Home Cпонзорирано Источниот плански регион на Република Македонија – регион на УНЕСКО

Источниот плански регион на Република Македонија – регион на УНЕСКО

3,832 views
0

На седницата на советот на Источниот плански регион (ИПР), која се одржа кон крајот на декември 2015 година во Свети Николе, беше усвоена Стратегијата за развој на туризмот во Источниот плански регион со акционен план 2016 -2025 година. На овој документ претходеше изработката на „Студија за состојбата со потенцијалите за развој на туризмот во Источниот плански регион“. Изготвувањето на студијата и на стратегијата траеше речиси две години, а во тој процес беа вклучени повеќе експерти од соодветните области (природно наследство, културно наследство, туризмолози, експерти за локален развој и др.). Како дел од оваа стратегија беше вклучен и тимот на ХАЕМУС, особено во категоријата за материјално и нематеријално културно наследство и негово туристичко вреднување, со цел за подобар локален економски развиток.

EPR - strategy for tourism 2

Источниот Плански регион и УНЕСКО

Како културни елементи и содржина која би можела да биде значајна и привлечни од туристички аспект за Источниот плански регион е доминацијата на атрактивности кои се ставени на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Во последните две години Република Македонија ја имаше честа да впише три добра на листата на нематеријално наследство на УНЕСКО, обичајот Четрсе, орото Копачка и Гласоечкото пеење. Од нив обичајот Четрсе и орото Копачката, се пратикуваат како изворни во регионот на ИПР. Четвртата апликација поднесена во УНЕСКО е мултинационална, во која Република Македонија заедно со Романија, Бугарија и Молдавија, го предлага за заштита обичајот со мартинките коj е најмногу се зачуван во околината на Штип, Берово и Делчево, а особено во Пијанечката област. Отткука не би била претенциозна забелешката дека ИПР би можел да се третира како регион на УНЕСКО и како таков покрај Охрид е единствен на територијата на Република Македонија.

 EPR - strategy for tourism 1

Препораките во стратегијата одеа во правец да се предложат креативни идеи за изработка на најразлични сувенири. Како резултат на почетните истражувањата и работилниците кои се одржаа во рамките на проектот за изработка на студијата и стратегијата на ИПР, се наметнаа неколку основни типови на сувенири кои се во фокусот на културното наследство на овој регион. Тие се темелат на силните и маркантни обејежја што се извојуваат на регионално ниво и без кои еден турист или посетител не би смеело да го напушти Источниот плански регион. Покрај оризот, минералите и кристалите со кои изобилува овој регион, како и археолошкото богатство, акцентот падна и врз мартинките како израз на силната традиција и фолклор задржан со стотици години во одредени области.

Обичајот мартинки се поврзува со мартинката која претставува амајлија направена од црвен и бел конец и најчесто се носи на рака како белегзија. Се подарува на 1 март, и се носи се додека не расцвета првото дрво или додека не се види првиот штрк/ластовица кога мартинката најчесто се става под бел камен. Оваа традиција, за која се верува дека има предхристијанско потекло, во себе носи различни верувања пред сé поврзани со заштитата и магијата на црвената и бела боја кои претставуваат здравје и прочистување, но и со одбележувањето на доаѓањето на пролетта и првиот ден од аграрната нова година.

Недостатокот на сите овие атрактивности кои се наоѓаат на листата на нематеријалното наследство на УНЕСКО се состои во тоа што се сезонални и се случуваат само еден ден/период во годината. Сепак би требало да се напомене дека Источниот Плански регион како регион на УНЕСКО, би требало да ја искористи оваа предност со засилена промоција во секаков формат и на секаков можен медиум за домашен, но и меѓународен маркетинг.

Текстот е авторски и претставува измената и преработена верзија на дел од изработка на “Стратегија за развој на туризмот во источен плански регион со акционен план (2016-2024)”, Центар на ИПР-Штип; Раководител на експертски тим при конзорциумот: Идеа ОК-БДС Консалтинг, Скопје, 2015 беше д-р Ивица Милевски од Институт за географија при ПМФ во Скопје. Финансиер на проектот е SDC Швајцарија преку Фармахем од Скопје.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here