ИКОМОС (ICOMOS) е меѓународна организација, поточно Комитет за Споменици и Места/Локалитети, формирана во 1964 во Варшава, денеска со седиште во Париз. Таа е професионална асоцијација која се грижи за конзервацијата, заштитата и промоцијата на местата означени како културно наследство насекаде во светот.
Од 1982 година под покровителство на УНЕСКО, секоја година на 18 Април се прославува т.н. Интернационален ден на ИКОМОС, кој годинава ќе биде одбележен со темата ‘Културното наследство на водата‘ Водата е еден од клучните ресурси за живот на нашата планета и во нејзина близина е подигната различна материјална култура во форма на објекти, технологија и места, но таа исто така е катализатор и за развојот на значајни културни практики (обичаи, обреди) кои се генерирани во духовното културно наследство како трајни вредности. Затоа културното наследство на водата не се однесува само на технологијата и архитектурата кои човештвото ги развило за да го менаџира, управува и ужива својот живот, туку и на сите оние нематеријални вредности кои ги обликуваат нашите верувања и обичаи.
Во прилог предлагам да го консултирате текстот The Cultural Heritage of Water на Dr Susan McIntyre-Tamwoy во надеж дека свеста за културното наследство ќе ја подигне и нашата еколошка свест, бидејќи природата е онаа во која се спомениците вгнездени, а земјата е работната околина на археолозите и првото нешто со кое доаѓаат во контакт пред и за време на ископувањето на одреден локалитет.
Македонскиот огранок на ИКОМОС во кој и самата членувам, секоја година се придружува кон прославата и на 18 Април го одбележува меѓународниот ден на спомениците и локалитетите. Не сум упатена дали годинава ќе има некоја активност на овој ден, но со оглед на светите места покрај вода кои ги поседуваме, можеби не е лошо за почеток да почнеме да правиме нивен список. Пред тие вистински да изчезнат од лицето на земјата во трката со технологијата.