Home Антропологија Како се создаваше ХАЕМУС

Како се создаваше ХАЕМУС

3,014 views
0

Haemus Journal

Се започна во пролетта 2012 година, кога со колеги почнавме да разговараме околу идејата за создавање на стручно списание кое би било достапно на интернет во согласност со принципот на слободен и отворен пристап. Поради отсуството на соодветни публикации, сметавме дека ова списание треба да биде посветено главно на историјата и археологијата на Балканскиот Полуостров, но, исто така би опфатило и широк спектар на интердисциплинарни области блиски на овие две науки. Тргнавме со цел е да ги собереме колегите академици од балканските земји, и од една обична идеја, добивме огромна подршка од колегите од целиот свет. За кратко време се основа редакцијата со рецензентите и едиторите кои се состојат од научници што доаѓаат од различни универзитети и истражувачки институти во светот. Се надеваме дека различни профили на соработници, како и членовите на Бордовите (Рецензенти и Едитори) кои се занимаваат со различни теми и аспекти, ќе им помогнат Haemus Journal да се акредитира како стабилно списание кое може да послужи како извор на знаење на Балканскиот Полуостров низ вековите.

HAEMUS Journal – Call for Papers 2012

Haemus Journal е академско електронско списание чија содржина се состои од објавување на статии кои се занимаваат со прашања и предизвици во областа на историјата и археологијата, но, исто така и архивистиката, конзервацијата на културното наследство, музејските студии, и студии од други сродни области. Затоа, одборите на списанието вклучуваат историчари, археолози, архивари, куратори, историчари на уметноста, едукатори, и библиотекари.

Haemus Journal http://haemus.mk

 

Хаемус – Центар за истражување и промоција на културата

Потоа некои добронамерни луѓе кои не познаваат и нас и нашата работа, не посоветуваа дека мораме да имаме одреден кредибилитет кој ќе стои позади ова списание. Бидејќи Haemus Journal e независен проект, а ние доаѓаме од различни научни институции, неколку месеци се думавме која би била најдобрата опција што би го подржала ова списание. Така почна да се раѓа идејата за создавање на еден центар за истражување, на кој подоцна му ја додадовме и формата за промоција на културата. бидејќи неспомено овие две работи се испреплетуваат и надополнуваат. Центарот за научно истражување и промоција на културата – Хаемус беше создаден во ноември 2012 година и тој опфаќа широк дијапазон на активности, почнувајќи од археолошки и историски истражувања, преку публикување на материјал, менаџирање на културните ресурси, едукација, па се до промоција на културното наследство која во една од своите гранки го допира и туризмот. Центарот е замислен да ги собере на едно место истражувачи на Балканот создавајќи платформа која понатаму ќе се надоградува, разгранува и ќе отвори место за работа и соработка на многу луѓе.

Haemus at E-society 2012

Уште на самиот почеток, дел од основачите и членовите имаа можност да присуствуваат во името на Хаемус на интернационални конференции, јавни дебати и да бидат вклучени во неколку помали проекти. Беше воспоставена и соработка со огромен број на домашни странски невладини и владини организации, ако се има во предвид дека менаџирањето со културните ресурси е долготраен процес кој вклучува и активира оргромен број на партиципанти и субјекти за реализација на одредени проекти.

Во рамките на самиот центар освен секторот за публикација и промоција, кон крајот на 2012 година се формираше и УНЕСКО клубот. Упатувам/е голема благодарност до луѓето од Министерството за култура на Република Македонија кои ни излегоа во пресрет за оваа наша идеја. УНЕСКО клубот на Хаемус е замислен да функционира во склад со нашите активности и со начелата на УНЕСКО, а првата активност на овој клуб е едукативна стручна прошетка со посета на локалитетите Виминациум, Лепенски Вир и Ромулијана, која се наоѓа од 2007. на листата на културно наследство на УНЕСКО.

Повеќе информации за турата тука

Зошто името HAEMUS?

Името HAEMUS е избрано со цел да се покрие територијата на Балканскиот Полуостров низ различни праисториски и историски периоди, со непристрасен концепт и без оптоварување со политика и други неакадемски агенди. Содржината на списанието се темели на чисто академски истражувања, а активностите на Центарот се во согласност со највисоките стандарди на истражувањето, професионалното издаваштво и промоцијата на културното наследство.

Центарот за истражување Хаемус и списанието Haemus Journal немаат класично лого, туку грб изработен од хералдот г-дин Јован Јоноски, претседател на Хералдичкото Здружение на Република Македонија. Грбот, кој е заштитен со закон, изработен е во согласност со херадичките принципи во форма на штит со зелена и жолта боја на кој е претставен бел грифон кој држи жолто перо, качен на карпа, чиј графички приказ верувам дека понатаму ќе се менува и визуелно усовршува.

Официјалниот грб на Хаемус
изработка: Јован Јоноски, хералд 

Активности (линк)

Покрај моменталната понуда за едукативна ексурзија на некои локалитети кои се под заштита на УНЕСКО, за многу кратко време на интернет ќе се појави и првиот број на Haemus Journal кој е веќе спремен за објавување. Исто така во припрема за публикација е и мојата магистерска теза, што ја одбранив во Белград во 2011 година, а во план се публикување и на други магистерски и докторски тези, како и различен едукативен и промотивен материјал. Набрзо би требало да има и серија на интересни предавања од наши колеги кои се занимаваат со историјата, археологијата и културното наследство. Сите активности на Хаемус може да се следат на официјалниот веб сајт кој е придружен со свои адекватни сметки на Facebook, Twitter, Scribd, Academia.edu, Flickr и You Tube

Како за крај или нов почеток 🙂

Се читаме на интернет, но се гледаме во живо на многубројните настани и активности кои ни се во агендата за 2013 година. Следете не и слободно приклучете се на начинот на кој сметате дека можете најмногу да придонесете да го зачуваме и промовираме нашето заедничко културно наследство.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here