Експанзијата на латинскиот род која почнала од Апенинскиот полуостров довела до создавање на моќното и огромно Римско царство. Тоа територијално опфатило поголем дел од Европа, на север до Дунав и Рајна, како и целото Средоземје со деловите на Африка и Азија. Римските освојувачи многу умешно се користеле со културните достигнувања на сите народи со кои завладеале (особено Грците и Етрурците). Самите не се истакнале како некои врвни уметници и креативни творци, но затоа се покажале како извонредни конструктори и техничари, особено во градежништвото. Тоа го докажуваат нивните монументални градби како: арени, аквадукти, мостови, патишта, храмови и т.н., но секако и нивните фамилијарни објекти, т.е. домовите за живеење.
Каде е базата на податоците за римските куќи?
Дел од римска инсула
Во еден дамнешен пост напишав дека базата на податоците за римските куќи секако дека најмногу ја добиваме од античкиот Рим. Но, дури и во стариот Рим со текот на вековите се менувал изгледот на куќите, па тие денеска претставуваат мешавина од стилски епохи. Всушност ние целосно и потполно ги запознаваме формата и изгледот на римските градски населби откако биле откриени градовите Помпеја (Pompeii) и Херкуланум (Herculaneum) кои во 79 год. н.е. ги затрупала ерупцијата на блискиот вулкан Везув (Vesuvius). Кога бил симнат покривот од пепел (инаку ископувањата траат се уште) се покажал град со улици и продавници, јавни згради и приватни куќи, во кои се сочувале сите апарати, сликарски и вајарски украси, мебел и огромен број на предмети за потребите на секојдневниот живот. Во тој поглед Помпеја е еден од најзначајните археолошки вредности на сите времиња и таа придобивка му припаѓа на целиот свет.
Изгледот на една римска куќа
Во Римската империја постоеле повеќе видови на објекти за домување, како villa urbana (градска куќа), villa rustica (селска вила), insulae (кварт, остров) и др. Во овој текст ќе се задржам на господската куќа која можеле да си ја приуштат само имотните граѓани во тогашното општество и се викала domus. Од надвор била оградена и во неа ништо не се гледало. Кон улицата немала дворови, паркови, врати (со исклучок на влезната) и биле подигнувани на два спрата – првиот за господарот, горниот за робовите.
[youtube]WCo5nA4rZag[/youtube]
Средниот дел на една богата римска куќа (atrium) имал кров, кој на средина се спуштал и тука правел голем четвороаголен отвор (compluvium). Под него на подот постоела вдлабнатина (impluvium) за дождовница. Околните соби светлина и воздух добивале токму од атриумот. Во нив се влегувало само преку него. Во атриумот се наоѓал ходник (fauces) во кој се наоѓала куќната врата од која се излегувало веднаш на улицата или нејзина варијанта каде влезот бил малку повнатре во ходникот. Оној дел од ходникот кој се наоѓал помеѓу куќната врата и ходникот се викал vestibulum. Во помоќните римски домови овој дел од куќата бил раширен, богато украсен и тука се собирале клиентите за утринскиот поздрав (salutatio). Околу атриумот биле спалните соби, трепезариите и складиштата (шпајз). Последната просторија од секоја страна (ala) обично била отворена кон атриумот.
Свечената соба во куќата (tablinum) со сета своја ширина била отворена кон атриумот, а преку широки врати го спојувала атриумот со перистилот. Перистилот претставувал градина опкружена со столбови. Околу неговиот трем се наоѓале сите други соби (cubicula – спални соби, triclinia – трепезаријата, exedrae – друштвени соби) и собите на домаќините.
План на римска куќа (кликни на сликата за зголемена резолуција)
Во старо време додека животот бил поедноставен, атриумот и таблинумот биле средиште на фамилијарниот живот. Честопати само од нив се состоела целата куќа. Во атриумот се наоѓало огништето со Пенатите (самиот збор атриум доаѓа од атер: поцрнет од дим) и еден опкован ковчег (arca) во кој се чувале парите и накитот. Домаќинот тука ги дочекувал своите пријатели, додека домаќинката со своите слугинки ги обавувала домашните работи. Таблинумот служел како соба за живеење и спиење. Кога едноставните обичаи ги снемало, почнале да се градат куќи по грчки примери, ширејќи се на тој начин што се додавал перистил, а собите се уредувале според тогашните животни можности. Огништето се пренело внатре, а куќните богови си добиле своја посебна мала капела (sacrarium, lararium), најчесто поставена во перистилот. Атриумот служел за примање на гостите и во племските куќи добил посебен дел со слики на фамилијарните претходници (imagines), кои се изложувале во алите.
