На 14 и 15 ноември во Холидеј ин, во Скопје (Македонија), ќе се одржи осмата меѓународна конференција е-Општество.мк 2012. Овогодишната тема на конференцијата организирана од Фондацијата Метаморфозис е: „Отворено образование за отворено општество – Да го споделиме знаењето!“.
Конференцијата е составена од два дена, а темите ќе овозможат размена на досегашни искуства, како и идеи и препораки за развој на образованието во иднина, потпомогнато со употребата на новите технологии и концептот на слободно споделување. Ќе се разработуваат теми поврзани со отворените образовни ресурси и отворениот пристап, како и правно-институционалните предуслови за нивниот развој во државите во регионот. Исто така, ќе се анализира улогата која ја има граѓанскиот сектор во процесот на создавање ресурси кои служат за едукација, во формалното, но пред сè во неформалното образование. Сите детали за конференцијата, како и агендата и формуларот за регистрација ќе ги најдете на официјалниот веб сајт, а сите апдејти на официјалната фејсбук страница.
Јас, Волан и Вуна – дебата со блогери на E-society 2006
Од почетоците на конференцијата Е-општество во 2005.година, по четигодишно следење како публика или како учесник во дебати, некаде од 2009. година почнав да земам активно учество и како говорник, во разните сесии организирани во рамките на E-society. На овогодишната конференција ќе земам учество и како говорник, но и како модератор на две сесии. Ќе настапам во името на Хаемус – Центар за научни истражувања и промоција на културата и ќе зборувам за археологијата, културното наследство, науката и образованието на интернет, преку свои лични проекти и примери. Всушност, никогаш и не сум престанала да пишувам и да зборувам за археологијата. 🙂
Во прилог ја вгнездувам и видео белешката од мојот настап на конференцијата Е-society 2009 (I Media), Holliday Inn, Скопје, 02.12.2009.Остатокот од приказната ја има тука. Настапот вклучи монтиран видео материјал, power point презентација и текст.