Home Археологија Кастелот кај Пчиња и записите на еден јеромонах

Кастелот кај Пчиња и записите на еден јеромонах

3,917 views
2

Не постои патник кој на 26 километри јужно од Скопје, на автопатот кој води за Велес, не поминал а да не го забележи Кастелот кој се издигнува на едно специфично нагласен простор кој од другата страна стрмоглаво се спушта кон реката Пчиња. Овој археолошки локалитет познат и како Кожле со својата комплексност беше инспирација за романот „Кале“ на Јордан Јовановски, во издание на „Macedonia prima“, кој успеа да влезе во вториот круг за годинешниот избор на Роман на годината организиран од дневниот печатен весник – Утрински.

*     *     *

Пред да замине за својот манастир, да не гледа уште една несреќа, да се скрие зад топлите денови погодни за поправка на запалениот конак, остарениот архимандрит го повика.

– Време е, синко! На секое живо суштество, Оној горе севишниот му го покажува патот – благо и тивко му зборуваше. – Ти, млад си, остани, Господ нема да те заборави. Имам уште една молба, утре симни се долу во св. Спиридон. На брат Мердарие, тебе те одбрав го знаеш каков е, и ако некого послуша тоа можеш да бидеш само ти. Кажи му, знаеш подобро од мене, ако затреба пушти и некоја солза, да не го предизвикува Божјиот грев. Да не заборава каква сила, какви ѕверови наближуваат, да не се јуначи попусто. Ќе изгорат живи во таа нивна префалена кула спасителка! Не се тоа оние наши вошлосани разбојници, ќе ограбат што им дојде до рака, за ден-два ги снемало. Ова е поцрно и од црната чума. Така ти е кога подигаш манастир крај пат…

Без збор, се поднаведна да му бакне рака. Но остарениот архимандрит, и тој без збор, благо му ја исправа главата му ја става на своите гради и го прегрнува со двете раце. Потоа, кога се разделија и кога стариот свештеник тргна кон колата, се сети нешто, подзастана, се сврте и му рече.

– Ако брат Мердарие решил да си остане, оној дојденецот, рашанецот, треварот, живописецот нека го испрати кај мене, ќе има многу работа, штета е, и за него и за нас, да пропадне…

Утредента, Продан гласникот, уште рано, го одбива, понудениот коњ – не сум навикнат, подобро ми е вака, пеш – ќе им рече на слугите од господарската коњушница и за неполни два часа по оној пат, крај река, по удолницата, веќе тропаше на малата манастирска врата. Тоа се оние мали едвај видливи вратичиња кои секогаш се свртени кон ридовите, шумите, за не дај Боже!

Влегува слободно како во дворот на своја куќа, поминува крај казаницата, поминува подолу и покрај меѓарницата нигде никого, а од некаде допираат непрепознатливи гласови. Подзаслушува. Гласовите му се нејасни, неразбирливи, а се’ погласни, се приближуваа до него. Одзади разгранета црница, над средната чешма, се појавија двајцата глувонеми манастирски слуги, со бали сено на грб од кои не можеа да го видат. Ги знаеше, тоа се момчињата кои пред некоја година ги одмина онаа црвена грозница, но им го зеде говорот и им ги затвори ушите. Нивните пет-шест огништа, цело село, се запусти. Немаше каде, како и секогаш по таквите несреќи, последното засолниште за несреќниците е манастирот. Оној постариот, Тодор, сила од човек, можеше кош полн со грозје да изнесе на врв планина. Лете, кога паѓаше град и кога удираше по оловниот покрив на манастирот, со прст, до увото кој го креваше горе до покривот и потоа до увото, можеби сакаше да ни покаже дека нешто слуша. Не можеше да се разбереме ни тој што наумил да ни рече ниту да не слушне, што има ние да му кажеме. Оној, неколку години помладиот, негов братучед, целото време го минуваше со овците.

Превземено од @Утрински весник

Од изложбата во 2008/2009 г – Музеј на македонија

Археолошки истражувања на локалитетот Кастел кај Пчиња, познат и како Кожле, започнаа во 2008 година под раководство на археологот Кирил Трајковски од Музејот на Македонија. Една година подоцна по добиените првични резултати од теренот, беше отпечатена и илустрирана брошура/флаер на македонски и нa англиски а во некоја мера истите инфомации може да се сретнат и во написот од последниот број на МАВ. Во текстовите се дава преглед на хронолошкиот дијапзаон во кој бил населен овој локалитет, од праисторијата па се до 14 век, кога кастелионот престанува со својот живот.

Околу 3.500 година пред Христа, безимените жители на минорната населба биле принудени да подигаат палисади за да се заштитат од освојувачите кои доаѓале од север. Малкуте собрани и откриени парчиња од керамички садови постари од илјада години, упатуваат на Пајонците. Период од IV -II век пред Христа, како и римскиот период се до IV век по Христа е се уште прекриен со ”тајни”. Како Кастелион, населбата имала стратегиско значење од VI до VII век заради контролата на средновековниот пат од Тесалоник (Солун) до Скупи (Скопје). Христијанското население изградило црковен објект кој функционирал до првите децении на VII век, кога тврдината ја освоиле варварски племиња од север. Aктивниот живот на Кастелионот продолжил во XI и според наодите се смета дека без прекини течел се до османлиските освојувања во XIV век. Во крајниот западен дел од просторот, утврдени се остатоци од црква со фрагменти од живопис од XII до XIII век, а во блиската пештерата – монашка ќелија.

Наодите од ископувањата на Кастелот кај Пчиња кои ќе продолжат и годинава, влегоа во рамките на Годинешните археолошки изложби 2008/2009 и 2009/2010 и се’ уште можат да се видат во привремената поставка на Музејот на Македонија во Скопје.

photos courtesy @volan

2 COMMENTs

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here