По градовите недостигот на простор придонел уште многу рано да почнат да се градат куќи на повеќе спратови. Во почетокот горните спратови служеле за живеење на робовите, а подоцна се изнајмувале. Уште за време на царот Август имало доста изнајмени куќи на многу спратови, кој се нарекувале insulae (кварт, остров).
Внатрешно украсување
Најубав украс во внатрешноста на куќите биле сликариите на карпи. Карпата се делела на полиња, кои се украсувале со орнаменти или орнаментално употребени фантастични архитектурални претстави. Имало и фигурални слики (на пример од митологијата, животот или природата) како и поединечни фигури кои лебделе на средина на полињата или биле сместени помеѓу прекрасна архитектура. Се истакнувале со своите нежни бои на темната позадина. Подот се правел од мермерен прашок помешан со креч (итал. stucco-штуко) и во него се сложувале прекрасни цртежи од црни и бели камчиња.
Домот и домувањето во Римскиот период
Ѕидно сликарство – Помпеја
Во побогатите куќи подовите често биле од мозаик, најмногу со орнаментални мотиви, а поретки биле сликите од мозаици (opus musivum) кои барале многу пофина изработка и многу мали шарени камчиња. Подот исто така се градел и од мермерни плочи или геометриски изделкани мермерни парчиња во различна боја. Таванот обично бил плочест (lacunar), направен така за да можат гредите да се состават попреку. На тој начин се добивале четвороаголни вдлабнувања, кои се викаат касети, а се украсувале со сликарии и позлата. Прозорите кои обично биле само во горниот спрат се затворале со капаци и ролетни, а исто така се употребувале плочи, кои се добивале како мешавина од руско стакло (lapis specularis) и стакло (vitrium).
Мебелот и покуќнината во римско време
За греење на собите служеле camini и печки кои се пренесувале. Светилките изработени од земја или керамика се состоеле од сад за масло, средишен испакнат диск со отвор низ кој се сипувало маслото и се провлекувал фитиљот и држалка. Свеќникот (candelabra) бил со најразлични уметнички облици. Мебелот за седење кои се состоел воглавном од: cathedra – столица со потпирач за грбот, solium – столица со наслон за раце, sella – столица без наслон, bisellinum – двојна столица, се правел по грчките примери. Најдрагоцен тип на мебел биле т.н. mensae citreae.
Нивните плочи се правеле од дрво на цитрус, кое е еден вид на чемпрес од околината на Атлас, а се одликува со мирис на лимон. Покрај тоа доста е жилаво, па за него се плаќале големи суми на пари. Abaci-те служеле во нив да се сместуваат скапоценостите, а за истата цел служеле и delphicae (mensae) направени по примерот на грчките троножници. Садовите за домашна употреба биле исто така разновидни, како и грчките по чиј урнек биле правени. Можеме да ги споменеме уште и украсните садови кои имале најразлични големини и форми (како на пример амфорите), а служеле за украс и разубавување на тремовите, градините и внатрешните простории.
И ние имаме римски куќи
На територијата на Македонија во Римскиот период постоеле огромен број на градови, кои своевремено добиле дури и поголеми привилегии а со тоа и повисок статус, откако им била доделена титулата urbs , т.е главен град на една римска провинција. Еден од нив бил Scuvpi (со остатоци во Скопје) како главен град на провинцијата Мезија, но посебно место во тогашното битисување и стопански развој веројатно одиграл античкиот град Stobi (во близина на Градско). Како град кој имал извесен степен на самоуправа и одличен стопански живот, добивал огромен прилив на пари, со што и даноците боле поголеми. Тие придонеле да дел од парите се искористат за изградба на јавни објекти, улици, театар, водовод, канализација, мозаици и т.н.
[youtube]K4Z_renqz7A&e[/youtube]
Rеконструкција на Куќата на Партениј (Стоби)
Од друга страна, големиот број на археолошки локалитети на територијата на Македонија заедно со импозантната бројка на наоди треба да не наведе да размислуваме на една поширока тема од типот “На кој начин луѓето од старите цивилизации ја остварувале комуникација со преметите што ги опкружувале, а кои постојано ги употребувале во својот секојдневен живот или при своите ритуали”. Останува на вас драги читатели да истражите и да ги споделите вашите размисли. 🙂
Постот е репринт на истоимениот текст публикуван 2003 г. во списанието ,,Мој Дом”
Некои од термините употребени да се опише Roman Domus
atrium – formal entrance hall
ala – “wings” opening from atrium
cubiculum – small room; bedroom
culina – kitchen
exedra – garden room
peristylium – colonnaded garden
taberna – shop
tablinum – office; study
triclinium – dining room
vestibulum – entrance hall