Поради пренагласениот елемент на политиката, во последната деценија почнаа да се вулгаризираат културните добра кои сме ги наследиле од претходните генерации или кои настануваат во сегашноста како архитектонски отисок на едно време. Туризмот е гранка која својот развој помеѓу другото го темели врз културно-историското наследство и архитектонските објекти кои насекаде во светот се околина во која се случуваат многу настани, изложби, работилници, концерти, биеналиња и перформанси. Со оглед на раскошноста од изобилството на облици, се надевам дека туристите во Македонија ќе имаат можност што побргу да го видат ова богатство кое може да не стави на мапата на посакувани туристички дестинации, но тоа претходно мора да биде добро средено во поглед на конзевација, заштита и презентација на објектите.
Моја изјава во Фокус, број 772, 16.04.2010
Ние сме земја со огромно културно наследство за кое веројатно ни самите не сме свесни. Спомениците и објектите кои зборуваат за нашето богато минато се наоѓаат насекаде околу нас. Нивните топоними ги користиме како репери и ориентири, не знаејќи за потекло кое живее спакувано под наслагите на приказните што времето ги рони и ситни како и нивните фасади. За време на последната деценија во Скопје, а во помал обем и во другите градови низ Македонија, се создадоа исто така огромен број на споменици, објекти и институции, како современо културно обележје на нашата држава. За да бидат во иднина препознаени или вклучени во категоријата на културно наследство, треба да го поминат тестот на времето. А се дотогаш, независно дали ми/ни се допаѓаат (или не) спомениците и објектите од нашето сегашност, тие се тука и навистина наоѓам за сходно да прокоментирам јавно дека мора да бидат ‘сигнализирани’, заедно со автентичното културно наследство кое веќе го имаме. Што се подразбира под сигнализација на споменици на културата, монументи и објекти и зошто е таа потребна?
Стојам пред патната сигнализација во Старата Скопска чаршија
photo courtesy © НВО Контрапункт
Поставувањето знаци за правецот до одредени локации, вклучително и табли со објаснувања на најмалку 2 странски јазика треба да стојат покрај секој објект во Република Македонија кој е заштитен со Законот за културно наследство, или се наоѓа на некоја слична листа со различен приоритет и степен на заштита. Доколку сакате да се уверите како тоа изгледа во реалноста, сигнализацијата на Старата скопска чаршија е навистина добар пример за овој процес кој е потребно да се реплицира насекаде каде има туристи во Македонија или потенцијално се прави обид за инфраструктура во тој правец.
На овој текст ме натера секојдневието со кое се соочувам гледајќи се поголем број на туристи кои шетаат и самите го истражуваат Скопје, во неможност да добијат навремена информација кога посетуваат некој музеј, споменик на културата или објект поврзан на било каков начин со нашето културно наследство. Во отсуство на туристички брошури, мапи и каталози потребни не само за странските туристи, ами и за едукација на сопствениот народ, оваа сигнализација би одиграла доста голема улога. Иако, се сложувам дека некои топоними тешко ќе се избришат од свеста на граѓаните, бидејќи се пренесуваат непроменето со генерации.
Порта Македонија
кај народот позната како ‘Триумфалната капија кај чичко Стоилко’
Исто така еден многу важен момент кој би сакала да го споменам во овој контекст е прашањето: Зошто пред секој споменик на културата во Република Македонија нема поставено македонско знаме? Оваа постапка, одамна усвоена во земјите кои живеат од туризмот, практично ги условува посетителите да го фотографираат знамето на локалната земја каде престојуваат како туристи, бидејќи нема начин (освен со фотошоп) како би го тргнале од фотографија снимена пред некој споменик на културата или значаен објект/музеј. Со тоа едноставно се запечатува и реално и виртуално локацијата на сниманиот објект/музеј/споменик. Колку можам да си споменам, од сите археолошки локалитети, само на Скопското кале е поставено македонското знаме, но без соодветна сигнална табла за туристи кога ќе му пријдат за да се информираат. Иако знаеме дека скоро веќе 1 година не можат да го посетат Калето поради забраната од Владата на РМ.
Меморијалниот центар на холокаустот
на Евреите од Македонија, Скопје
За важни и витални прашања како природното и културното наследство на една држава, мора да се има некој објективен (колку се може) и унифициран став, без било какви политички интрузии. Оти тоа не ни припаѓа само нам, туку на целиот свет. И апелирам да се најде начин сето ова да се стори на најразумниот и најумниот начин, бидејќи факт е дека наследството ќе не надживее повеќето од нас.