Home Придонеси на Википедија Арабати баба теќе

Арабати баба теќе

4,055 views
0
На порталот на градот Тетово, информацијата за споменикот на културата  Арабати баба теќе во Тетово може да се најде на албански јазик, но не и на македонски. Решив за овој текст да не ја искористам литературата која ја имам дома, туку написите од интернет.

Од податоците кои може да се пронајдат на Интернет, бектешкото теќе Арабати-баба, во кое е сместен Музејот на тетовскиот крај:

Претставува еден од најзначајните објекти од овој вид на Балканот. Арабати-баба теќе се наоѓа на периферијата на Тетово во непосредна близина на станицата од патничката жичарница Тетово – Попова Шапка. Според податоците во Теќето живееле околу 15 дервиши, на чии чело стоел старешина – баба. Дервишите биле прочуени како благородни, мирни и гостољубиви луѓе. Теќето се викало Арабат затоа што навидум неговиот основач бил сиромав човек со скината облека по име Алија, а така облечените луѓе Турците ги викале арабат. Поради тоа теќето го добило името Арабат-теќе.

Од сајтот My Tetovo

Музејот на тетовскиот крај кој е надлежен за Теќето (како и многу други македонски музеи) нема свој web site, па така одсуствуваат елементарните податоците за овој архитектонски објект. Можеби еден од најдобрите написи за теќето го има направено M. Цветановска:

На излезот од Тетово кон Гостивар, во подножјето на планината Шара, сместено е дервишкото Арабат Баба или Серсем Али Баба теќе. Теќето е изградено во втората половина на XVIII век од Реџеп паша и неговиот син Абдурахман паша кои се спомнуваат и во врска со изградбата на Шарената џамија во Тетово, како и Тетовското кале.

Постои и теорија според која градењето на теќето било започнато од страна на Серсем Али баба. Теќето претставува комплекс од верски објекти, групирани околу турбето (гробот) на Серсем Али баба, дервиш кој припаѓал на редот Бектеши. Од овие објекти денес се сочувани: шадрван, богомоља, турбе, кула, чешма, кујна-трпезарија; гостински конак; дервишхане; харемлак.    

Во текот на 120 години, во теќето живееле бектеши кои ги учеле тајните на својата секта која е една од најзначајните меѓу повеќе од дванаесетте познати дервишки секти. Дервишите се познати по нивниот посебно негуван култ кон починатите баби и шехови. Еднаш во годината, во спомен на имамот Хусеин и неговото семејство кои биле заклани во Кербери, Сирија, дервишите ја вршат богослужбата во чии рамки е и молитвата која се одвива со ритмичка музика и движења, при што тие, спомнувајќи го бога и нишајќи се лево-десно, напред-назад, паѓаат во мистичен занес и на крајот се бодат со игли и други остри предмети по телото.

Активниот дервишкиот живот во теќето се задржал до 1912 година. Во 1941 се обновил се до 1945 година кога теќето целосно е напуштено.

Денес во комплексот на теќето е сместен Народниот музеј на град Тетово.

Народот пак раскажува…
Али Баба бил турски министер кој од верски побуди се откажал од почесната должност и удобниот живот и решил да се посвети на дервишкиот ред бекташи и нивниот аскетски живот. При напуштањето на положбата, Султанот го прекорил со следниве зборови:- Кога си серсем (будала)-оди си. Оттогаш Али Баба го добил прекарот серсем.

Али Баба-Серсем решил да го напушти Цариград и заминал во Тетово, каде останал до крајот на животот, придружуван од четири ученика-приврзаници на неговото верско учење. По неговата смрт, само ученикот Арабат Баба останал во градот, додека другите тројца си заминале. По некое време Арабат Баба здогледал дека на едно место во дворот гори кандило кое претходно никој го немал поставено. Тој веднаш се досетил дека тоа е душата на неговиот учител Серсем Али Баба. Без многу да размислува и двоуми, решил на тоа место да подигне тулбе каде бил поместен гробот на учителот, а во неговата непосредна близина подигнал и теќе посветено на Серсем Али Баба.

Превземено од culture.org.mk

Арабати Баба Теке за време на превирањата во Македонија на почетокот од XXI век беше завземено од терористите. Во борбите покрај делумното уништување на Шарена Џамија, не беа поштедени ниту Текето, а богами ниту Тетовското Кале.

Оваа година во програмата на Националниот конзерваторски центар (екс Републички завод за заштита на спомениците на културата) чиј директор е Метин Изети, во програма на Министерство за култура за 2007 година влезени се и Шадрванот во Арабати баба теке, како и самото теке во чии рамки на проектот ќе бидат извршени непоходните конзерваторски зафати.


Да се надеваме дека теќето ќе блесне во сиот свој сјај.


Дел од сликите се најдени преку search engine-от Погодок, дел се позајмени од блогот на Јане, студент по архитектура во Скопје, а последната слика е од мојата лична архива.

Поради одредени нејаснотии во врска со именувањето, во постот ги употребив обата термина, теке и теќе. Во текстот кој го поставив на Македонската Википедија, сепак се решив за називот Арабати баба теќе.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here