Home Антропологија Акцијата Фаланга – Едуцирај се себе, па научиме и мене

Акцијата Фаланга – Едуцирај се себе, па научиме и мене

4,277 views
1

На територијата на нашата држава (како што e пoвеќепати изјавено) досега се откриени повеќе од 5000 археолошки локалитети на кои постои изобилство на археолошки материјал значаен како за културното наследство на Република Македонија, така и за светот. Со оглед на актуелната состојба во Република Македонија во овој транзиционен адолесцентен период кој трае нешто повеќе отколку кај просечен тинејџер, стана очигледно дека државата ниту има доволно средства за заштита на сите овие археолошки локалитети, ниту пак се создадоа човечки ресурси (пред се научни), кои сето тоа ќе го валоризираат, презентираат и публикуваат. Поради ваквата лоша економска состојба и незаштитените локалитети, во последните две децении се разви масовна појава на диви ископувања на истите со што неповратно се уништија предмети со непроценлива културна и историска вредност. И покрај тоа што се знаеше за овие појави, тие не беа вистински правно санкционирани, па во 2010 година ескалираа со акцијата на МВР именувана како Фаланга (1,2).

Со оваа акција се отворија многу поглавја кои ќе напишат нови страници во трулата македонска археологија, почнувајќи од заштитата на локалитетите, нивната публикација, односот кон луѓето кои работат со културното наследство вклучително со нивното омаловажување и деградирање како во теренски така и во институционални рамки, прашањето за дивите ископувачи, за нелегалната трговија со антиквитети, за колекционерите … итн. И најсетне, прашањето за едукација на граѓаните во однос на сопственото културно-историско богатство.

Ова прашање последно го покрена написот Римска статуа 14 години стои во дворот на жител до Дулица- полициската Фаланга му затропа на врата, на Канал 5 телевизија, но и претходно јавноста беше запознавана со ситуациите во кои граѓаните не пријавувале артефакти кои ги пронаоѓаат на сопствените имоти или на државно земјиште.

Откопал селанец во својата нива статуа од големо значење за Културното наследство на Македонија (вредна како и секој друг археолошки премет), си ја чувал дома мислејќи дека добро ќе ја продаде и на крајот наместо надокнада добил кривична пријава и условна затворска казна, како олеснителна околност дека ова му се случува првпат.

Извор: Вест

Од сите овие настани, веројатно највпечатлив беше случајот со Херкуланката од археолошкиот локалитет Стибера. Имено, се работеше за тоа дека еден човек по 20 години копање на земјиште кое се наоѓа на познат локалитет до сега не пронашол и не пријавил ниту еден наод, но ете одеднаш откопал цела статуа на нива која се ора пола век. И тоа на само 30 см од површината на земјата, кога знаеме дека оралото од плугот може да зафати и до пола метро ако е орањето длабоко. (Јас инаку се бунев кога на магистерските студии во Белград за еден испит ми ја бараа оваа информација) :) Весникот Дневник прилично добро го пратеше и го елаборираше целиот настан, па во нивните написи тој може и хронолошки да се следи.

Како уште еден пример за неедуцираност на граѓаните ќе го наведам случајот со откриени и уништени доцноантички питоси во близина на селото Опила, општина Ранковце.

Питоси (глинени ќупови) од доцноантичко време се ископани, а еден, поради незнаење, е целосно уништен при градежни работи за поставување интернационален далновод во близина на црквата „Свети Никола“ во селото Опила, општина Ранковце.

Извор: Време

Исто така многу е важно прашањето за непријавување и оштетување на археолошки локалитети од страна на инвеститорите со нивните теренски работи. Сумирано, постојат три варијанти на оваа ситуација:

1. Инвеститорот да не пронајде воопшто културни и археолошки ресурси
2. Инвеститорот да пронајде културни и археолошки ресурси и да ги пријави
3. Инвеститорот да пронајде културни и археолошки ресурси и да не ги пријави

Одговорни во оваа ситуација се локалните самоуправи на чија територија се одвиваат градежните активности. Според новиот закон, за културно-историските споменици на својата територија освен локалните музеи и заводи, задолжена е и самата локална самоуправа. Факт е дека локалните самоуправи во Македонија тешко се справуваат и менаџираат со своите културни ресурси, бидејќи е тоа обврска која им припадна по менувањето на цел еден закоравен систем на вредности понесени од минатото. Тие треба да ги попишат, опишат и евидентираат сите културни ресурси кои се во нивната јурисдикција пред тие да бидат оштетени или загубени засекогаш во трката со технологијата и модернизацијата. И не само да ги валоризираат, туку и да ги публикуваат најмувајќи компетентни лица, зошто тоа е единствениот видлив доказ дека нешто сработиле.

Заклучок:

Би забележала дека досега на полето ‘Подигнување јавна свест кај населението за културното наследство‘ нема никаква заинтересираност ниту кај владиниот, ниту кај невладиниот сектор, иако постојат и делуваат голем број на НВО-а од областа на културата. Искрено, ме интересира како тоа тие работат со години на проекти кои ‘тежат’ во вистинска смисла на зборот, а локалното население кое живее во близина на археолошките локалитети ниту е информирано, а уште помалку едуцирано за вредноста во нивната околина. Не сакам ни да го отворам прашањето за пристапување кон подигнување на нивната т.е. целокупната јавна свест за културното наследство. Одамна многу работи се јасни со луѓето кои работат во ‘полето на културата’. Оти прво треба да се едуцираат самите тие, за да може потоа да ги едуцираат и другите.

Најголемиот дел од археолошките локалитети се наоѓаат во близина на рурални населби каде што населението е со низок степен на образование и претежно се занимава со земјоделие. Населението во овие населби не е доволно информирано и не е свесно какви вредности од културно и историско значење има во својата непосредна околина.

Наместо толку пари фрлени по бесмислени проекти, работилници и семинари, книжулчиња преку кои се испрале пари и лигави налицкани брошурки кои не даваат ниту една пристојна информација, потребно е да се отиде кај сите овие луѓе и да им се објасни ‘Како да се грижат за своето културно-историско наследство и да се гордеат со него, бидејки тоа треба да остане и на генерациите кои доаѓаат“. Тие сигурно немаат време како тебе да седнат да го читаат мојот блог за да да го апдејтуваат своето знаење, туку на процесот треба да му се пристапи во обратна насока. Или што би рекле нашите северрни соседи, да ги цитирам ‘Уби нас незнање’!

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here