Пред повеќе од петнаесеттина години, тројца спелеолози за прв пат ќе направат една експедиција во срцето на областа Арден во јужна Франција, без да имаат во моментот претстава за вредноста на нивното откритие. Еден месец подоцна во Париз и официјално ќе биде прогласена уште една величествена пештера, како сведок на предисториската уметност. Пештерата Шове (Chauvet) откриена на 18 Декември 1994 година заедно со уште три други пештери Ласко (Lascaux), Алтамира (Altamira) и Коске (Cosquer) е веројатно еден од најзначајните археолошки локалитети декорирани со палеолитска уметност.
Повеќето од цртежите чие датирање е прилично спорно, се сместуваат во периодот околу 32-30 000 год. п.н.е. (палеолитската културата Орињасиен – Aurignacian) и нивната природна околина е толку кревка, што со посебни дозволи од Министерството за култура на Република Франција, само одредени експерти по геологија, палеонтологија, археологија и некои други сродни науки, имале шанса да ја видат оваа уметност. Француските власти размислуваат за изградба на реплика од пештерата Шове, по слична постапка како и во случајот со пештерата Ласко, во која не се дозволени посети. За оние кои не се запознаени, Ласко е одамна затворена за јавноста, а посетителите влегуваат во реплика која изгледа идентично како самата пештера. Сепак ќе се сложите дека во вакви случаи дури и најдобрата копија не може да биде поавтентична од најлошиот оригинал, кој како печат на карпите го оставиле нашите дамнешни претци. Но е подобра опција, отколку човештвоto никогаш да не ја доживее ова величествена уметност, која многу милениуми подоцна ќе се појави во еден цртеж на Пикасо.
[youtube]eNlxiJFvwUA[/youtube]
Во 2010 година, документарецот направен и продуциран од контроверзниот и авангарден германски режисер Вернер Херцог (Werner Herzog) повторно ќе го сврти светското внимание на оваа палеолитска уметност, која очигледно исполува комплексни социјални и уметнички карактеристики. Ви препорачувам да го погледнете за да го разберете светогледот на нашите дамнешни претци. Можеби ќе откриете зошто овие предисториски луѓе од Шове никогаш не насликале човечки лик, но затоа пак сликале моќни животни како мамути, лавови, бизони и мечки, кои воопшто самите не ги конзумирале како храна.
Дополнување:
* Сајтот на Шове кој содржи интерактивна мапа, направен од Министерството за култура на Франција.
* За повеќе слики клик тука