Home Антропологија Одбраната на мојата теза за камената индустрија од Руг Баир

Одбраната на мојата теза за камената индустрија од Руг Баир

4,778 views
3

На 30.05.2011 во 12:30ч. на Катедра по археологија при Филозофскиот Факултет на Универзитетот во Белград, ја одбранив својата магистерска теза со наслов: ‘Индустријата на делкан и мазнет камен од неолитскиот локалитет Руг Баир кај Горубинци, во поширок регионален контекст’, пред комисијата во состав: др Душан Михаиловић (ментор), Др. Ненад Тасић, др Драгана Антоновић и др Бобан Трипковић. Со тоа се стекнав со титулата магистер по археологија (M. Sci.) која е на еден чекор од докторат, а со оглед на тежината на мојата теза, тој секако нема да ми побегне. 🙂

Детаљ од одбраната на теза во салата ‘Драгослав Срејовиќ’,
Филозофски факултет, Универзитет во Белград, Србија

Пред да се запишам на студиите по археологија во Скопје, се занимавав со спелеологија и долги години бев член на спелеолошкото друштво ‘Пеони’. Така уште на почетокот од моите студии вниманието ми беше насочено кон пештерите, најстарите предисториски периоди и алатките кои тие луѓе ги изработувале. Мојата љубов кон камените индустрии се развиваше постепено, бидејќи немав адекватни предавања на Катедрата по археологија во Скопје. Овие студии и денеска се уште сè дефицитарни, со што овој факултет е единствен во светот кој произведува фелерични археолози кои воопшто не добиваат лекции за предисторијата (домашна и светска), паралелно со недостатокот на информации за артефактите кои се типични за овие периоди.

За да ја заокружам мојата потреба од знаење потребно за обработка на една камена збирка, и за време на струдирањето но и подоцна, бев дел од многу теренски археолошки екипи воглавном на палеолитските и неолитските локалитети на Балканот и во Европа. На тој начин го надополнив своето теренско и кабинетско знаење за литичкиот материјал, стручен назив за збирките со камени алатки. Во текот на целиот тој мој развоен пат како стручњак кој се занимава со камени артефакти, огромна благодарност должам на многу мои домашни и странски колеги кои несебично ми помагаа, а тоа го прават и ден денес. Упатувам голема благодарност до членовите на комисијата за критиките, пофалбите и сугестиите во однос на мојата работа и за време на пишувањето на тезата и после тоа, а исто така ова е начин јавно да им се заблагодарам и на сите колеги археолози од Македонија, кои на било кој начин помогнаа во изработката на овој научен труд. 🙂

Во текот на мојата работа врз збирките, пред се од делкани камени артефакати, повеќе од 12 години ми помагаш геологот мр. Недељко Ђорђевић од Куманово, кој за жал почина лани, нешто малку пред да ја завршам комплетната обработка на археолошкиот материјал. Поради тоа оваа теза е посветена на мојот пријател чичко Џокица, единствениот геолог кој вистински ги сакаше археолозите и им помагаше до крајот на својот живот. Петролошката обработка на материјалот ја довршив со проф. др. Блажо Боев од Рударско-геолошкиот факултет во Штип, на кој исто така му ја должам својата благодарност за помошта.

Оваа теза претставува еден водич и прирачник при обработката на три типа артефакти, мазнети алатки, делкани алатки и абразивни  орудија, бидејќи во неа ги поместив сите табели, кодови и шифрарници кои се потребни при научна анализа на овој тип на материјал, со цел да ја олеснам работата на идните генерации на археолози. Се надевам дека покрај е-верзија која одамна беше планирана, оваа теза ќе се појави и во хард копи, бидејќи е доказ за мојата долготрајна, упорна и возбудлива ‘авантура’ низ балканската археологија, со цел да го дополнам своето знаење за камените индустрии и тоа да то пренесам во сублимирана форма.

Горда сум бидејќи успеав да виделина да изнесам непубликуван материјал закопан во едно музејско депо какви што ги има на тони кај нас, а најмногу се радувам дека е тоа материјал од Македонија, со што ставаме уште една важна точка за археологијата од нашата земја на светската научна мапа. На крајот би сакала да ја цитирам мојата омилена изрека која Caius Titus, говорник во римскиот сенат многу одамна ја изговорил: Verba volant, scripta manent (Зборовите одлетуваат, запишаното останува засекогаш).

 

Апстракт

 

Овој труд ги опфаќа непубликуваните камени наоди од една сонда при ископувањето на Руг Баир од 1970. година, сместени во Музејот и Завод на Штип, Република Македонија. Направен е обид преку научна обработка на каменот материјал, да се добие покомплетна слика за суровинските, техничките и типолошките особини на неолитската камена индустрија од овој локалитет и нејзиниот однос со сродните истовремени индустрии.

Сите предмети од камен од локалитетот Руг Баир кај с. Горобинци (Свети Николе) беа поделени во три главни групи: делкани, мазнети и абразивни орудија. Пристапот кон овој материјал е сведен на петрографски и технолошко-типолошки анализи преку дефинирање на основните категории и типови на ордија врз основа на морфолошки карактеристики на артефактите. Резултатите на технолошко-типолошката анализа и аналогијата со другите камени индустрии во неолитските култури на југо-источниот Балкан, придонесе за понатамошно разјаснување на одредени процеси во регионалниот контекст, кои се случиле во времето на неолитот на територијата на Република Македонија и на Балканот.

[slideshare id=8194457&doc=magistarskatezarugbair-110603023617-phpapp02]

Малиот број на артефакти од камен во неолитските збирки од Република Македонија е резултат, пред сè, на непрепознавањето на литичкиот материјал, отсуствотото на просејување и флотација, како и личниот избор на истражувачите кои од наодите да задржат во збирката. Камените алатки сè уште не се предмет на детаљна анализа во македонската археологија, а неолитот или новото камено доба во Македонија претежно се идентификува со керамичката продукција.

Со овој магистерски труд е направен обид по методолошки пат на едно место да се сублимираат наведените аспекти од проучавањата на камената индустрија, кои ќе придонесат, овозможат и ќе ги олеснат и понатамошните истражувања на идните генерации археолози во Република Македонија.

*     *     *

Клучни зборови: неолит, Руг Баир, Амзабегово-вршник, Македонија, суровини, делкан, мазнет, камен, абразивно, орудие.

3 COMMENTs

  1. Ти честитам, има докази дека некои “камења“ се бетони и се одлеани, ама се огромни. Прави што мораш за да се здобиеш со титули, ама има и една друга вистина. Бидејќи е вистина, ама не од денешно време туку од дамнина, на многу археолози им е нестварна и едноставно мислат дека тоа што го гледаат е камен и не може да биде друго, ( од “младо “ и од “ старо“ камено доба). Нема стар и млад камен ниту нивни доба. Има БЕТОН.
    Инаку, ти честитам на одбраната на Магистерската работа. Ќе стигнеш и до докторска.
    Поздрав,
    Кокан.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here