Наместо да се снимаат промотивни спотови за туризмот во Македонија, можеше да вложи во него и да се купи барем едно бродче кое нема да потоне на Охридското езеро. Случката со несреќата во Охрид ме натера да ги најдам постовите во кои сум мрчела за спотовите што Владата на Република Македонија ги финансираше во туристички промотивни кампањи.
Логото и слоганот од кампањата Timeless Macedonia (реплика)
Мор од лес, баш сме тајмлес и тоа до бесвест
Никој не спори дали се тие “убави” спотови, но прашање е дали ја оствариле својата цел оти не видов/чув/прочитав ефект од кампањата, ама ние сме трпелив народ, може резултатот ќе биде видлив по неколку години. Иако помина фазата со претпоставките дали и како спотовите ќе остварат комуникација со публиката (туристите), сепак не можеме никако и никаде да дознаеме како оваа реклама се одрази на економската исплатливост во сферата на туризмот? Каде се реперите и кои ги прави за да се има увид дека тоа што се вложило во една кампања, се вратило на било каков позитивен начин!? И зошто сите ние би инвестирале во една ваква кампања, кога знаеме дека тоа е последното нешто кое би го направиле пред да поставиме стабилна инфраструктура за туризам.
Оваа несреќа повторно на површина ја исфрли првата работа која треба да се стори пред да се направи промотивен клип. Инфраструктура за туризам и закони што ќе се спроведуваат, кои едноставно на оваа држава и недостасува зошто куќа не се гради од кровот, туку од основата. Бидејќи во туристичките видео спотови за промоција на Македонија, таа се нуди како природен и археолошки рај, но она што ќе го затекнат туристите на лице место – е невидена прчварница, несредени локации, небезбеден туризам.
Своевремено кога ги постирав линковите од двата горенаведени поста на мојот профил на фејсбук, се разви коректна дискусија без недоличност во коментарите, од која можеше да се извлечат неколку заклучоци. Цитирам:
– спотовите се мамка
– туристите ќе бидат прелажани
– дај боже од прва да се лизнат и насканкаат повеќе туристи, бидејќи по втор пат нема ни да дојдат.
Јас ќе додадам, некои нема ни да останат живи за да раскажат што виделе и доживеале! Оти никој после оваа случка нема да може да ги оживее мртвите, а ние си ставивме црна дамка на нашата божемна туристичка дејност која е фингирана со скапи спотови, а поткрепена со бродови кои треба да стојат на пристаништето како музејски експонати и атракција за туристите. А не да ги возат истите. Немаме потреба да лажеме, да измислуваме приказни и митови во видео промотивните материјали. Болната вистината ни е сосема доволна. За жал, со несреќата во Охрид потонаа и спотовите за промоција на нашиот туризам.
[…] Проектот Via Egnatia го следев, но за жал не се вклучив директно на терен поради кревкоста на здравјето. Информацијата ја проследив до една од националните телевизии кои направија прилог. Од веб сајтовите кои беа пуштени во оптек на интернет ги споменав страниците за археолошкиот локалитет Таор и Македонскиот Археолошки Весник. Кампањата за промоција на туризмот со малку вулгарно вметнување и надмоќност на археолошки елементи во спотовите, ја коментирав во повеќе наврати (1, 2, 3). […]