Kога еднаш над некој локалитет ќе помине булдожер, тој биде поплочен или поплавен, или над него се подигне некој објект, засекогаш е изгубен за науката. Загубени се и информациите кои тој ги содржел и кои неповратно заминале со неговото уништување. Овој пост го пишувам со цел да укажам на можноста од потенцијално загубените археолошки локалитети и артефакти со новите градежни активности кои се одвиваа(т) околу Скопското кале и во центарот на Скопје.
Македонска банкнота од 100 денари со претстава на Скопското Кале!?
Позната е гравувата на градот Скопје од 1594 година, која се наоѓа на нашите банкноти од 100 денари. Таа е дело на холандскиот графичар Јакобус Харевин и се чува во музеј во Нинберг, Германија. Според визулената претстава, постојат неколку тези за оваа гравура. Постои можност реката (и мостот) која е на неа дека можеби не е Вардар, туку Серава, која некогаш течела низ стариот дел од градот Скопје, сега познат како Стара чаршија. Течението на Серава е скротено за време на социјализмот, па делумно се наоѓа директно под чаршијата со што се загрозени депото на Музеј на Македонија и сите културно-историски споменици во овој дел од градот. Исто така, постои варијанта уметникот да не седел на местото од денешниот градски плоштад додека ги скицирал мостот и утврдувањето, туку гравурата е направена од некоја друга перспектива (на пр. денешниот градски стадион) која опфаќа река, извесен мост од градот и неговата фортификација. И секако, најконтроверзната теорија е дека воопшто не се работи за градот Скопје затоа што постои верување дека литографскиот натпис на самата гравува е фалсификуван.
Гравурата на Скопје од 1594 година (Нирнберг, Германија)
(edit thx to volan)
Независно која од овие теории во идина ќе се покаже како историска вистина, неоспорен е фактот дека во средновековна Европа, скоро сите поголеми градови биле составени од две архитектонски целини. Горен дел од градот наречен акрополис, утврдување, цитадела, фортификација или кале, и долен дел од градот т.н. подградие каде што живеело наслелението. Тргнувајќи од премисата дека во подградието треба да бараме архитектонски остатоци и артефакти наслоени во повеќеметарски археолошки слоеви, оваа состојба би можеле сосема коректно да ја пресликаме и на долниот град од средновековното Скопје за кое се знае дека живеел интегриран пред и по обѕидувањето на Калето кое и денеска постои, а потекнува од 12 и почетокот на 13от век, за време на владеењето на династијата Комнени.
Долни Град
Од документите знаеме дека во 13. век Скопје имало и Долен град заштитен со обѕидие. Меѓутоа локацијата на Долниот град досега беше погрешно дефинирана. Имено, во северозападното подножје на Кале, во речната рамница на Вардар стои една кула со квадратна основа, која во повелбата од 1300 г. е наречена Воден пирг. Оваа кула му послужила на А. Дероко како појдовна точка, на тој простор да го смести Долниот град. Водената кула ја вклопил во замислениот северен ѕид на градот, а јужниот ѕид го замислил во височина на рампата по која и денес се искачуваме по јужната падина нагоре, во Горниот град.
Просторот на Долниот град е потврден со археолошките остатоци на пониската тераса источно и североисточно од Горниот град. Контурите на оваа тераса, од 8—10 ха, денес уште се наѕираат во релјефот на почвата на оние места кои не се уништени целосно со модерните градби.
Јужниот ѕид на Долниот град водел несомнено по јужниот раб на терасата кој е изразито стрм и висок повеќе метри. Тој се надоврзувал на југоисточниот агол на Горниот град, непосредно под големата доцнотурска кружна топ-кула. Тука се гледаат и денес на предѕидот траги од пресечен градски ѕид што водел кон исток. Најверојатно на тој пункт стоела јужната градска порта; зад неа водела главната улица низ Долниот град. По нејзина-та траса води и денешната (до неодамна главна) улица Маршал Тито во правец на север, кон денешната главна касарна и натаму кон Косово. Оваа магистрална линија постои неизменета од многу векови наназад.
Микулчиќ Иван, Средновековни градови и тврдини во Македонија, МАНУ,Скопје,1996.
Според археолошките остатоци, но и средновековните историските извори од 1204-1264 година, Византиската империја била по прв пат раздробена и поделена на повеќе мали држави. Економскиот пад на империјата е одразен во квалитетот на парите и другите производи. Сепак животот во скопскиот Горен Град продолжил со несмален интензитет, при што е забележано дека и Долниот град бил укрепен со обѕидие. Оваа фортификација веројатно би требало да се поклопи со дел од утврдувањето на Скопското кале од тој период. Но, археолошки остатоци од овој средновековен период се најдени наоколу почнувајќи од касарната Гоце Делчев (некогаш маршал Тито), по течението на Вардар која го обиколува Калето, се до црквата Св. Спас и Мустафа Пашината џамија.
