било кој начин нашата култура надвор од Македонија, а не продавам реклами за кондоми. Со кондом, еден човек помалку на планетава, со постер една брига повеќе за човештвото. Па сега, на кого како му одговара повеќе.