Home Археологија Романтичен нац(ионал)ист

Романтичен нац(ионал)ист

3,685 views
4

 

Имам чувство дека терминот нац(ионал)ист кај нас е сватен во погрешна конотација. Како нешто лошо, гнило, како трул отпадок. Како со текот на времето да загубил попатно неколку согласки, па во Македонија се изденачил со една не многу пријатна за споменување појава, со оглед на моменталната гео-политичка ситуација во која се наоѓаме.

Национализмот е еден од совршените калапи со кој може археологијата да се обликува во современа научна дисциплина. Тој е најлесниот начин од далечното минато да се создадат историски и национални идентитети, како што е случај со поголемиот дел од XX век, а се интензивира во последните 20-ина години. Сосема на кратко се осврнав на оваа категорија во текстовите Нацистичка археологија и Архологија на идентитетот, а во еден дамнешен пост насловен како Национализам во Археологијата – ДА или НЕ намерно поставив прашање како би бил насловот на една виртуелна монографија која би ја покривала праисторијата во Македонија – ,,Македонските цивилизации во праисторијата” или ,,Цивилизациите во македонската праисторија“. Во навидум две едноставни реченици постои голема филозофија. Во зависност од вашиот ракурс, самите ќе се дефинирате за или против ,,Национализам во Археологијата”, а потврдниот одговор на првото прашање би ве одвел директно во стапицата наречена ,,Археологија во служба на нацијата”. Поприлично е јасно дека староседелското население ниту на овие, ниту на било кои простори во светот не може да се идентификува со етничките нации кои постојат денеска. Но ваков наслов на една монографија изгледа како реклама за еден народ чија што етногенеза е претставена како резултат кој се одвивал илјадници години и на читателите им дава чувство на гордост. Ова не важи само за нас, туку за целиот свет.

За воља на вистината и археологијата и историскиот национализам потекнуваат од Европа. И настанати се скоро во исто време. Романтичниот однос кон древнините кој се зачнал во 19 век, направил од минатото таква депонија од токсични мисли што денеска имаме проблем да го исчистиме тој отпад кој одамна ги контаминирал националните традиции со политички проблеми. Тука би можеле само да фантазираме, како и што се обидуваме, дека поседуваме објективен суд за некои категории во кои спаѓа и културниот национализам.

За да се направи макар и една теоретска база за интерпретација на Археологија на идентитетот во било која држава, треба да се биде свесен дека секогаш ќе постои проблемот помеѓу идејата за една археолошка култура како етнички ентитет и вистинската претстава за неа. Денешните светски нации благо кажано, се турбо фолк ново компонирани.. А оние во минатото? Тие се тема на сосема поинаква дебата која не вклучува националистички испади.

Во последно време се случија неколку последователни настани кои самите се наметнаа како тема: Самитот на НАТО во Букурешт, ветото од страна на Грција, заканата на грчките чобани-терористи кон етникумите кои живеат на територијата на нашиот јужен сосед и интервјуто на Милчо Манчевски за грчкиот весник Елефтеротипија. Потоа дојде будењето и самоосвестувањето на народот со прашањето, а зошто македонската археологијата досега молчела и не реагирала со контрареакција на оваквиот национализм ?

Ми се виде погоден моментот да сублимирам една линија на мислење која некако се протега во позадината на Археоблог откако сум присутна на интернет, а тоа е темата за археологијата и национализмот видена преку призмата на Археологија на идентитетот. Кога пред некој ден го исфрлив постот насловен во стилот на онаа пост-модернистичката изрека ,,Дајте ми два три-податока и јас ќе ви конструирам вистина“, се обидов да го лоцирам проблемот на историската археологија како дел од Митот за националните идентитети. Поткрепена со артефакти, оваа омилена друштвена игра може да биде опасно културно поле за да се создаде ,,вистина” која ако се повтори доволен број пати, на крајот ќе стане и реалност. Премиса која ја имал Гебелс на ум додека зборувал за развитокот на медиумите.