Во последните неколку години на овој потег околу Скопското Кале се забележуваат градежни активности кои му дадоа нов архитектонски изглед на Скопје. Се работи за огромен број на објекти кои ги опфаќаат: Управната зграда на Водовод и Канализација Скопје, Новата управна зграда на Царината, Музејот на Холокаустот, старо/новиот театар, музејот на ВМРО, комплексот на новиот археолошки музеј/суд/архив, зградата на новата Филхармонија, и секако сите оние нови споменици за чија основа потребно е да се направи темел длабоко во почвата. Но длабоко во почвата се крие и нашата историја, па со оглед на тоа што на ниту една од овие локации не беа претходно извршени археолошки ископувања, прашање е дали градот Скопје и Република Македонија загубија дел од своето богато културно наследство.
Познато е дека истражувањето, а посебно ископувањето на една локација означена како археолошки локалитет изискува многу време и финансии, наспроти роковите кои ги има еден инвеститор. Сведоци сме дека многу често се случува тој воопшто да не ги извести задолжените органи доколку пронајде наоди од минатото, како би можел непречено да продолжи со работата и да си ги исполни обврските кон своите нарачетелите. Со непријавување и незаконско уништување на културно наследство, инвеститорот го прекршува законот и доколку на било кој начин не проструи во јавноста, посебно преку медиумите дека се пронајдени артефакти, останува фактот дека ако на тоа место навистина постоеле културни ресурси, тие се уништени засекогаш.
Се работи за сериозен и реален проблем на губење на неуништените локалитети за идните истражувања. Местата кои се под закана на модерните градилишта се исто така добри места за ископување како и било кој друг археолошки локалитет, со цел да се сочуваат информациите и предметите кои поинаку би се изгубиле. Не сум сигурна дека моменталната стратегија со менаџирање на културните ресурси од територијата на Македонија вродува со плод. Не би сакала еден ден да кажам дека во мое време имавме шанса да го истражиме минатото, но наспроти тоа создадовме нови урбани архитектонски артефакти кои наместо да ја откопаат, ја закопаа сета историја. Ако треба за сметка на старата, да се создаде нова историја, тогаш дајте ми 2-3 податоци и ја ќе ви конструирам вистина, онаква каква што сакате. Само немојте рандом да копате и да градите, како муви без глави, без да ги консултирате археолозите и историчарите.
Доколку во скоро време не се надополни со одредени измени, најголемиот проблем на културното наследство во Македонија е самиот Закон за културно наследство. Во него не постои член или ставка со која инвеститорот (приватен или државен) пред да превземе градежна активност, мора прво да ги повика археолозите. Ако мене ме прашувате, ова не е единствената црна дупка на овој закон. Толку многу е проблематичен по повеќе основи, што најдобро би било ако одново се напише, а овој постоечкиот веќе еднашка целиот падне на Уставен суд! Се разбира, за доброто на нашето и светско културно наследство.
Најголемиот проблем на културното наследство во Македонија е самиот Закон за културно наследство. Во него не постои член или ставка со која инвеститорот (приватен или државен) пред да превземе градежна активност, мора прво да ги повика археолозите. Ако мене ме прашувате, ова не е единствената црна дупка на овој закон. Толку многу е проблематичен по повеќе основи, што најдобро би било ако одново се напише, а овој постоечкиот веќе еднашка целиот падне на Уставен суд! Се разбира, за доброто на нашето и светско културно наследство.
=================================================
Претходното од блогот на Василка е погрешно речено. Треба да стои: Законот за градење на нови објекти треба да се надополни со: Пред секое градење во урбаниот дел а и во неурбаниот дел на територијата на Република Македонија, да се изврши сондирање на теренот со методи кои технички обезбедуваат увид во подземјето, со видна слика на состојбата како од дијагностика на здравствена состојба со ултразвук, (СО ДОБИВАЊЕ НА ЈАСНА СЛИКА НА ФОРМИТЕ ПОД ЗЕМЈАТА), да се побара мислење од археолозите (независни од политиката) да се побара мислење од еколозите (независни од политиката) и тн. Урбанистите и архитектите да не си прават фантазии (нивните закони да бидат поврзани со археологијата и екологијата) да не си прават фантазии разни бизнисмени дека им е дозволено се, затоа што имаат пари. Ова треба да се вгради во законите, а не само во законот за културно наследство. Знаеш, Кокан е инжинер со кал на чизмите и знае дека ако нема поврзување помеѓу законите, еден сам не тропа на ниедна врата, ама ако се работите поврзани закони, а законите се во мрежа, е тогаш мрежата лови и се полни. Поздрав
Кокан
Да ти напишам нешто околу рекичката Серава.
Оваа рекичка имаше порано друг тек. Спуштајќи се од Скопска Црна Гора, таа течеше помеѓу Топаана и Чаир, некаде каде што сега има улица со раскрсница и семафори. Над неа имаше мал дрвен мост. Значи отворена река во корито шро се гледа со очи. Потоа течеше пак како отворен канал покрај Соук Чесме, низ чаир и некаде пред Бит Пазар беше веќе покриена. Потоа течеше под улицата Сtив Наумов, (пред земјотресот 1963). Со новите “АРХИТЕКТИОНСКИ РЕШЕНИЈА“, е прекината и одведена во канал, и е претставена преку една канализациона цевка. Можан точно да ти ја покажам со прст показалец, каде влегуваше во Вардар.
поздрав
Кокан.