Home Археологија Политика на археолошки ископувања кај една земја во транзиција (2)

Политика на археолошки ископувања кај една земја во транзиција (2)

3,252 views
2

На почетокот од 21 век се појави еден сосема нов концепт.  Ископување на средновековни крепости, а подоцна и нивно конзервирање и реконструкција, пропратени веројатно како и до сега, без публикација на тоните наоди кои се притоа најдени. Бројни примери можат да се најдат во Самуиловите тврдини, а во поново време и на Цареви Кули, Скопско Кале, Тетовско Кале и т.н. Идејата е превземена воглавном од западните земји кои ја практикувале некаде во 19 век, за времето на т.н. Наци(стички)онал романтизам. Нема да се впуштам во елаборирање на сите аномалии кои се создаваат при реализација на овој концепт, бидејќи проблемот може да се согледа на генерално ниво. Поточно иницијалната каписла е моментот кога не се увидела потребата да се едуцираат луѓе кои адекватно ќе се занимаваат со менаџмент во археологијата, ќе менаџираат одредени археолошки локалитети и тоа ќе им биде основна работа. Овој хијатус е се уште присутен и најтрагично е што воопшто нема иницијатива да се пополни со соодветно обучен кадар. Да не спомнуваме дека неспремноста на некои македонски археолози да се соочат со печатените и електронските медиуми придонесува за збрки и гафови како од скечовите на Монти Пајтон.

Откриен е најстариот неолитски човек на Балканот и најстариот жител на Македонија.

Mоже да се очекува неолитски културен стратум, нешто како стражарница на македонските кралеви, евентуално на Персеј.

И тамам кога Македонија на полето на археологијата почна да се отвора, помладите колеги да одат низ Балканот по археолошки ископувања и да се остручуваат, се измислија т.н. лиценци за археолози, кои законски се разликуваат од добивањето на дозвола за археолошко ископување. Воведувањето на археолошките лиценци во 2004 г. беше една од највулгарните работи која принудно се вметна во археолошката пракса на една земја во транзиција. Имено, според овој член од Законот за да се добие лиценцата, покрај паричен надоместок треба да се полага испит пред комисија формирана од Министерството за Култура која подоцна дава заверен сертификат за кој не се знае кому и зошто му служи. Покрај злоупотребата на професијата археолог во едно проблематично време кога Македонија е на работ да го загуби својот “идентитет”, се поставува прашањето како може да се полагаат испити во една институција која ниту е од образовен карактер, ниту пак на археолозите им дала знаење, па од нив да го бара. Точно се знааат луѓето кои стојат зад оваа краткорочна манипулација и обид да се контролира археологијата (истите поради кои македонската археологија страда веќе со години), и за несреќа со последните измени во Законот за заштита на културното наследство од 2007 година, оваа лиценца не се тргна.

Во секој случај фајлот го поместив на независен сервер, за да биде достапен во секое време на сите заинтересирани за оваа проблематика. Во него се гледа застарениот начин на третирање на археологијата како наука и отпорот за внесување на каква и да било новина после деведесеттите години од 20 век, вклучувајќи ја и ревидираната Конвенцијата за заштита на културното наследство од Ла Валета донесена во 1992 година. Дури и имплементацијата на оваа Конвенција се одвива споро, што секако не ни е во прилог. Сепак мислам дека ќе бидеме доволно умни за разлика од Босна и Херцеговина, коja се соочи со сериозна закана, тужбата од страна на УНЕСКО за несериозниот пристап кон своето културното наследство. На таа тема босанските блогери веќе превземаа иницијатива.

Овој пост нема да го заокружам, како што тоа честопати го правам, со ниту еден заклучок. Дебатата останува отворена и со неа се засегнати сите граѓани на Република Македонија. Секој може да имам сопствен став, но не можат ниту да се избришат ниту да се пренебрегнат фактите. Впрочем да не се заборави дека сите ископувања се се уште државни и се финансираат со парите од данокот кој граѓаните редовно го плаќаат. Со тоа како засегнат субјект истите тие граѓани имаат апсолутно право за достапност на секој археолошки податок, што во форма на материјална култура, што во пишана форма која како што наведов погоре комплетно отсуствува, а е обавезна според законот.

Крај

Текстот е преработка на дел од темата ,,Transitional archaeology in transitional country“, со кој настапив на симпозиумот на Европските Археолози 2007 г. во Задар.


Kлучни зборови: , , , , , , , , , , , , , , ,

2 COMMENTs

  1. Уххх… и после толку години барем постоење на археологија во Македонија, па зарем уште ова се случува… Ќе почнам да верувам веќе во теории на заговор. Или македонците се неспособни, или се активно спречувани во постигнување на некои стандарди. Трето нема.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here