Си спомнувам дека идејата за „Археолошкиот лексикон“ почна сосема спонтано некаде пред околу десетина години, како идеја на Мишо Ристовски, во тоа време додипломец а сега колега археолог. Собрани околу идејата да се изработи лексикон кој ќе помогне на некои идни генерации, ме контактираа неколку колеги со цел да им помогнам со стручна теминологија за праисторијата и камените алатки кои се моја субспецијалност во археологијата. Потоа проектот низ годините се развиваше со разна динамика, за на крајот да се вообиличи во импозантна публикација на една генерација археолози кои сепак оставаат видлива трага зад себе. Гордост е што моето име е излистано помеѓу соработниците, автори на поимите во ова капитално дело на македонската археологија и прво од ваков вид на Институтот за историја на уметноста и археологија при УКИМ, на којашто и самата дипломирав. Упатувам голема благодарност до сите останати колеги, споменати и неспоменати во овој лексикон, кои дале свој придонес во неговото создавање и конечно обликување!
View this post on Instagram
Лексиконот е книга во која на 473 страници преку одредници обработени по азбучен редослед се поместени неколку илјади поими кои се теориска алатка за подетално разбирање на методологијата на археолошките истражувања, но и науки кои се компатибилни на археологијата како што се класичната филологија, историјата, историјата на уметноста, епиграфијата, палеографијата, нумизматиката и др. Исто така, обработени се информации за повеќе артефакти и локалитети од праисторијата до модерното доба, пред сѐ со фокус на оние коишто потекнуваат од територијата на Македонија. Археолошкиот лексикон е издание на Филозофскиот факултет, Министерството за култура и на УКИМ.
Археолошкиот лексикон не е мое прво учество во едно капитално дело за методологијата на археологијата. Во 2009 од печат излезе „Принципите на археологијата“ од авторот Даглас Прајс на македонски јазик, каде што сум рецензент на ова дело и во голема мера ја имам преведено и адаптирано стручната терминологија на мекедонски јазик за да со неа се служат сите следни генерации на археолози и љубители на оваа наука.