Периодот од Божиќ до Ноќта спроти Водици, поточно од раѓањето на Христос, преку неговото Обрезување на Василица, па се до Крштевањето (Богојавление) е познат како некрстени или погани/пагани денови. Затоа Шекспировата позната драма Ноќ спроти Водици не случајно го носи тој назив. Во претхристијанската традиција овој празник се сврзува најмногу со богот Дајбог (Дажбог). Според верувањето, ноќта спроти празникот точно на полноќ, на глуво доба, се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекале тој час Бог им ги исполнувал желбите.
Независно од религијата, видеото е доказ зошто треба да си ја чуваме традицијата.
Почетокот на јануари е најфреквентниот период од годината кога се извршувале обредите (магиски и практични) во Македонија. Посебно во т.н. ‘некрстени денови’. Се изведуваат обредни традиции и секакви метании стари стотици години, за да се истераат лошите духови и годината да ни биде среќна и бериќетна. Особено е тоа изразено во руралните средини преку магиските обреди за плодородието. Сите семиотички и компаративни анализи укажуваат на феномени, од кои некои се специфични за одреден етно-културен ареал.
Познатиот бугарски научник Михаил Арнаудов во една своја темелна студија на оваа проблематика, зборува за кукерските, бабугерските и бабарските обреди во врска со вршењето на бабарскиот ритуал, апострофирајќи го притоа зимскиот период.
‘Во Македонија кукерската маскарада е исклучително зимски празник: игрите се случуваат само од Коледе до Иванден, најчесто на Нова Година и на Водици“. Тој има и ра злични имиња според топономијата. Така, бабари (Битолско), василичари (Охридско), бабугери (Серско и Драмско), сурваскаре, (Горноџумајско), џамалари (Скопско). „Според Арнаудов кукерскиот ритуал е типичен за Тракија, додека бабарскиот за Македонија Тој забележува дека македонското бабарство се разликува од тракиското кукерство по тоа што на последното му се присушти церемонијални елементи (подоцна ќе дадеме опис на целиот церемонијал!) кои исчезнале од првото: така, бабарскиот ритуал не подразбира носење извесни симболични фигури, како и обредно сеење и орање. Кукерите празнуваат во пролетниот период, додека бабарите во зимскиот.’
Извадок од студијата ‘Карневалите во Македонија‘
* * *
Еден од настани во светот кој ви дозволува да бидете личност за која само границите на фантазијата се лимит, а притоа да останете анонимни, се карневалите. Постојат илјадниците карневали кои се одржуваат во светот и на територијата на Европа секоја година веќе со столетија, вклучувајќи ги и Карневалите во Македонија. Со карневалите се поврзани и маските кои се предмет на поливалентни антрополошки и културолошки студии посветени на видовите и нивното значење. Во Македонија најпознат е Карневалот во Вевчани стар стотици години, но во овој временски период до Водици карневали се одржуваат и во многу други села како Цапари, Бегниште, Мислешево …
Маските кај Македонците се појавуваат периодично и тоа најмногу за време на Божиќните празници, а посебно за време на некрстените денови на Божиќ, Василица и Водици. Потоа пред и по започнувањето на Велигденските пости – во форма на Прочка, како и вториот и третиот ден на Велигден. Тука може да се вбројат и Ѓурѓовден, селските слави и некои специјални прилики (свадби, сунети, временски непогоди).
Кратка секвенца од етно-документарниот филм на Владимир Боцев ,,Џоломари“, сниман во село Бегниште
Селото Бегниште се наоѓа во пределот Тиквешија, поточно во потпределот Витачево. Во ова село обредот се изведува во раните утрински часови, на ден Василица или на Стара Нова година, и е дел од периодот познат меѓу народот како некрстени денови. Во целокупното организирање и изведување на обредот, односно во игрите со маски учествуваат исклучиво машките членови на селската заедница. Обредот започнува во една хаотична атмосфера, симболично означена низ татнежот на ѕвонците на џоломарите, слободните, ласцивни движења и “мрсните песни”. Целото село таа василичарска ноќ бдее покрај огновите кои се запалени во сите маала во селото, при што се пијат алкохолни пијалаци и се чека утрото за да започне играта на џоломарите.
Од мултимедијалниот проект ПЛЕТ
на Факултетот по етнологија и антропологија
Најчесто обичаите на носење на маски на Балканот етонолозите го поврзуваат со култот на предците, на умрените, на инкарнацијата на нивните души кои според народното верување, еднаш годишно ги посетуваат живите потомци. Слична на оваа теорија е и онаа за аграрното магиско потекло и нивната поврзаност со божествата од старословенки карактер и старобалканските култови. Многумина проучувачи во обичајот на носење на маски гледаат континуитет на античките баханалии и дионизии, подоцна византиските анастенарии и бурмалии, додека пак трети се на мислење дека обичајот со маска има тракиски и антички корени.
Василичарски маски на Карневалот во Вевчани
* * *
Македонскиот етнос е како како хард-диск кој со текот на вековите апсорбирал кодови и ги вткал во сопствениот фолклор. Во рамките на ‘глобализацијата’, ако религијата може да ни одговори на прашањето ‘Кои не сме ние’, тогаш традицијата дефинитивно во многу поголем обем а со многу помала контроверзност, ни кажува ‘Кои сме ние’. ‘Верувајте’ во религијата, ама чувајте ја традицијата! Вистинскиот клуч за старите култури го носиме во себе. И треба да го дадеме како сведоштво, за да остави печат на времето.
Бидете живи, здрави и весели следнава година и нека ви биде среќна и бериќетна. 🙂