Мое должно почитување кон професорот Предраг Новаковиќ од факултетот во Љубљана кој не само што ми беше ментор, туку е одличен стручњак на наведенава тема и многу ми помогна од еден поинаков аспект да го согледам овој панаѓур на суети полиен со национализам и поткрепен со археолошки артефакти. Ги читав неговите критички осврти, го слушав на предавањата на факултет, а бев присутна и во Задар (во рамките на симпозиумот на ЕАА) каде имаше прилично солидно излагање на дебатата Does the “Archaeology of Europe” exist?.

Еве еден негов текст во форма на интервју(1*), даден за весникот BH Dani при своето гостување во Сараево кон крајот на месец март. Интервјуто е малку подолго од вообичаените клишеа, прилично е содржајно и за сите ,,усвитени националистички глави” е одлична лекција на веќе споменатата тема.

Моќта на минатото е да придонесе во сегашноста да се игради во иднината еден виртуелен музеј на толеранција, како светска цивилизациска придобивка која припаѓа на сите луѓе. Не постојат урнеци по кои треба да се движиме – Археологијата е само орудие со сопствена методологија и во неа се е важно. Секој артефакт, секој екофакт.

Инаку за спорот на Грците во последните две децении можам да додадам само едно: Навистина некои работи треба да се коментираат. Па дури и старите изумрени народи, имале свој идентитет и свое име.

Овој текст беше поставен на Кајмак.от од страна на корисникот ribaro. За статијата можете да гласате тука.


1* – Liнкот води кон блогот на Stultitia каде е поместено ова интервју во целост, зошто на сајтот на весникот BH Dani треба да имате акаунт за да се логирате и да го прочитате.


Постови со слична тематика:

Археологија на идентитетот
Нацистичка археологија
Археологијата бара факти… а не вистината
Отсуство на доказ (не) е и доказ за присуство
Јас на вас не треба да ви се допаѓам
Национализам во Археологијата – ДА или НЕ
Турбо фолк национализам
Јас, Гебелс и мојот медиум
Во име на автентичната историја
Дајте ми два три-податока и јас ќе ви конструирам вистина

4 COMMENTS

  1. Го прочитав интервјуто на проф. Новаковиќ, и што да речам освен дека сосема се согласувам. Сепак, би сакал да видам една дебатна емисија на пример или тркалезна маса помеѓу Грчки и Македонски археолози и / или историчари каде што би било понудено заедничко научно објаснување за историјата на овие простори. Оти, ако оставите на политичариве, галиба нема да ја биде… Само, не знам колку овој момент е погоден за тоа. Опасно е денес да си археолог 😉

  2. Здраво Александар,

    Интервјуто со професор Новаковиќ е одлично. Покрај тоа што помогнал на многу луѓе (меѓу кои и на мене), тој е еден од малкуте персони кои сум ги сретнала во животот и за кои можам да кажам дека не се преоптеретени со национализам. Бидејќи факт е дека еден археолог сакал или не национализмот може да му се наметне понекогаш сам по себе дури и преку тематиката која ја проучува.

    Што се однесува до отворените дебати колку што се сеќавам еднашка историчарот Донски имаше таква идеја која им ја понуди на своите колеги од Бугарија, но тоа не се случи до сега. А за археолошки отворени дебати? Може ќе ги биде, само да се создаде доволен капацитет кој ќе понесе квантитет. 🙂

    Денеска не е опасно да се биде археолог. Напротив, кога секој трага по својот идентитет и кога насекаде по светот културното наслeдство е in, да се биде археолог е предност. Прашање е само дали оваа држава ќе го увиди тоа бидејќи податокот од 400 невработени археолози го покажува спротивното.

Leave a Reply to И во 2009 - Остваруваме археологија, ама по дома » Археолошки дневник vol.2.1/2 © Cancel reply

Please enter your comment!
Please enter your name here