Деновиве се развија многу дебати за новите гардиски униформи на АРМ, поточно за церемонијална униформа на сега т.н. почесен баталјон која ќе се користи при промена на државното знаме пред Собранието на РМ, Владата на РМ и резиденцијата на Претседателот на Македонија. Прототиповите на овие униформи се изработени од модниот креатор Александар Ношпал и треба да претставуваат иконографија од нашиот сублимат како народ. Поточно се вели дека е тој предводник на тимот кој ги креирал, но не се наведени другите автори кои учествувале во овој проект.
Тие беа промовирани во Дом на Арм во неделата и требаше да бидат оставени 15 дена на увид на јавноста. Јас вчера бев до Дом на АРМ за да ги видам моделите на почесната гарда и како што веќе известија сите медиуми, тие треба да бидат изложени пред публика заради јавното мислење. Можам јавно да посведочам дека не се достапни за евалуација, туку се затворени во 1 сала во Домот на АРМ и никој нема пристап до неа.
Арно ама, луѓето своето мислење почнаа да го изразуваат на интернет и на социјалните мрежи и се поделија околу тоа дали овој дизајн повеќе личи на униформа или на играорци. Тука ќе направам мала дигресија, и ќе излезам за момент од темава, за да објаснам некои основни работи околу боите, грбовите, нациите и нивната иконографија.
Сите народи во светот се поврзани со грбовите и знамињата, а хералдиката која ги создава и проучува, ги користи боите како симболи за да потенцира одредени работи кои подоцна се пресликале од или во иконографијата на етносот.
– Црвена боја симболизира слобода, правда, љубов, напредок
– Зелена боја симболизира богатство, плодност, просперитет
– Жолта боја симболизира вера и надеж
– Бела симболизира неутралност, независност, еднаквост
– Црна боја симболизира конзервативизам, посветеност и дисциплина
– Сината боја симболизира братство
Станува многу појасно кога ќе се погледнат знамињата на државите во Европа кои ги содржат овие бои, зошто се одбирани на тој начин и по точно сложен распоред. Станува и визуелно видливо за која нација што е приоритет во една држава. Од француската буржоаска револуција во XVIII век (1789 год.) внесени се тробојниците кои прикажуват три основни барања за: револуцијата, слобода, еднаквост и хармонија, конкретно за Франција: liberte – црвена боја, egalite – бела боја, fraternite – плава боја. Дали прво ќе биде поприоритетно братството, единството па слободата, обратно, или нешто ќе се испушти од овие три ставки е многу важен предзнак во тоа како се креирале знамињата и грбовите понувајќи од Франција, преку Русија, до поранешна Југославија.
Оваа облека на почесниот баталјон која треба да претставува спој помеѓу новото и старото, поточно традиционалното и современото како главна основа ја има белата боја која ќе се сложите е многу непрактична за одржување. Е сега, се поставува прашање дали на ваква униформа треба да бидат примарни боите, зошто сепак се работи за воени униформи? Моитивите пак се црпени од македонскиот фолклор и на нив се додадени археолошки артефакти, а овие идејни решенија според министерот Коњановски: ‘се сублимат на историјата и на современото време и го изразува мултиетничкиот карактер на Македонија, а истовремено и нашата воена историја‘. Нашата воена историја е многу моќен слоган. Во име на автентичната историја, нациите во светот (ние за среќа не сме исклучок) за да ја покажат долгата и “чесна” историја на еден народ обично како сведок ги земаат археолошките споменици кои повикани во такво својство, треба да го прикажат неотповикливото право на “народот” на својата земја. Мене како археолог ми е апсолутно јасно дека од праисторијата до денес, сите новокомпонирани народи се синтеза на култури и на биолошки комбинации. Дефинирањето и врамувањето на еден народ во крути рамки е скоро невозможно оти ‘народот’ не е еден народ, туку спој од различни цивилизации кои оставиле визуелни и духовни траги како резултат на една симбиоза на култури, конгломерат од етникуми и културна мешавина чие минато не смее да биде како до сега инструментализирано за различни вон научи и вон културни цели.
Моделот кој го носеше Тоше Проески на настапот на Евровизија во 2004 година креиран од Ношпал
Би сакала да потенцирам уште еден важен момент. Колку што ми е познато, а ја пратам долго македонската хералдика, гардистите немаат официјален грб изработен од професионални хералдичари. Повремено на облеката гледам кружни амблеми, но тоа не може да се смета за официјална претстава на почесни војници од ваков ред.
Копчето во средината треба да е амблем на почесната гарда
Сепак ќе остане да лебди прашањето во воздух, зошто ако е предложено како опција, граѓаните не може да ги видат во живо овие униформи и дали војниците повеќе ќе личат на специјален баталјон за почести или на културно уметничко друштво? Ова е многу интересна тема за дебатирање, оти директно задира во нашиот ‘идентитет’, граден и негуван со столетија, од палеолита па се до Тита! 😉
p.s. Фотографиите се позајмени од статијата на Порталот mnogoo и од страницата на Македонското хералдичко здружение на фејсбук, каде можат да се видат во подобра резолуција.
една од униформите (со „офицерска капа“ потсетува на геј униформа [ништо злонамерно]), или како позајмена од некој спот на YMCA…
како и да е, сметам дека нема ништо лошо ако за униформа на гардата се позајмат мотиви од македонски народни носии, како онаа на македонските Русалии, зашто во тој „ред“, има многу моменти на посветеност и иницијација, какви што се потребни за една единица каква што е гардата… зошто да не се позајми (симболично) сиот обред на русалиите, во гардата, па конечно и зошто таа да не се вика токму така- Русалиска гарда, а гардистите- Русалии!…
знам дека звучи пресмело и преамбициозно, но ако сакаме да се повикуваме на некоја традиција, тоа е токму таа…
ги немам видено во живо униформите но би сакал да има позајмено идеи од носијата на македонските Русалии, со се` сабјата (дрвена):
http://instrumica.com/wordpress/wp-content/uploads/2010/11/rusalii.jpg
http://instrumica.com/index.php/magichnite-igri-vo-sekirnik-ja-neguvaat-tradicijata-na-rusaliite/
за оној античкиот шлем, мислам дека е карикатурален, а македонските народни крзнени шапки веќе ја имаат неговата форма (со врвот свретн напред), само што со текот на времето, наместо бронза, бил заменет со природен материјал…
поздрав… :)))