Факт е дека археолозите во Република Македонија не се здравствено заштитени и згрижени кога работат на проекти, најчесто на теренски ископувања и истражувања. Ова е една ставка од законот за археолошки истражувања која долго стои занемарена, бидејќи повлекува сериозни консеквенци. Археолозите во Република Македонија се понижени и деградирани како стручњаци во ова општество, оти не е шала вие да го истражувате минатото на една држава, а притоа да бидете слабо платени, да немате обезбедено ХТЗ превентивна опрема заради ваша заштита (шлем, ракавици, елече, чизми), да немате потпишан договор за вашата работа на археолошкото ископување, или практично на црно да го ископувате културното наследство на вашата земја.
Особено е важна опремата на археологот, поточно неговата облека. Во моментов доколку обичен граѓанин појде во посета на некое археолошко ископување, а ги има на десетици во Република Македонија, нема да може да направи разлика кој во екипата е археолог, а кој е работник. Бидејќи нема начин како да ги препознае.
Кои се најчестите повреди на едно археолошко ископување: шинат глужд, истегната тетива, повреден мускул, но може да биде и каснување на змија, убод од инсекти итн … Немаат сите луѓе јак имунитет или толеранција кон повреди, а повеќето се склони и кон алергени реакции. Должност е на секој раководител на едно теренско археолошко истражување (рекогносцирање) или ископување со себе да носи цела аптека, во случај ако е потребна прва помош и итна превенција пред повредениот да се однесе во амбуланта или во болница на преглед кај доктор. Да не зборуваме и тоа дека со повредата на терен, луѓето потенцијално губат работа на друго место, затоа што во меѓувреме треба да се лечат или да мируваат.
Се разбира дека секој археолог е одговорен за своето однесување на терен и за својата лична безбедност, но при изведувањето на сите теренски работи, особено оние кои вклучуваат алат и работа со земја (која е всушност работна околина на археолозите), особено треба да се внимава на гребнувањето или расекувањето кога е неопходно да се оствари адекватна заштита. Со тоа се спречуват појави на нестабилност во тимот кои ќе го исклучат факторот на загрозување на безбедноста кај другите луѓе во екипата или пак предметите и објектите на кои во моментот работат. Од лично искуство (а пола живот го поминав по пештери барајќи предисторија), морам да нагласам дека воопшто не е наивно ако сте вие во некоја недојдија од каде ви треба 2-3 часа да се вратите во цивилизација, а притоа некој член од екипата ви се повреди.
Ако постои прва помош за наоди на терен, тогаш исто така би требало да постои и прва помош за луѓето на терен, но прашање е колку од археолошките ископувања посветуваат внимание на оваа ставка, бидејќу археолозите во Република Македонија освен тоа што не потпишуваат договор на хартија дека се членови на еден тим, исто така немаат здравствено осигурување за нивниот ангажман. И доколку се повредат на археолошко ископување, за сега никој не ги сноси последиците, ниту пак финансиските трошоци за доктори, услуги во болниците, не дај боже операции итн. Со еден збор, луѓето кои се грижат за културното наследство на оваа држава воопшто не се заштитени со никаков правилник, но важно од нив се очекуваат резултати, независно во какви теренски или временски услови работеле.
Затоа упатувам повик до колегите. Немојте да го доведувате сопственото здравје во опасност и не прифаќајте работа на проекти каде не ви е обезбедена соодветна здравствена заштита. Не ризикувајте – заштитете се!
Белешки за консултација:
Линк: http://0.mk/bajr
Линк: http://0.mk/bajr2
Линк: http://0.mk/archcam