Home Антропологија Ѓурѓовден

Ѓурѓовден

3,768 views
1

Овој текст кој своевремено го објавив на старата платформа на блогерај во чест на прославувањето на Ѓурѓовден, особено ми е драг, бидејќи на оригиналниот пост коментираа блогерите Кибицер (историчар) и Лотос (етнолог) кои одамна веќе не пишуваат на интернет, а имаа навистина што да кажат со своите професии.

Текстот е публикуван во книгата – В. Димитровска, 2008, Археолошки дневник, Аквариус, Скопје, 66-70.

Археолошки дневник

… и како и на секој преоден момент во годишниот циклус, се верувало дека ноќта пред Ѓурѓовден настапува време кога се будат демонските сили на хаосот , “небото се отвара“ и влегува во конфликт со земјата и тоа е време кога по магиски пат тие сили можеле да се искористат за стимулирање на плодородноста …

Ова е цитат изваден од еден пост на лотос за Ѓурѓовден, во врска со кој можам да го додадам следното.

Една година по некаква си наша потрага, јас и мојот пријател етнологот Димитриовски Вања отидовме во Демир Капија, барајќи податоци за пештерата Горен Змејовец. По обичај правевме муабет со селаните од локалните села по прашалник кој ние самите си го составивме, за да ги извлечеме релевантните податоци кои ни требаа. Во овој случај тоа беше еден човек од с. Дрен, кој беше љубезен да ни одговори на повеќе од стотината прашања кои му ги поставивме. Тука постирам само дел од разговорот кој се однесуваше токму на Ѓурѓовден.

– А Ѓурѓовден каде рековте дека …?
– За Ѓурѓовден одиме во селото ? Пишница? горе. Таму се собират … панаѓур е тоа и прават … курбан … јагне таму колат.
– Тоа црквата го прави?
– Има домаќини …
– А јагнето од кого е, од црквата или од селото?
– Домаќинот што го бира црквата. Ваа година има домаќин, од другата година друг ќе ја земе. Така …
– И како се бираат домаќините?
– И така се бират, кој сака да даде прилог … кој ќе даде поише …
– А се даваат и пари за тоа?
– Е па сигурно дават, не знам јас … Кој како сака, … одгодина … самоволно се заречува, дај да бидам јас.
– Како на пример некој што се зарекол, зошто се зарекол, знаете ли за нешто?
– Детто ли, жената ли, … нешто … такви работи. Се заречуват – јас ќе ја гледам црквата една година или две години, за мое здравје да имам.
– После тоа откако бил домаќин, оздравува детето, на пример, или жената се едно.
– Сигурно имат оздравено. Не знаеме ние толку.
– А таму кога идете за Ѓурѓовден преспивате таму?
– Домаќинот има … кој што сакат си преспиват, некои жени кои сакат, а кои не сабајле ќе одат, ќе го истерат Ѓурѓовден и ќе се вратат, оти таму нема куќи … ги исселија, нема више. Таму има некои викендички, тие си се таму и можат една недела да си ?седат? … иначе другите ќе одат сабајле, вечер ќе се вратат.
– А тоа ли е постаро село од Дрен?
– Постаро е изгледа оти воа Дрен тука е населено наново. Воа село било поугоре, а има друго … се вика Стари Дрен.
– Дали е од турско или е од порано?
– Турско – порано … Не знам … па дали и старите го знаат тоа.
– А ти бабичке знаеш зошто пештерата се вика
– Змејовец се вика … оти ?,, бикофите”? … боските има на пример Змејовец?боски од крави, боски од кози, од сите животинки. Да сокапиш 3 ка ти се разболе детето или …, ќе го измиеш …
– Тие ќе ги измиеш – боските и водичката ја намачкаш?
– Тие боските што се во пештерата или?
– Тие од вода се направени … кога одат сите кршат за дома.
– Што капе има стожер така голем, што капе капка по капка … е таму горе (***заб. : најверојатно се работи за столбот во Долен Змејовец)
– Таа е лековита вода?
– Аха.
– А Змејовец, што значи Змејовец?
– Така се вика.
– Ама значи ли нешто тоа име?
– Има значење оти е лековито това.
– Ние мислевме да не има некоја прикаска?
– Не, не.
– Јас сум слушнал дека таму имало некој змеј што се скаменил?
– Можда имало, но ние не го знаеме. Во старо време можеби. Ние сме тука а не го знаеме тоа.

Покрај многу други работи тој кажа дека луѓето од таа околија имаат обичај (посебни нероткињи) да одат на Ѓурѓовден во споменатата пештера и да прават обичаи со кои би ја стимулирале својата плодност.

И како многупати до тогаш се соочив да видам на дело како мештаните слават верски обичаи кои потекнуваат од пред- христијанскиот период.

Рзговорот го имав запишано на диктафон. Интервјуто беше водено на дијалект и користам можност да му се заблагодарам на мојот професор Никос Чаусидис кој ми помогна при дешифрирањето. Најпровокативен дел од разговорот беше оној кога зборуваат за самовилите. Но тоа ќе го оставиме за друг пат.

Среќна слава и именден на сите што го прославуваат Ѓурѓовден.


Текстот е репринт

Клучни зборови: Ѓурѓовден, село, Дрен, Демир Капија, пештера, Горен мејовец, археологија, етнологија, интервју, обичаи, пагански бичаи,нероткињи, плодност

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here