Колку што ми е мене познато после Александар Матковски и неговата книга „Грбовите на Македонија“, во последните неколку децении никој посериозно не се занимавал со македонската хералдика, ниту пак имало некакви публикации, освен гореспоменатата.
Македонското Хералдичко Здружение ја започна својата работа на 15.8.2003. На почетокот направија свој web сајт, а подоцна и блог. Како резултат на нивната работа, се случи и денешното предавање во Музејот на Македонија.
Да дојдевте денеска на предавањето ,,Најнови откритија во Македонската хералдика“, на г-дин Јован Јоновски предстедател на здружението, и вие ќе дознаевте дали Македонија и градот Скопје имаат свои грбови стари стотици години. Вака ќе чекате додека тие ги вообличат своите сознанија, и ги публикуваат во некаков формат.
– Што е баузен?
– Со што всушност се занимавал слојот на витези?
– Зошто е важен 13.01.1188г. и каква врска има со сегашните земји членки на ЕУ?
– Мапата на Дулчерти…
– Дали можел да постои грбовник во 1340 г. во Скопје?….
Се само дел од прашањата кои беа начнати на предавањето кое беше со вовед, сиже и заклучок, и каде присутните помеѓу другото беа запознаени со историјатот и со некои правила во хералдиката. Да ви кажам искрено, мене добро ми дојде, затоа што за жал кога студирав на факултет, немавме шанса ниту да слушнеме, ниту да научиме нешто повеќе за оваа наука.
|
Беше најавено уште едно предавање за две недели, како и проект со Музејот на Македонија кој ќе почне од септември, а ќе ги вклучи студентите и учениците од средното уметничко училиште. Исто така начелно стои дека ќе има и работилници, па сите заинтересирани можат да ги контактираат хералдите за свое учество.
На крајот, освен една блескава информација која ја ,,издаде” проф. д-р. Елица Mанева во врска со реултатите од едно свое истражување на прстен од Гевгелија, беше поделен вториот број на списанието Македонски Хералд бр.2. И покрај тоа што списанието можете да го симнете тука, сепак ништо не може да ја замени хартиената верзија.