Или во поднаслов
Како да ја обликуваме пораката што сакаме да ја испратиме
Како археолог, менаџер на европски проекти и консултант за наследство, дел од мојата работа е постојаната комуникација со други колеги, со студентите, со медиумите, со бизнис секторот, како и со општата јавност во којашто спаѓаат сите оние кои ги читаат моите белешки на социјалните мрежи. И секој пат таа комуникација изискува јазик кој би бил разбирлив за сите вклучени субјекти.
Една од најважните работи во интерпретацијата на наследството е начинот на којшто се споделуваат т.е. комуницираат вредностите од оваа област. Да се искомуницираат и да се визуелизираат научните информации од областа на наследство (природното, културното и нематеријалното), изискува од професионалците огромни комуникациски способности. Бидејќи медиум, независно од својот формат е всушност секоја подлога (површина), па дури и амбиент, реален или виртуелен, кој може да пренесе порака.
Во САД интерпретацијата на наследството е повеќе комуникациска, а потоа образовна алатка, можеби заради тоа што целата оваа област започнала оттаму и од националните паркови на Америка, додека пак во Европа е обратно, интерпретацијата е повеќе едукациска, а потоа и моќна комуникациска алатка.
Во зависност од тоа за каков тип на модул од интерпретација на наследството се работи (планирање, пишување, водење, презентирање и др.), се учат и соодветни алатки за комуникација за разни елементи од наследството.
Оваа година одржав неколку работилници на тематика околу комуникацијата и наследството, а една од нив беше за колеги професионалци од областа на археологијата, историјата и епиграфиката, во рамките на европскиот проект ‘Prometheus (Promoting Universal Values through Digital Epigraphy and Cultural Heritage)’. Називот на мојата работилница беше „Споделување на вредностите за наследството преку интерпретација, раскажување приказни и игрификација (Communicating Heritage Values through Interpretation, Storytelling, and Gamification)“, а главната цел беше да објаснам на кој начин може да се користат алатките на интерпретација на наследството кога експертите сакаат да ги соопштат вредностите на она што го пронаоѓаат, истражуваат, публикуваат и најпосле, споделуваат со експертската јавност и сите останати заинтересирани страни. Предавањето беше онлајн и може да се погледне на следната врска.
Kомуникацијата е една од најважните работи на кои обрнувам особено внимание за време на моите обуки, бидејќи создавање на ефективна порака за наследството коешто сакаме да го искомуницираме значи и создавање на наратив кој длабоко ќе допре до јавноста, балансирајќи ги научните информации со скалата на вредности кај луѓето коишто ја примаат таа информација. Со примена на принципите на интерпретацијата на наследството, професионалците учат како да создадат порака која ќе има универзални вредности, без да го нарушат научниот интегритет на било кој елемент од наследството.
Фотографијата вгнездена во текстот е дел од обуката којашто ја држев во Драч, Албанија во рамките на проектот „Оживување на Виа Егнација“ во партнерство со УНЕСКО, каде посветив доста време да ги обучам професионалците, но и локалната заедница да ја обликува пораката за своето локално наследство којашто сака да го искомуницира со јавноста и со различни субјети од наследствотот и културниот туризам.
Поради професионалната природа на мојата одговорна работа како сертифициран тренер по интерпретација на наследството од страна на Interpret Europe и УНЕСКО, имам етичка обврска и одговорност да внимавам на кој начин ќе го споделам она што сакам да го пренесам од областа на наследството, најмногу поради фактот што тие информации може да обликуваат нечие мислење за краток, но и за многу долг временски период.
Како заклучок би додала дека интерпретацијата на наследството не е само презентирање на факти и споделување на универзални вредности; се работи за создавање на трајни врски меѓу луѓето и минатото. Со одговорно, точно и разбирливо пренесување и интерпретирање на информации за наследството, можеме да инспирираме подлабока почит кон него, да поттикнеме заштита на наследството и да се погрижиме приказните да продолжат да живеат и да се споделуваат од некои идни генерации.