Материјалната култура е елемент врз кој во голема мера се темели археологијата и како таква е основниот извор на знаење за општествата од минатото и од сегашноста. Но археологијата како наука може да биде сфатена и како знак, стил, идеологија, митологија, друштво, текст… Ова последното е веројатно и најпроблематичниот став, најмногу поради тоа што самата историја на археологијата во голема мера се темели на отсуството на писмо (записи), а најмногу врз присуството на предметите.
Кога ќе се пронајде еден артефакт на археолошко ископување, тој веднаш се документира. Покрај фотографија, обавезно му се земаат должината, ширината и висината. Но сите археолози по ископувањето всушност ја забораваат и четвртата димензија на артефактот. Таа димензија не зборува, но ни покажува каде е местото на тој предмет во долгиот континуум од човештвото и колку може да биде долга човечката меморија. Времето е релативно, исто како и нашите мисли, додека предметите се конкретни. Концепцијата предмет -> време тогаш би ја опфатила обсервацијата – дека предметите имаат две природи. Онаа која ја гледаме и допираме, и онаа која стои во позадината на оваа перцепција.
Ако е времето четвртата димензија, тогаш веројатно петтата би била концептот за неговото создавање. Така синтезата на еден археолошки запис ќе се состои од место, време и човек. Зад секој предмет стои човек кој го создал. Во отсуство на историски записи, неговата спиритуалност и мисли се заробиле во него и оставиле доволно отпечатоци во реалниот свет за да бидат дешифрирани. Но постои еден недопирлив дел од материјалното наследство кое го генерира она допирливото и низ чија иницијација се постигнува нивна сублимација. Релацијата помеѓу недопирливото и опипливото културно наследство е нераздвојна. Вистинското депо за едно наследство всушност е човечкиот мозок, а телото е само инструмент со кое тоа стапува на сила и се материјализира. Кога сме веќе кај телото, како посебна тема на мој интерес во овој контекст е: ,,Човечкото тело низ историјата како културно наследство“, но видена низ призмата како процес на инкорпорирање на нематеријалното (умот) во материјалното (телото).
Ако историјата делумно и во ограничена мера може да ни одговори на прашањето “Кои сме ние”, тогаш археологијата дефинитивно во многу поголем обем а со многу помала контроверзност, ни кажува “Кои не сме ние”. Но нели доблеста беше во различноста? Или можеби во сличноста … Или само не потсетува на тоа дека културните разлики се она што не прават “луѓе”.
антропологија на човечкиот ум од археолошки аспект.