Home Археологија Шеесет и една година од скопскиот земјотрес – како пронајдовме скапоцен артефакт...

Шеесет и една година од скопскиот земјотрес – како пронајдовме скапоцен артефакт во архивата на Пивара Скопје

467 views
0

Морам да кажам дека вакви откритија ретко се случуваат, но не се невозможни. Пред две години, некаде ова време од летото, во рамките на истражувачките активности за оспособување на музејска зграда и сoпствен Experience центар, заедно со колегата Александар Маџовски од ХАЕМУС во архивите на Пивара Скопје пронајдовме вреден албум со автентични фотографии.

🖼️ Истиот албум кој го пронајдовме во тој момент беше претставен во срцето на уметничка Виена (Австрија), во музејот „Кунстхале Виена“ (Kunsthalle Wien Museumsquartier), во рамките на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ – Скопје“ (No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection). Тогаш, како стигнал овој артефакт да биде на изложба во Виена, ако оригиналот се уште се наоѓа во музејската колекција на Пивара Скопје?

📷 Одговорот е многу едноставен! Постојат повеќе примероци на овој албум од кои неколку копии се чуваат и во депото на Музејот на град Скопје. Во 1963 овие албуми ги има изработено тогашниот „Vijesnik“ од Загреб (Хрватска), веројатно од оригиналниот филм со којшто се направени автентичните фотографии. Овие фотографии сведочат за големата катастрофа од 1963 и немо илустрираат со каков предизвик биле соочени скопјани, но сведочат и за доброто срце на целиот свет, како и за силната волја на еден град повторно да се роди од своите урнатини.

📰 Нашиот текст оригинално е објавен на 26.07.2023 на сајтот на Пивара Скопје АД. Сите останатите текстови околу нашето истражувањето на историјата на компанијата, може да ги прочитате на сајтот на Пивара Скопје и на нивните социјални вмрежувања под хаштагот ХАЕМУС/HAEMUS

ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ОД СКОПСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС – ПИВАРА СКОПЈЕ ПРОНАЈДЕ СКАПОЦЕН АРТЕФАКТ ВО СВОЈАТА АРХИВА

Наточено од:
М-р Василка Димитровска
Александар Маџовски
ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата

25 јули 1963 бил убав и топол сончев ден, најтоплиот во годината. Плажите крај Вардар биле преполни со капачи. Со заоѓањето на сонцето, скопското корзо ги пречекало и пр- вите шетачи. Скопјани, како и бројните туристи, бараат освежување од летните горештини и спас од комарците. Вечерта, Радио Скопје ја завршува програмата со следната серија кратки вести:

„Денеска беше најтоплиот ден годинава. Плажите на Вардар беа преполни со капачи, но и со рој комарци, за што треба да им заблагодариме на службениците од хигиенскиот завод, кои веројатно се имуни на касање од овие инсекти. Програмата за 26-ти јули: Започнуваме во 5 часот, со музика од плочи. Ќе ја слушате мело- дијата на Шарл Азнавур – Vivre avec toi… Прогноза за утрешното време: Сончево и топло… Драги слушатели, ви пожелуваме добра ноќ.“

На 26 јули 1963, во 05:17 минути наутро, Скопје ќе го погоди земјотрес со интензитет од 6,1 степени според Рихтеровата скала. За само 17 секунди страшната катастрофа срушила 85 отсто од станбениот фонд и преку 80 отсто од културно – историските објекти кои го претставувале лицето на градот, оставајќи илјадници луѓе под урнатините, а над 200,000 луѓе без покрив над главата. Покрај тогашните знаменитости, земјотресот тешко ги оштетил и повеќето згради на универзитетот, заедно со библиотеките, лабораториската опрема, зградата на Народната и универзитетска библиотека, како и студентските домови со капацитет од 2 000 легла.

Денес само постарите скопјани се сеќаваат на изгледот на тврдината „Кале“, која претставувала симбол на градот Скопје. Пред земјотресот, само што завршувала обновата на Историскиот музеј кој бил сместен на просторот на некогашната тврдина, заедно со нови штотуку уредени плоштади. Околу Калето се наоѓале бројни стари дуќанчиња, како и новата Стоковна куќа. Сето тоа, заедно со театрите, старите куќи во некогашното Еврејско маало, биле збришани со тој кобен удар. Значајната историска документација од архивот, експонатите од музеите, како и книгите од урнатите библиотеки ги ваделе рударски екипи и одговорни граѓани, по што биле привремено складирани во дворот на црквата Св. Спас и во Уметничката галерија во Даут-пашиниот амам.

