Науката се базира на докази. За нашата обсервација ни е потребна документација. Сепак отсуство на доказ (не) е и доказ за отсуство … на присутноста. Археологијата бара факти, а не вистина. А јас ќе додадам, ама не било какви факти, туку арт-е -факти. Епа тогаш што е вистина, што реалност, а што наука?
Вистинска е онаа реалност која носи последици, сеедно од каков тип е таа. Тогаш какви се последиците од македонската археологија?
One thing you may be absolutely sure of – if an item does not appear in our records, it does not exist!
Madame Jocasta Nu,
Jedi Temple, Archives Library
Star Wars, Attack of the Clones
Пред некое време добив прашање од персона која не се занимава со археологија туку е книжевник – Дали во РМ има некаков закон или член според кој е предвидено времето кога еден пронајден археолошки артефакт треба да биде обработен и како таков презентиран?
Според Законот за културно наследство кој може да се симне од сајтот на УНЗК (Управата за заштита на Културното наследство) членовите 56, 61 и 62 недвојбено укажуваат на тоа дека:
Носител на дозволата за археолошки истражувања претходно добиена од УНЗК може да биде правно или физичко лице кое има соодветни научни или стручни квалификации за тој вид истражувања. По правило доколку еден археолог се наоѓа на ископување на некој археолошки локалитет, сите ископани артефакти (вклучително со екофактите) му припаѓаат на музејот, т.е. доколку тој не постои, предметите се носат во локалниот Завод за заштита на спомениците на културата. Во секој случај, според важноста на наодите, по закон се регулира и одредува нивната крајна дестинација во некоја од институциите.
Археологот пред да го напушти теренот должен е да се потруди максимално тој да биде технички обезбеден. Во рок од 3 месеци да поднесе до УНЗК извештај за извршените археолошки истражувања. Во рок од една година на УНЗК да и ја предаде финалната документација од истите. Во рок од три години да ги објави резултатите и да ги предаде движните наоди на својата матична институција или друга национална музејска установа.
Како надокнада за неговиот труд, државата му дава на археологот научно право од три години за да може наодите кој ги пронашол да ги обработи и научно публикува. Потоа наодите се враќаат во институцијата која е задолжена за нив и по закон му припаѓаат на секој граѓанин на РМ, т.е. “Грижата за културното наследство и неговото почитување е должност на секој граѓанин” (ставка 5, член 7, глава I од Законот).
Археологот кој ископувал е само една методолошка алатка во целиот процес на пронаоѓање, детектирање, ископување, презентирање и публикување на наодите од едно археолошко ископување. И не постои ставка од Законот според кој тој може да ги држи наодите 5-10 години, притоа да не ги публикува или пак да не ги даде на некој субјект заинтересиран за истите. Секое недоследно спроведување на законот, автоматски е и негово прекршување. Па не би било лошо во оваква ситуација во која се наоѓа македонската археологија со години, да видиме “само” колку пати овој закон не бил прекршен. 😉
Од друга страна, кога ќе појде еден археолог на терен, ако ископувањето не е урбано ((како што е случајот со Скопското Кале) ние треба да веруваме во неговата стручност и правилно расудување да ги толкува релевантно наодите кој ги нашол. Во светот а и кај нас постои Инспекција за заштита на културното наследство која го контролира почетокот, текот и понатамошното третирање на откриените артефактите во било кој контекст. Но не може инспекцијата да забрани личен приод и сопствено толкување на предметите, бидејќи во духот на демократската мисла, тоа е сепак научно право на истражувачот. Кој може да каже дека некој археолог не конструира сопствена вистина при обработката на наодите? Во тој случај, единствено нешто во кое можеме да бидеме сигурни, се всушност самите наоди.
Понекогаш не можеме да бидеме сигурни ниту во нив, бидејќи истражувачот ни го прикажува она што тој смета дека е валидно да биде поместено во една презентација, текст или книга. Што станува тогаш со сите оние други наоди кои говорат за вистинското место на предметот кој изваден од контекст подлежи генерално на субјективното мислење на археологот што го истражувал. Дајте ми на мене два-три податока и јас ќе ви конструирам вистина онаква каква што сакате да слушнете. Квазиархеологијата која ја нарушува вистинската контектуализација на наодите, ни се допаѓало тоа нам или не како вистина, за жал е длабоко вкоренета кај доста академски образовани археолози не само во светот туку и кај нас. Тоа е факт кој го потврди и неодамна одржаниот научен симпозиум на македонските археолози во Кичево кој секако дека може да постои и без придавката научен.
А непубликување на комплетните наоди од едно археолошко ископување е тема која е доста болна точка на македонската археологија и се провлекува незабележано со денцении. Поразителен факт е тоа што македонската археологија дури ни виртуелно не е во Европа. Дигиталната технологија на 21 век покрај тоа што ги надмина македонските архолози, дури и ги одмина во очајничката трка на научниците ширум светот да го лоцираат, документираат и презентираат културното наследство подигнувајќи веб сајтови, блогови и архиви на цели ископувања. За жал отсуството на македонската археологија не е само на интернет, туку воопшто во научниот свет.
И каде сме ние на оваа дигитална културна мапа на светот? Не нема!? Секако, уште долго така и ќе остане пред да изчезнеме од книгите на историјата врз кои одамна прашината оставила доволно трага ништо да не се распознае.
Клучни зборови: археологија, наука, докази, публикување, интернет, Македонија, archaeology, science, evidence, publishing, internet, Macedonia



