Home Интерпретација Што точно означува интерпретација на наследството и како се полага CIG курсот

Што точно означува интерпретација на наследството и како се полага CIG курсот

1,367 views
0
Сте се запрашале ли зошто некоја посета на музеј, изгледан филм, ислушана песна, попатно купено јадење додека трчате на тура на археолошки локалитет или пак одреден туристички водич некаде во светот ви пренел информации кои ги паметите и денес? Што е тоа што било поразлично и ви оставило голем впечаток да и после толку многу години ги прераскажувате случките кои ви останале во толку свежо сеќавање? Објаснувањето е многу поедноставно, отколку што мислите.

Од 2019 наваму ми се случија толку многу работи на полето на интерпретацијата на културното наследство, што еве и по две години се мислам како да го започнам овој текст. Веќе неколку години сум член на Interpret Europe – Европска Асоцијација за интерпретација на културното наследство, каде делувам индивидуално, но делуваме и со ХАЕМУС којашто како организација уште од самите почетоци на постоењето ги применува принципите на интерпретацијата на наследството.

Во меѓувреме додека се мислев како да почнам да пишувам за интерпретацијата на наеследството, се оддржа и првиот курс за CIG (Certified Interpretive Guide) во Скопје, кој по 5 напорни денови и 40 часа обука, заврши на 01.11.2019. Домаќин и организатор на овој курс беше Музејот на Македонија со финансиска поддршка од Министерството за култура, во рамките на Деновите на европско наследство. Проектот го водеше м-р Нада Андоновска, која е во исто време и координатор за Македонија во Interpret Europe.

Во текот на сите пет дена на курсот, околу 13 учесници работевме со Valya Stergioti од Грција како тренер на многу широка и темелна презентација на наследството со сеопфатни вежби кои се одвиваа во Музејот на Македонија и неговата околина, Музејот на старата чаршија и во Археолошкиот музеј. Групата на учесници се состоеше од луѓе вработени во музеите, националните и локалните институции од целата држава, како и од националните паркови и граѓанските организации.

Постоеше одлична, скоро совршена рамнотежа помеѓу презентацијата од страна на обучувачот, како и дискусиите, размената на мислења и паралелните работни вежби кои ги реализиравме и во затворен и на отворен простор. Голема среќа е што времето нѐ послужи многу добро, иако беше крајот на ноември. Како место каде што вежбавме на отворено беше избрано платото пред националниот музеј. Одлично се забавувавме и уживавме во предизвикувачките игри, повторно откривајќи го повеќекратното значење на избраниот феномен (стручно именување за одредена природна или културна атракција). Откривме дека некаде помеѓу уникатното дрво „Молика“ (ахам, во срцето на Скопје „шушка“ молика и тоа пред Куршумли ан), оригиналните споменици од отоманскиот период и мермерните антички римски артефакти поставени на самото плато, лежат скриени приказни што може и треба да се толкуваат на десетина различни начини. Оти нели, како што велеше мојата покојна баба „секое седиште има свое гледиште“.

Откривме дека користејќи различни реквизити и алатки преку најразновидни средства и медиуми, скоро секоја тема може да се поврзе со универзални вредности. Начинот на кој ги избираме нашите зборови може да им овозможи на посетителите поголема инклузивност во толкувањето и да ги охрабриме подоцна да ја користат сопствената фантазија за наследството што го виделе. Практичната работа, дискусиите, (само)евалуацијата и особено критиката на избраните и презентирани теми на крајот од курсот беа високо (о)ценети од сите нас. Моите впечатоци од првиот CIG курс на Interpret Europe во Македонија ги објавив на крајот од 2019 во списанието коешто асоцијацијата го публикува на квартално ниво.

Преку интензивен петдневен курс проследен со дузина интерактивни работилници и многу конкретни методи (јас инаку мразам млатење празна слама т.е. зборување „од шупље у празно“), се учат вештините како да се создадат подлабоки врски помеѓу публиката од една страна и од друга страна, предметите или локалитетите коишто се презентираат. За да може учесникот вистински да стане овластен водич за толкување на наследството преку овој CIG курс на Interpret Europe и да добие сертификат за водич толкувач, потребни се 100% присуство на обуката, а притоа кандидатот мора да положи писмен тест, практичен испит и да даде конструктивна критика за сопствената изведба. Поточно, за го демонстрира своето новостекнато знаење на крајот од обуката, кандидатот преку перформанс за интерпретација изведен во живо пред целатата група од курсот, создава некоја своја интерпретациска тура преку којашто ќе покаже дека ги познава и научил во пракса да ги применува принципите на интерпретација на наследството. На крајот, откако ќе заврши курсот, кандидатот треба да подготви семинарска работа според упатствата на тренерот. Имајте предвид дека овој курс не ја заменува лиценцата за туристички водич според важечките законски прописи, ниту музејската категоризација на работата, но нуди дополнителни знаења и вештини многу лесно применливи во реалноста. Овој основен курс (бидејќи ги има и многу други) најчесто се препорачува за луѓе кои веќе имаат искуство со водење на посетители.

