,,Сите патишта водат кон Рим” – гласи старата изрека која го глорифицира градот познат и како ,,caput mundi”. Без разлика кој пат ќе го одбере, посетителот знае дека ќе му се пружи шанса да го разгледува и да го проучува неговото историско, уметничко и архитектонско богатство. Со оглед на тоа што римската цивилизација, заедно со грчката, била колевка на западната цивилизација, ако Грците дале придонес во книжевноста, уметноста, филозофијата и духовниот живот, Римјаните биле обдарени со смисол за практичност и рационалнст, што се огледало во политиката, управата, но и организацијата на царството.
Рим бил предвиден да биде urbs, главен град на целото Римско царство. Подоцна се појавила тенденција да се прават негови копии, најпрво во Италија, а потоа и низ провинциите Хиспанија, Галија, Дарданија, Хелветија, Германија, Македонија и т.н. Замислен во почетокот со урбана шема како римскиот логор (castrum), подоцна на него ќе биде применет т.н. Хиподамусов план на градење градови. Хиподамус од Милет бил грчки архитект кој го направил првобитниот план на древната Атена. Планот опфаќал широки правилни улици кои потекнувале од две главни улици што се сечеле во центарот на градот. Паралелно оделе уште десеттина улички (па и до 50) со што се добивал план во вид на мрежа – шаховско поле. Секоја од уличките водела кон помал плоштад, а од тој плоштад уличките продолжувале да се сечат, каде на друго место, ако не на друг плоштад. И така натаму, се до главниот Форум.
Во меѓувреме изгледот на Рим се менувал, но плоштадите како место каде луѓето секојдневно се сретнувале и разговарале, не се промениле. Напротив, бидејќи граѓаните на Рим поголем дел од своето време го поминувале токму таму, почнувајќи од ренесансата тие се потрудиле да ги разубават, при што пресудна улога одиграле неколку врвни италијански уметници.
Тоа е веројатно една од напрепознатливите фонтани на Рим. Изградена е во XVII век од архитектот Никола Салви (Nicola Salvi), по налог на папата Клементе XIII (Pope Clement XII). Во средината се наоѓа статуа на богот Океан над кола која ја влечат два Тритона. Во големиот базен под него, кој претставува море, обичај е да се фрли паричка за да се вратиме во овој величествен град. Легендата вели дека ако замислиш желба и фрлиш паричка преку рамото во неа, еден ден пак ќе се вратиш во Рим. Тие кои ја посетиле веројатно најдобро го знаат тоа.
Fontana dei quatro Fiumi (Фонтана на реките)
Едно од најпосетените и најкарактеристичните места на градот Рим е Piazza Navona. Се наоѓа на просторот од некогашниот Домицијанов стадион. Во центарот на плоштадот се три фонтани, од кои онаа во средината е прочуената Фонтана на реките (Fontana dei quatro Fiumi). Била иградена 1650-51г. по наредба на папата Иноцент X од страна на Бернини и неговите ученици, како украсна основа за обелискот кој се издигнува во средината. Четирите статуи кои го опкружуваат обелискот ги претставуваат четирите реки: Ганг ја симболизира Азија, Нил Африка, Дунав Европа и Рио де ла Плата Америка. На јужниот дел од Piazza Navona е Мауровата фонтана. Првобитно работена по проект на Della Porta, подоцна ја довршиле Бернини (Gian Lorenzo Bernini) и Г. Мари. На другата страна од плоштадот е Фонтаната на Нептун. Откако Дела Порте ја проектирал, а Бернини делумно ја изградил, останала долго време недовршена. Дури во 1878 г. ја довршил Antonio Della Bitta изработувајќи ја Нептуновата статуа.
Фонтана на желките
Кога ќе се тргне по улицата Via dei Funari и ќе се пројде покрај црквата Santa Caterina dei Funari, ќе ви се отвори просторот на Piazza Matei (Плоштадот на Матеј). На него доминира ренесансната Фонтана на желките (Fontana delle Tartarughe) извонредо дело на Дела Порте. Бронзените ефеби кои во раката држат по една желка е работа на Ландини, додадена XVIII век.
Тиволи – Villa d`Este
На одалеченост од околу 30 км од Рим се издигнува Тиволи, древен град, богат со интересни сведоштва од минатото, меѓу кои се истакнува Villa d`Este. Вилата, посебно прочуена по градината и фонтаните, во 1550 г. ја изградил Пиро Лигорио. Градината се состои од две езера кои се соединети со три рибници и Фонтаната на Нептун. Стрмната падина се разгранува на мали улички со прекрасни водоскоци на Фонтаната на Змејовите (Fontana del Dragone) – сместена во првата алеа, а од страна се наоѓаат Фонтаната на Персефона (Fontana di Proserpina) и Фонтаната на Оргуљите (Fontana dell`Organo), Фонтаната на Тиволи (Fontana di Tivoli), Стоте фонтани (Cento Fontan) и Fontana Del Bicchierone на која работел Бернини. Под градините се вметнати карпи со мотиви од светот на фантазијата.
Шетајќи така низ улиците на Рим можете да ги видите уште Fontana della Barcaccia, прочуеното дело на Бернини кое се наоѓа на уште попрочуената Piazza di Spagna (Шпанскиот плоштад), потоа Фонтаната на Павловата вода (Fontana dell`Acqua Paola) која ја изградил Мадерно, па Piazza della Liberta украсена со уште една фонтана направена од Бернини и така до бесконечност можете да уживате во познатите и помалку познатите фонтани кои може да ви ја разбудат фантазијата и да ве вратат за момент во минатото. Рим е град кој бил сведок на историјата на западниот свет, но со право можеме да го наречеме уште и град на илјада фонтани. Доколку не можете лично да го посетите, употребете го вашиот интернет претражувач и со помош на имагинација – едноставно уживајте.
Доколку пак сакате во живо да им се воодушевувате на овие и на други архитектонски дела кои ги содржат тајните на Рим, потребни ви се добра воља и само еден клик до можностите кои ви ги нуди интернетот.
Фонтаните на Рим – 1, 2, 3, 4, 5