Home Антропологија Праисториските дами од Македонија

Праисториските дами од Македонија

2,003 views
0

Од жената – мајка произлегло се – од човекот до светот. Под нејзина моќ се сите космички елементи и категории. Од неа се се создава и во неа се завршува, за повторно од неа се да се препороди. Мајката – земја повторно го оживува и го пораѓа покојникот. Таа е самата куќа. Садот е нејзината утроба, земјата (теракотата) е нејзината карактеристика. Во дамнешните времиња жената била заштитничка на биолошката репродукција и како таква била љубена, обожувана и почитувана. Така е денес, а така било и во далечното минато.

Доказ за тоа ни представуваат праисториски антропоморфни фигурини кои се обично пониски од 10 см., обликувани во вид на стилизирана човечка фигура, која (со ретки исклучоци) прикажува – жена. Правени од керамика можеби се наоѓале во светиот дел од куќата и во нивна чест се вршеле религиозни обреди. Персонификацијата во представата на жена не е нималку случајна. Овие фигурини се обидуваат да ни представат концепција на еден се уште недоволно објаснет сегмент од спиритуалниот живот на праисторискиот човек.

Впечатливите и убави Неолитските дами (6500 – 4800 год. пред. н.е.) се во стоечка или седечка положба, представени столбовидно, но и како цилиндрични фигурини поставени на модел од куќа. Честопати имаат препотенцирани колкови, стомак, бедра и гради, за сметка на рацете, подколениците и главата кои можат (но не мораат) да бидат упростени или изоставени. Рацете често им стојат во пределот на стомакот и гениталиите акцентирајќи го нивното значење, а главата и лицето се упростени, при што најдоминантен е носот. На археолошките локалитети, откривани секогаш во просторот на куќата ни рефлектираат духовна димензија поврзана со нивните верувања која поминала низ разни видови на метаморфози, и посебно кај неолитскиот човек како ненадминат мајстор на своето време, успеала да создаде и олицетвори еден можеби наизглед симпатичен модел на своите верувања.

Минијатурните женски фигурини од Енеолитот (4800-2500 год. пред н.е.) исто така се изработувале од керамика и представуваат продолжение на неолитските традиции. Нивното тело (во исправена или во седечка положба) е надополнето со орнаменти изведени во техниката на врежување во свежа глина. Не е исклучена можноста дека овие врежани декорации го одразуваат тогашниот обичај на орнаментирање т.е. боење или тетовирање на телото.

Представувајќи ги главите на праисториските дами, анонимните мајстори понекогаш им давале иконографски и пелеоетнографски белези, притоа обликувајќи ги тродимензионално. Освен акцентираните женски атрибути, внимание привлекуваат накитот во форма на белезици и ѓердани како и фризурите и деловите од облеката кои на себе ги носат овие прекрасни дами. Иако не постојат суштествени разлики во представувањето, сепак е забележлво дека неолитските фигурини се без облека или се делумно облечени, додека енеолитските се воглавном со назначена облека.

Претставите на бремени жени како носители на животот на идните поклоенија се исто така неодминливи, но најмистериозниот дел се должи на честата фрагментираност на овие статуетки. Некои од археолозите сметаат дека тие биле ритуално кршени поради обавување на некои специфични обреди, носејќи желба и порака за плодност, успешен и лесен пород, како за мајката – родилка, така и за мајката – земја.

,,Праисториските дами од Македонија” можете да ги видите на истоимената изложба која веќе два месеца трае во Музејот на Македонија, а ќе биде отворена се до октомври. Деведесет и пет праисториски дами од периодот помеѓу шестиот и средината на третиот милениум пред н.е. ги поврзува една меѓусебна идеја – жената како сегмент од богатиот духовен живот на нашите предци.

Авторот, воедно и организатор на изложбата, археологот Ирена Колиштркоска Настева вели: ,,Сите фигурини се направени рачно, од добро прочистена глина, а по обликувањето се добро испечени, на температура од 900˚ С – 1000˚С. Изведени со силен творечки дух, секоја од нив е уникатна, иако по стилско-типолошките анализи честопати наликуват една на друга. Речиси не постои истражена куќа од неолитот и енеолитот во која не е откриен идол на жена. Жената преточена во симбол, обликувана во фигурина, мултиплицирана во разни варијанти, укажува на тоа дека таа била многу почитувана во сферата на тогашниот општествен поредок, а нејзиниот придонес во заедницата бил особено почитуван”.

Почнувајќи од праисторијата ни се отвора еден период каде креативното разбирање на луѓето за материјалниот свет се преточило во естетски сфаќања за духовната димензија. Лишено од историски записи, развило необичен дескриптивен принцип, а на вас останува да откриете дали можеби тоа била само имагинација на две популации кој тајните на минатото засекогаш ги понеле со себе?

Текстот беше напишан по повод изложбата ,,Праисториските дами од Македонија” која беше поставена во Музејот на Македонија во 2005 година. Рецензијата беше нарачана и публикувана во списанието ,,Мој Дом”.

Клучни зборови: , , , , , , , , , , , , , ,

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here