Во почетокот на дваесеттите години на 20. век во Скопје постоеле трговски патници и застапници на текстилни фирми кои се занимавале со увоз на материјали и штофови. Еден од нив бил и мојот прадедо скопјанецот Јован (Јоше) Хаџи Гаврилов. Согласно тогашните стандарди, додатокот во презимето ,,хаџи” го добил откако бил на аџилак во Ерусалим. Тој бил првиот трговски патник за „Камѓерн“, тип на англиски штофови кои ги увезувал во цела тогашна Југославија и пошироко во Бугарија и во Грција. Како агент патувал многу и моите мајка и тетка паметат дека скоро секојпат бил дотеран. Според тогашната мода, на лето носел бел костум, бел шешир и бели чевли, а зимно време имал огромен број на вратоврски сложени во кутии, кои ги комбинирал со некои од многуте костуми кои ги поседувал и ги носел во комплет со сомотски кафеав капут и исто таков шешир и чевли. Интересна е една негова фотографија од раните дваесетти години на 20. век каде што тој позира облечен по најнова мода, а мојата прабаба Фанија позира во женска градска облека од Тетово, од типот ,,ала турка”.
Во близина на фамилијарната куќа на Јоше и Фанија се наоѓала боемска кафеана ,,Маргер”, каде навраќала уметничката елита на Скопје и тоа ја правело една од најпривлечните скопски ноќни точки. Кафеаната важела за место каде се воделе книжевни и уметнички разговори преку масите, кои на случајните посетители им пружале необична забава. Наспроти неа, кафеаната ,,Париз” била средиште на еврејската скопска елита и немало многу простор за боемски настроените гости, а слично било и со ,,Москва” којашто била оценета како бирократска кафеана, бидејќи најчести гости биле чиновниците. Во дневните весници се наведува дека покрај овие познати кафеани, имало и голем број други кафеани по кривулестите и мали скопски улички, но тие не биле толку интересни за пошироката кафанска публика, туку за странците кои биле на пропатување.
Со кафеаната ,,Маргер” се сврзани многу интересни детали и настани. Еден инцидент се случил кога режисерот Јован Гец физички нападнал новинар на тогашниот весник ,,Скопски гласник”, бидејќи тој се осмелил да напише јавна критика за неговата работа. Некои сеќавања кои мојот прадедо ги споделил со фамилијата, а се поврзани со ,,Маргер” e дека помеѓудругото освен кафеанската, се вршеле и други услужни дејствија од страна на персоналот, согласно мирот и спокојството на машкиот род.
Во периодот на доцните дваесетти години од 20. век во ,,Маргер” излегувале голем број на боеми, а еден од нив бил и мојот прадедо Јоше кој важел за голем боем. Било обичај на целото негово друштво да се собираат секоја недела наутро на кафе во ,,Маргер” со некои од неговите пријатели како Јане Јаневски, братот на Славко Јаневски и Иван Точков. Се случувало доста често од кафеаната ,,Маргер” која била лоцирана на скопскиот плоштад, па сѐ до неговата семејна куќа, тајфи на музичари да го испраќаат до прагот на куќата, а тој им оставал бакшиш.
Јоше и Фанија Гаврилови живееле во богата и раскошна куќа на градскиот плоштад во Скопје, во близина на куќата на семејството Бојаџиу, чијашто ќерка подоцна ќе стане позната како Мајка Тереза. По втората светска војна куќата им е конфискувана, потоа срушена, а имотот никојпат не е денационализиран ниту вратен на мојата фамилија. Мојата прабаба Фанија почина кога бев многу мала, но од раскажувањата на моите баба и дедо, како и мајка и татко кои се исто така стари скопјани, ја научив љубовта кон мојот град и неговото минато, којашто сега ја споделувам со сите вас.
Текстот е адаптиран и делумно преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ,,ХАЕМУС” насловен како ,,Студија за Дебар Маало, нематеријално културно наследство – изработка на студија за дефинирање на Боемскиот кварт како културна атракција врз основа на културно – историскиот и антрополошкиот контекст во последното столетие, со акцент на првата половина на 20 век”, нарачан и поддржан од општина Центар.
Библиографија:
[1] Данило Коцевски, Славниот хотел ,,Москва”, Скопски легенди, Скопје, 2017, 11-13.
[2] Jovanović, V. (2013), Teatrom do nacije.
[3] Теренско интервју со Јованка Гаврилова Стојановска, родена во Скопје.
[4] Теренско интервју со Фанка Димитровска, родена во Скопје.
[5] Калиф (1932), ,,Маргер, ,,Париз”, ,,Москва”, дневен весник ,,Вардар”, 07.08.1932, стр.7.
[6] Фото архива на Музеј на град Скопје