Home Cпонзорирано Пивара Скопје одбележува 98 години од своето постоење

Пивара Скопје одбележува 98 години од своето постоење

822 views
0

Повод 98 години од своето постоење, во името на ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата, заедно со колегата Александар Маџовски наточивме еден текст со којшто го одбележуваме овој датум, важен токму поради нашето истражување.

Почетоците на производството на пиво се поврзуваат уште со самите почетоци на одгледувањето на житни култури и преминувањето од номадски во седентарен начин на живот, односно со самите почетоци на цивилизацијата. За тоа сведочат археолошките пронајдоци, првите историски записи во вид на таблички со клинесто писмо од просторот на Месопотамија, како и древните митови. Сумерците ја испеале познатата „Химна на Нинкаси“, богинката на пивото, во која што е преточен тогашниот процес на варење на пивото. Според познатиот египетски мит за Озирис и Изида, богот Озирис бил тој кој го цивилизирал народот крај реката Нил, давајќи му праведни закони и учејќи го да произведува жито, јачмен, пиво и вино. Според истиот мит, кога душата на покојникот, наречена „ка“, ќе пристигнела во задгробниот свет, Озирис ја пречекувал со леб и пиво. Познато е дека древните Хелени и Римјани не го љубеле пивото многу и наместо тоа го претпочитале виното. Но, античките извори наведуваат дека пивото било омилено кај нивните први соседи – Тракијците, Пајонците и Фригијците, односно токму народите кои ги населувале овие простори, просторите на денешна Македонија и соседните региони.

Малку е познато за производството на пиво на Балканот во текот на средниот век. Познато е дека кон крајот на 19 и почетокот на 20 век се произведувало домашно пиво „Аловина“. Во тој период започнува продорот на европскиот капитал на Балканот, при што производството на пиво главно се поврзува со австрискиот и пред сѐ, чешкиот капитал. Во земјава најстарата пиварница се викала „Бирарија“, која се наоѓала во реонот помеѓу улицата Огњан Прица и црквата Св. Петка. Сепак, првото производство на пиво за масовна употреба започнува со Парна Пивара А.Д. во Скопје.

Парната Пивара А.Д. во Скопје официјално почнала да функционира како акционерско друштво на 02.09.1922 година во Белград. На ова му претходело официјално соопштение коешто „Основачите“ го објавиле на крајот на август истата година кога во тогашниот „Службен весник“ излегол оглас со којшто се повикуваат сите заинтересирани на впишување на акции. Секој којшто сакал да учествува или да инвестира во идната фабрика за пиво, морал да уплати во готово акции во номинална вредност од 1.000 динари.

Изгледот на Пивара Скопје АД во 1920-тите години

Впишувањето на акциите се извршило во сабота на 02.09.1922 година, во седиштето на Прашката Кредитна Банка во Белград, а ова го дознаваме од двегодишното истражување што го спроведува тимот на Пивара Скопје, во соработка со Центарот за научно истражување и промоција на културата – ХАЕМУС. При пребарување на архивите во Белград, Загреб и Софија, тимот на ХАЕМУС дојде до нови податоци, артефакти и оригинални документи за историјата на компанијата. Една од работите што се пронајдени е објава во весник каде има повик за официјално основање на компанијата.

Производството пак на СКОПСКО започнало дури по две години во август 1924 година. Тоа го дознаваме од првите оригинални книги на купувачи кои Музејот на Пивара Скопје ги доби на подарок од Државниот Архив на Македонија – одделение Скопје. Овие стари документи и артефакти се сведоштво за почетоците на „Скопско“, еден од најстарите брендови во земјава и пијалакот за секоја пригода, било да се работи за освежување по напорниот ден, излет, прослава или навивање за омилениот фудбалски тим. Златниот пијалак со кој се идентификуваат генерации.

Денеска Пивара Скопје е заедничко вложување и дел од семејството на Coca-Cola HBC и HEINEKEN N.V.

Текстот е адаптиран и делумно преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара АД Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје АД.

Тесктот е првично објавен на сајтот на Пивара Скопје АД.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here