Дома Светот од камен Работилници

Работилници

Приказни врежани во камен
Серија работилници за камени алатки и праисториска технологија

Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“ – Скопје, во текот на месец февруари 2014 год., организира серија работилници за камени алатки и праисториска технологија.

Назив на работилниците: Праисториска технологија и артефакти од камен
Предавач: Димитровска Василка, магистер по праисториска археологија
Локација: ќе следи дополнително инфо
Траење: еден месец, 4 работилници по 2 часа
Партиципанти: 6 – 8 на една работилница

Раздобјата од развитокот на човекот се именувани според материјалот од кој биле изработени орудијата. Периодите од праисторијата во светот и кај нас, како што ни покажуваат нивните имиња, претежно се темелат на камените ракотворби. Сепак, и покрај тоа што терминот камено доба значи дека има присуство на камено орудие, со исклучок на старото камено доба, керамичката продукција и орнаменитика кај садовите секогаш била најмеродавна за културно-хронолошкото дефинирање.

banner-workshop-stories-written-in-stone

Една археолошка збирка покрај сите останати ракотворби во себе го вклучува и литичиот/камениот материјал како една од основните компоненти за економијата на човекот во праисториските периоди. Од оваа суровина биле изработувани орудија, оружја и ред други утилитарни, украсни и култни предмети. Литичката збирка генерално може да се подели на артефакти кои се делкани (анг. chipped) од одреден тип на суровина, мазнети (анг. ground/polished), и алатки со груба, абразивна (анг. grind/abrasive), но не и намерно обработувана површина.

Работилниците претставуваат надополнување на академската програма на факултетот по археологија и се насочени кон запознавање на студентите и партиципантите со теориските и практичните аспекти на анализата на камените артефакти. Опфатени се категориите: анализа на суровините, технолошка, типолошка и функционална анализа на артефактите, статистичка обработка на податоците и интерпретација на резултатите од анализата.

Тема 1: Вовед во светот на праисториските алатки;
Тема 2: Основни принципи и критериуми за петролошка, технолошка и морфолошка анализа на артефактите од делкан камен;
Тема 3: Основни принципи и критериуми за петролошка, технолошка и морфолошка анализа на артефактите од мазнет камен и абразивни орудија;
Тема 4: Работа со камен материјал и препознавање на праисториските алатки од локалитетот Цоцев Камен врз база на површинскиот материјалот собран од студентите од 4 година по археологија.

Поради тежината на тематиката, учеството е ограничено на 6-8 партиципанти по работилница, со претходна најава. Присуството на студентите по археологија е бесплатно и при регистрација потребно е да се носи индексот. За студентите од други институти и факултети, како и за оние кои се заинтересирани на тематиката за камените артефакти, се плаќа партиципација од 150 мкд. по работилница на лице место. Сите заинтересирани можат да се обратат на contact@haemus.org.mk.

ПРЕВЗЕМИ АПЛИКАЦИЈА

Препорачани текстови:

Вовед во научна анализа на камените алатки – http://goo.gl/WMjjAG
Палеолит (1) – зошто пештери и поткарпи? – http://goo.gl/yv3uNQ
Палеолит (2) – седиментите во пештерите и промените на климата – http://goo.gl/E7Ii4J
Палеолит (3) – како до мултидисциплинарен приод – http://goo.gl/HHTO43
Преглед на хоминидите и алатките кои ги користеле во палеолитот – http://goo.gl/66YJaC
Експерименти: Автентична копија од неолитска тесла – http://goo.gl/tUygpB
Абразивните алатки во вашиот дом – http://goo.gl/AGNWo