Home Археологија Мојот дигитален “културен” идентитет

Мојот дигитален “културен” идентитет

3,364 views
1

Уште во 2007 година наведов Неколку примери како се дигитализира македонското културно наследство, со посебен осврт кон интернет достапноста. Постот беше поттикнат од новосоздадениот Центар за дигитална археологија и заштита на културното наследство, кој рака на срце не сум сигурна дали некогаш воопшто почна да функционира. Три години подоцна, загрижени што секој пишува за нас што сака и каде сака претумбувајќи ни ја културната историја, се презентираше нацрт-планот на националната стратегија за дигитализација на културното наследство во Република Македонија. (1, 2)

Да се визуелизира археологијата не значи само да се фотографира, туку и да помине цел процес кој вклучува на пример симулација, моделирање, обликување (со комјутер), потоа маслени слики, графики, дигитални фотомозаици кои ни ја менуваат перцепцијата и многу други работи. Еден од начините во потрага по алтернативни можности за разбирањето на релацијата визуелна слика —> физички објект е т.н. Археолошки експресионизам. Бидејќи сме одамна веќе станати визуелни општества, таа перцепција постојано се зголемува со геометриска прогресија, и наместо со текст, нашето внимание е преокупирано со слики чиј дијапазон е најразличен а го привлекуваат сите информации кои доаѓаат преку рекламите, телевизијата и интернетот. Веројатно најдобро ќе ви се разјаснат сите овие работи околу визуелизацијата на археологијата доколку го прочитате Манифестот: VISUALISING ARCHAEOLOGIES [PDF], на Andrew Cochrane &Ian Russell, во кој тие ја објаснуваат нивната долгогодишна работа на ова поле.

од мојот пост “Археолошки експресионизам – Visualizing archaeological art

Од сите написи кои ја пренесоа информацијата за националната стратегија за дигитализација на културното наследство, најинтересен ми е насловот на весникот Вечер : Хаити – опомена за побрза заштита на културното наследство. Но уште поинтересен е фактот што создавајќи нова “историја”, ние притоа ја уништуваме онаа која веќе ја имаме. Со тоа што игнорираме и воопшто не се осврнуваме кон она кое веќе постои во форма на културно богатство.

Дали можеби треба да ги набројам стотиците запуштени културно-историски споменици на кој не се обрнува внимание и кон кои се однесуваме како да имаат некоја ментална фалинка? Или можеби пак археолошки локалитети кои се копнати (со археолошки жаргон се вели сондирани) и потоа оставени за забот на (не)времето, додека ископувајќи низ Македонија се отвораат уште илјадници нови рани кои нема да можат долго да се залечат? Синџирот на заедничкото културно наледство не завршува со ископувањето/копањето на локалитетите, ами со публикувањето и презентацијата на наодите во светски размери, алки кои ни недостигаат да си го најдеме местото во богатиот свет на културните ентитети.

Последниов период се почесто ми се врти идејата за дигиталните идентитети. Во блиската иднина со уште понапредната технологија, ќе дојде време кога со дигиталните записи ќе се бришат идентитети, лични и колективни. Поточно, ако сам не се ставиш на интернет, ќе бидеш избришан од меморијата исто како и да не си постоел. Нас се уште не нема во таа меморија. Не знам што чекаме? Да се случи некоја катастрофа како на Хаити и комплетно да не збрише пред да оставиме било каков запис дека сме постоеле!

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here