Да се здобиеш со титулата CIG, т.е. „сертифициран водич за интерпретација“, спаѓа во доменот на неформалното образование. Но во исто време тоа претставува и одлична бизнис алатка со која што ја зголемуваш видливоста за својата работа, бидејќи се разликуваш од дузината навидум слични модели поради уникатноста на својата презентација којашто учесниците на некој настан каде што си презентирал, ја паметат доживотно. Interpret Europe како асоцијација, оддржува курсеви за толкување на наследството ширум Европа. Овие курсеви се развиени преку долгогодишна работа низ неколку меѓународни проекти, а наменети се пред сѐ за музејските водичи, персоналот кој ги опслужува природни паркови, туристичките водичи, но и сите оние кои имаат можност лично да го претстават културното или природното наследство пред посетителите.

Веројатно и затоа ми беше многу лесно да ги сумирам впечатоците откако го изгледав македонскиот документарец „Медена Земја“, кој беше номиниран во две категории за Оскар. Текстот кој може да се прочита на мојот сајт толку многу го бендиса целата екипа на „Медена Земја“, што повеќепати беше споделен од страна на нивниот PR тим на сметките на социјалните мрежи кои ги поседува овој бренд. Не направив ништо особено за да ги преточам емоциите во текст, но познавајќи ги начелата на интерпретацијата истите ги применив во дело коешто имаше ефект врз читателите.

Нешто подоцна бев замолена од менаџментот на Interpret Europe да напишам краток текст за два бренда на ХАЕМУС кои требаше да бидат поместени во публикацијата “Fostering communities through heritage interpretation“. Се работи за прирачник во кои беа вклучени “Денот на Баба Марта” и “Scupini Romani“, долгогодишни проекти на ХАЕМУС кои послужија како репер за примена на добри практики во културното наследство на Балканот. Тоа беше и причината за дузина мои гостувања по медиумите, вкучително и во утринските програми на двете национални телевизии МРТВ1 и Телма. На гостувањата се надоврза и големата награда којашто во тој момент ја добивме со ХАЕМУС од Советот на Европа и Европската комисија за „Денот на Баба Марта“ како една од најдобрите европски приказни за 2020 година.

Некојпат кога Interpret Europe има големи кампањи преку кои сака одново и на поинаков начин да го поттикне откривањето на културните атракции на локално или на европско ниво, се случува да ми се обрати лично на мене или пак на ХАЕМУС да се вклучиме и да споделиме на социјалните мрежи дел од нашето богато македонско културно и природно наследство, бидејќи ХАЕМУС како организација е многу активна на полето на интерпретацијата и пред сѐ визуелизацијта на нашето наследството.

Заклучок

Од лично искуство како професионалец кој многу години работи со менаџирање на нашето културно наследство, но и како туристички водич кој работи на промоција на истото тоа наследство, ќе ви кажам дека не е сеедно ниту воопшто наивно на кој начин се воспоставува комуникација со посетителите и на кој начин се пренесуваат податоците за наследството, без тоа да ги повреди или искриви вистинските историски информации. Се работи за цела една наука којашто започнала да се развива во САД пред околу половина век и се вообличила како интерпретација на културното наследство која има своја методологија и различни школи по светот.

Ако сакате да бидете најдобри во толкувањето на наследството, тогаш мора да научите од најдобрите. Затоа ја користам оваа можност да се заблагодарам на Interpret Europe што ми даде шанса да се обучам на начин преку којшто можам да ја претворам мојата креативност во незаборавно искуство за наследството пред било кој посетител, турист или едноставно мои пријатели со којшто сме прошетале некое попладне низ Скопје, а во нивните сеќавања тоа останало како извонредна случка само поради една причина, затоа што сум успела да ги имплементирам сите принципи на интерпретацијата на начин коишто тие таа прошетка ќе ја паметат доживотно како искуство.