Многу одамна се спремам да направам рецензија на еден број од списанието на Европските археолози (European Journal of Archaeology), официјално научно гласило на ЕАА, кои тие во голема мера го посветија на археологијата, новите медиуми и стапиците и границите кои овие форми на изразување ги поставуваат во новото комуникациско доба.
Како археолози ние комуницираме секојдневно. Во зависнот од околностите тоа може да биде со други археолози, со студенти, со медиумите или јавната публика. И секогаш таа комуникација изискува јазик кој би бил разбирлив за сите инволвирани субјекти. Јас сум веројатно единствениот археолог (со мали исклучоци) кој пишува на интернет и чија комуникација е двонасочна. Секој ден моето мислење и текстовите кои ги објавувам на блогот се подложни на вниманието од стотици луѓе кои имаат свој став и понекогаш го оставаат во вид на коментар.
Не сум комуниколог, ниту човек кој работи со медиуми, но поради природата на работите да водам еден од најавтентичните блогови во Македонија морав самата да поминам низ неколку етапи кои ми ја овозможија таа комуникација со јавноста. Блог-археологијата според пост-модернистите е дел од т.н. ‘демократско знаење’, посебно бидејќи ја вклучува најважната ставка – двонасочната директна комуникација помеѓу блогерот/археологот и читателите (коментаторите). Блогот како една од “поживите материи” на новите медиуми е токму причината што ја натера археологијата да се помести од мемливата прашина и статичност и да стане дел од популарната култура. Особено откако се зголемија формите за метаподатоци каде се’ што се пишува, може и визуелно да се претстави. Тоа овозможува преку новите медиуми да се спроведат сите иновативни методи за учење и истражување. Така на пример секое мое пребарување/истражување (не мора да е научно) јас прво го почнувам на Интернет. А потоа по правилото линк-линк отвора или книга-книга препорачува.
Бројот 10.1 на ЕЈА, насловен како ‘Archaeological Engagements: New Media and Beyond’ вклучува седум автори кои ја истражуваат поврзаноста на археологијата, новите медиуми како и голем број на современи културни феномени. Археологијата во комбинација со новите медиуми (посебно комуникациските технологии), се појавува во различни форми од кои некои почнуваат да влијаат дури и врз секојдневниот живот на луѓето. Ова вклучува огромен дијапазон на веќе етаблирани формaти за пренесување на пораки како: филмот, фотографијата, интернетот, потоа компјутерските игри и on line световите, се до одредени алтернативни субкултури на урбаното истражување. На овој начин новите медиуми почнаа да ја преиспитуваат и да ја предзивикуваат вистинската природа на археологијата како наука. Во продолжение следат застапените автори и нивните теми:
Introduction: Archaeology and New Media: Practices and Possibilites by Troels Myrup Kristensen
Playing with the Past: A review of Three ‘Archaeological’ PC Games by Andrew Gardner
Second Lives: Online Worlds for Archaeological Teaching and Research by Shawn Graham
300 Six Packs: Pop Culture Takes on Thermopylae by Jenny Wallensten
Archaeology on the Web: A German Perspective by Constanze Witt
Electric Strata: Assemblage and Changes in Postgraduate Publication on the Internet by Alun Salt
Archaeology on the Ground: The Memory Practices of David Webb by Chris Witmore
Urban Exploration as Archaeological Engagement: A Review of http://infiltration.org by Tim Flohr Sørensen
Заклучок
Интернетот сам по себе веројатно ќе понуди во иднина уште многу начини на директни комуникации помеѓу археолозите и нивната публика кои би резултирале со плодотворни дебати. Но во меѓувреме што се случува со претставата на луѓето за археолозите?
На 06/02/2010, најпознатиот женски археолог на светот и јунакиња на компјутерски игри и филмови – Лара Крофт, го прослави својот 13ти роденден. На оваа годишнина стана јасно дека претставата која луѓето ја имаат за археологијата, археолозите и нивната работа, се шири и метастазира преку медиумите. Нејзиниот пандан, веќе етаблираниот имиџ на Индијана Џонс е се она што не би сакала да бидам во претходните два, во следните 3 животи и класичен пример како не треба да делува еден вистински археолог. Но за жал Индијана Џонс и Лара Крофт се најпознатите и најприфатените изградени претстави што ги имаат луѓето пред себе кога ќе помислат на археолог. Овие измислени карактери се толку навлезени во сите пори од капиталистичката индустрија за експлоатирање на археологијата, што дури и некои од репликите на ‘артефактите’ во филмовите се продаваат по баснословни суми. На овој начин политичката економија на визуелните медиуми во археологијата комплетно си ја остварува својата цел.
Но што станува кога археолозите треба навистина да комуницираат со публиката преку употреба на новите медиуми? Претпоставувам дека на многумина кои се бават со оваа наука, се уште им е свежо сеќавањето на неодамнешните скандали во хрватската археологија, кога медиумите навистина ги побркаа лончињата, па угледни археолози мораа да реагираат јавно. Но на прагот од 21 век веројатно малкумина археолози ја сфатија предноста да комуницираат преку новите медиуми.
Да се визуелизираат информациите од светот на археологијата изискува од археолозите огромни комуникациски способности. Бидејќи медиум, независно од својот формат е всушноста секоја подлога (површина) па дури и амбиент, реален или виртуелен, кој може да пренесе порака. Затоа драги колеги, бидете спремни, не гледаат сите со исти очи, а посебно тоа што ‘секое седиште, има свое гледиште’. И секако, нумериран број во кино салите. 🙂