Веќе цела недела сиот свет ги следи случувањата со Јапонија, која на 11.Март 2011 година беше погодена од земјотрес со јачина од 8,9 степени, проследен со цунами кои во буквална смисла на зборот збриша неколку крајбрежни градови/села, а последици имаше и во внатрешноста на копното. Згора на се, беше оштетена нуклеарната централа Фукушима чии реактори почнаа да експлодираат еден по еден, па по еколошката, на Јапонија и се закани и нуклеарна катастрофа од радијација, која уште повеќе го загрижи светот.
Фотографиите и снимките кои стигнаа од Јапонија се потресни, ужасни и наликуваат на холивудски филмови за претпоставената апокалипса која според записите на Маите треба да се случи во 2012 година. Но, сите ние знаеме дека откако постои земјината топка, имало и земјотреси, и цунами и вулкански активности (Помпеја и Херкуланум) кои збришале цели градови или цивилизации (културата Моче), само што многу ретко можеме да прочитаме за нив во историските извори. Од причина што овие извори се толку селективни, бидејќи се фокусираат само на императори или третираат одредени големи настани (војни, бунтови) од нивното совремие. Единствен извор за нивното постоење се архелошките истражувања, но и тука многу зависи од самите научници како ги интерпретираат доказите на терен.
Во исто време со настаните од Јапонија, се појави и веста дека на 60 миљи од Азурниот брег, археолозите пронашле остатоци од серија на градови, од кои еден би можел да биде претпоставената Атландида. Јас лично не верувам во постоењето на Атлантида бидејќи е мит, но многу верувам дека се работи за остров кој своевремено исто како и Јапонија бил збришан од некој земјотрес проследен со цунами.
Во контекст на земјотресот во Јапонија, би сакала да споменам еден настан кој најверојатно го обележил животот на нашите предци и оставил трајни последици. Имено, во историските извори од т.н. период на доцната антика (иако царството се распаднало, а Византија почнала да се создава), забележан е еден земјотрес кој имал разорно дејство во Римската империја. На почетокот на 6-ти век, поточно во 518 година, забележан е огромен земјотрес со разорна јачина, кој уништил многу градови во Dardania и Macedonia Secunda. Земјотресот лоциран со епицентар во Дарданија (денешно Косово), бил толку силен што уништил 24 римски градови околу него на територијата на Балканот. Ова значело крај на урбаниот живот во Скупи, но и во Стоби, кои никогаш повторно не заживеале на истото место. Можеме само да си претпоставиме од колкави разорни димензии бил овој земјотрес од 518 година кога успеал да го уништи и Стоби, кој се наоѓал на околу 100км дијаметар од епицентарот во Дарданија.
За разлика од порано, чинам дека денеска човечката болка е ‘поголема’ и со поголем интензитет, веројатно затоа што во огромна количина и со многу голема брзина информациите за ваквите катастрофи се споделувааат преку интернет и социјалните мрежи. Илјадници постови, видеа и фотографии беа постирани на јутјуб и на интернет само неколку минути по змејотресот во Јапонија, а социјалните мрежи како фејсбук и твитер станаа место каде луѓето си ги бараат преживеаните членови од своите фамилии.
Еден од многуте креативни постери за помош на Јапонија
Јапонците, најподготвениот народ на светот, за мене нација бр. 1 по култура, дигнитет и технологија (1,2), само неколку дена по катастрофата се совземаа и без било какви јавни испади почнаа да ја обновуваат својата земја. Посакувам тоа да го сторат што е можно побрзо, иако процесот неминовно ќе биде долготраен. Сите сме засегнати со ваквите случувања, затоа што бесцелна е борбата со природата, со која човештвото никако да најде заеднички јазик, а таа пак секогаш наоѓа начин да ги порамни сметките со универзумот.
Археолозите ја читаат почвата и остатоците од минатите цивилизации, но човештвото никако да научи да ги чита знаците и предупредувањата на природата. Се дотогаш сме немоќни во борбата со нашиот најголем пријател и сојузник, планетата Земја!
[…] на нуклеарна централа во Мариово, која доаѓа веднаш по случувањата во Јапонија, каде по земјотресот и цунамит… од оштетените реактори на централата Фукушима. За […]
[…] на нуклеарна централа во Мариово, која доаѓа веднаш по случувањата во Јапонија, каде по земјотресот и цунамит… од оштетените реактори на централата Фукушима. За […]