Индустриските објекти, меѓу кои и Парна Пивара — Скопје не претрпеле големи структурни оштетувања загрозувачки по нивната виталност. Веќе два дена по земјотресот, Градското собрание донело одлука за итно заживување на стопанските дејности. Меѓу претпријатијата кои набргу започнале со работа била и скопската пиварница, заедно со Стакларницата, цементарницата „Усје“, фабриката „Цветан Димов“, Металскиот завод „Тито“, „Треска“ и други. Сепак, Парна Пивара – Скопје не поминала без штети. Според изведениот увид, производствените капацитети претрпеле штета од околу 169 милиони стари динари, а штетата во поглед на репро материјали изнесувала околу 45.123 стари динари. Но, само една година по земјотресот било изведено свечено пуштање на нов производствен капацитет на фабриката — петтиот котел за варење пиво со капацитет од 200 хектолитри за 24 часа, со што производниот капацитет се зголемил од дотогашните 500 на 700 хектолитри за едно деноноќие. Во 1964 година на пробна работа бил пуштен погонот за пивски слад со капацитет од 3,5 илјади тони слад. Со оваа инвестиција тогашните раководни кадри успеале да заштедат околу 500 милиони динари. Овие мерки биле предуслов компанијата да продолжи да биде еден од столбовите на економијата во републиката и покрај тешките услови во кои се нашло Скопје.

За земјотресот веднаш почнале да известуваат сите светски медиуми. Германскиот весник „Арбајтер цајтунг“ посветил три страници на веста за земјотресот, насловена со поразителните зборови: „Тука беше еден град што се викаше Скопје“, Токму благодарение на медиумите, не само тогашна Југославија, туку целиот свет се сплотил околу Скопје. Покрај државно организираната помош од сите земји од светот, трогнуваат архивските податоци за бројните обични луѓе кои сами доаѓале во југословенските амбасади, со желба да помогнат со што можат. Се пријавувале млади луѓе, студенти и лекари да заминат на доброволна работа во урнатото Скопје. Се организирале и повеќе невладини и граѓански организации, како: швајцарската „Работничка помош“; хуманитарни организации од САД; Друштвото на пријателите на децата од Австрија; Светскиот совет на црквите; Лутерантската светска помош; Британската хуманитарна организација „Борба против сиромаштијата“; Црвениот крст и Црвената полумесечина. Така од европските престолнини кон Белград и Скопје се упатиле бројни камиони и авионски летови со храна, лекови, крвна плазма, санитетски материјали, кревети, шатори, техничка опрема како и екипи за вадење на настраданите од урнатините.

Во периодот по земјотресот во 1963 и во 1964 година биле завршени околу 14.000 станови од монтажни елементи (познати и денес кај мештаните како бараки), главно изградени од тогашните југословенски републики. Така никнале цели населби во Ѓорче Петров, Маџари, Железарница, Драчево, Козле, Жданец, Лисиче, Влае, Бутел, Пржино, Водно, Ацетиленка и Шуто Оризари. Обединетите Нации отвориле специјален фонд за обнова на Скопје, во рамките на кој бил распишан Меѓународниот конкурс за урбанистичко решавање на централното градско подрачје, на кој во 1965 победиле идејните решенија на архитектот Кензо Танге од Јапонија, како и Радован Мишчевиќ и Федор Вензлер од Институтот за урбанистичко планирање во Загреб. Со овие потфати ќе започне обликувањето на новата македонска метропола и Скопје со право го носи епитетот Град на солидарноста, за што сведочат и бројните улици посветени на земјите кои притекнале на помош.

Во 2009 година, четириесет и шест години по катастрофалниот земјотрес, во Македонија ќе пристигне Шарл Азнавур, шансониерот со чијашто песна требало да започне програмата на Радио Скопје на 26 јули 1963 година. Овојпат тој дошол како специјален гостин на Фестивалот на францускиот филм. Веднаш по пристигнувањето, тој ја посетува Пивара Скопје АД, и поради едно друго, поубаво совпаѓање. Таа година големиот француски уметник, но и најпознатото македонско пиво „Скопско“ заедно го славеле својот 85-ти роденден, во чест на што шансониерот и филмски уметник добил уникатен примерок на јубилејното издание на „Скопско“.

Пивара Скопје, како општествено одговорна компанија, учествува со сите свои капацитети во обновата на Скопје, но и со имплементација на низа проекти кои целат кон тоа да помогнат во унапредување на инфраструктурата, културниот и спортскиот живот во нашиот главен град и земјата. Покрај тоа, компанијата презеде активни чекори за зачувување и популаризирање на нашето индустриско културно-историско наследство, преку проектот за оспособување на музејска зграда и свој Experience центар. Токму во рамките на истражувачките активности за потребите на овој центар, во архивите на компанијата беше пронајден вреден артефакт кој сведочи за големата катастрофа од 1963. Станува збор за албум со автентични фотографии кои немо илустрираат со каков предизвик беа соочени скопјани, но сведочат и за доброто срце на целиот свет, како и за силната волја на еден град повторно да се роди од своите урнатини, како птицата Феникс.

Текстот е адаптиран и преработен од оригиналниот  научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за  историјатот на Парната Пивара Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје.

Фото: Архива на Пивара Скопје
Архивски извори: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ДАРМС – одделение Скопје (Архив на град Скопје), Архива на Пивара Скопје