Home Археологија Дента кога бев римска благородничка во Nicopolis Ad Istrum

Дента кога бев римска благородничка во Nicopolis Ad Istrum

3,267 views
0

Минатата година со Scupini Romani, брендот на ХАЕМУС наменет за промоција на древната римска култура, се претставивме на меѓународниот антички римски фестивал „Нике – играта и победата”. Настанот се одржа на 12.08.2017 на територијата на древниот римски град и археолошки резерват „Никополис ад Иструм“ во Бугарија, во организација на Здружението за антични реконструкции “Mos Maiorum Ulpiae Serdicae” кои се со седиште во Софија.

За време на нашето патување го посетивме Велико Трново (буг. Велико Търново), некогашната престолнина на Бугарската држава кој денес благодарение на богатото на културно-историското наследство е важен туристички центар. Стариот дел на градот е прекрасен, а великолепна панорама има и од супер популарниот ресторан „Щастливец“ кој би ви го препорачал секој мештанин.

Панорамски поглед од ресторанот „Щастливец“ и атмосферата во историскиот дел на Велико Трново

Конечно целата екипа се сместивме во селото Никюп кое се наоѓа на 18 км северно од Велико Трново и практично лежи над и до самиот антички римски град Nicopolis ad Istrum. Она што денеска се гледа од локалитетот потекнува од римскиот и рановизантискиот период, или со едноставни зборови периодизацијата и географската констелација му се слични нешто како на нашиот локалитет Стоби кој се наоѓа до Градско. Секако, имајте предвид дека овие два локалитета имаат различен историјат низ вековите.

На еднодневниот фестивал кои го посетија неколку илјади луѓе, беа претставени ритуали кон римските божества, античка мода, храна, занаети, монетоковање, изложба на постери и др. Scupini Romani беше дел од двата најважни настани од животот на градот низ вековите кои се визуелизираа од страна на 150 учесници на групи за реконструкција на античкиот Рим од Романијa, Унгарија, Македонија и Бугарија.

Мал дел од атмосферата на античкиот римски фестивал во Nicopolis Ad Istrum во 2017 (лична архива)

По тој повод дадов една сосема кратка изјава за македонските медиуми:

Нашата држава има силни врски со античката римска култура бидејќи територијата на Македонија со векови била дел од Римското царство. Но, наместо нашето наследство да го промовираме со статични музејски поставки, одлучивме претставувањето на Scupini Romani да го правиме преку меѓународни фестивали кои секаде го привлекуваaт вниманието на јавноста, изјави Василка Димитровска, директор на „Хаемус“.

Заклучок

Од позиција на некој којшто менаџира со културното наследство на Република Македонија, но исто така секој ден го создава и промовира, би можела да кажам дека ваквите типови на историски фестивали не се само шоу за домашната публика, туку се и своевидна атракција за странските туристи која може да обезбеди добар прилив на финансии од разни активности, но и да мобилизира поголем дел од граѓанскиот сектор, а секако да ги вмрежи локалните и/или државните институции и бизнис секторот.

За оние кои не се можеби запознаени, првото издание на фестивалот на древната римска култура со нашиот бренд Scupini Romani се одржа 2016 г. во Скопје. Тогаш посетителите видоа како изгледал древен римски град, дегустираа храна од тој период, се запознаа со облеката и накитот што го носеле древните Римјани, садовите што ги користеле, како и со занаетите што ги практикувале. Оттогаш до сега, Scupini Romani бил дел од повеќе настани поддржани од голем број на локални самоуправи или музејски институции па во склоп на различни перформанси сме ги славеле Saturnalii, Rosalia, Vinalia Urbana итн.

Во план е да направам повторно голем антички римски фестивал, со оглед на тоа што во превод нашиот бренд значи „Граѓаните на римскиот град Скупи“ и ветувам дека тоа секако ќе се случи, еден убав сончев римски ден во Colonia Flavia Scupinorum. 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here