Дома Антропологија Македонија те сака – Годишна награда за промоција на Република Македонија

Македонија те сака – Годишна награда за промоција на Република Македонија

4,345 views
2

Пред 3 години младиот Полјак Станислав Пигон ја создаде веб-страницата ‘Македонија те сака’ (во оригинал ‘Маcedonia Loves You‘), каде континуирано ги промовира културите, природните и духовните вредности кои потекнуваат од нашата држава. Годинава, авторите на овој проект решија да направат една кампања со гласање за да се избере најдобриот промотор на Република Македонија, во печатена или електронска форма. Во нивниот PRESS RELEASE кој може да се погледне на фејсбук страницата создадена за оваа намена тие велат:

Годишната награда за најдобар промотор на Македонија е едноставна замисла да им се оддаде признание на луѓето кои Македонија ја носат во своите срца и им пренесуваат на другите да се вљубат во Македонија. Наградата е воведена со цел да се препознаат постигнувањата на извонредните луѓе од различни професии, од целиот свет, кои имаат една заедничка цел: промоција на Македонија. Номинирани може да бидат поединци (или група на луѓе) кои во 2010 година активно ја промовирале Република Македонија и државните интереси, без разлика на националноста, доменот на активност, полето и формата на промотивните активности. На пример: туризам, културни активности, социјални, економски, политички и др. Победникот ќе добие почесна награда: специјален медал и титула “Најдобар промотор на Македонија”.

Секој може да поддржува и лобира за својот омилен кандидат во посебната анкета постирана на Facebook на следниот линк, каде се поставени и Правилата и условите на избор. Наградата за најдобар промотор е иницирана и организирана од проектот “Маcedonia Loves You”. Изборот е отворен, јавен и ќе се организира еднаш годишно. Периодот за номинирање започнува на 15 ноември 2010 и ќе трае до 15 јануари 2011 година. Откако ќе биде доделен првиот медал ќе биде изработена специјална интернет страница, на која ќе бидат претставени победникот и сите учесници. Со ова ќе се создаде и форум за Промоторите на Македонија од целиот свет. Медалот ќе му припадне на еден, но победници се сите!

Тешко ми е да се одлучам за кого да гласам. Повеќето од номинираните ми се пријатели чија работа ја следам со години, а повеќепати сум им помогнала во било која форма. Им посакувам успех иако тие веќе го заслужиле со тоа што се веќе номинирани. Имам само една желба како некој кој го ископува, создава, пишува и промовира културното наследство на Република Македонија. Да бидам една од присутните на црвениот тепих кога и официјално ќе се доделува медалот. После толку години борба за промоција на македонската археологија на интернет, ова ќе биде една од најголемите победи за оваа наука. Волонтерите направија повеќе за промоција на Македонија отколку што тоа можат да го сторат луѓето запослени во сите државни институции заедно, на кои тоа им е всушност работа. 🙂

Апдејт: Добив покана за номинација повеќе пати, и на почетокот успеав некако да се договорам со организаторот Stanislaw Pigon да не бидам номинирана за The Best Promoter of Macedonia Award, бидејќи сепак сум професионален археолог и професионален туристички водич, а тоа ме прави од старт да не бидам конкурентна. 🙂

Но ете, на крајот попуштив и се најдов помеѓу номинираните. И покрај тоа се уште сметам дека не е се во наградите и медаљите. Што би рекол самиот организатор на овој конкурс: ‘It is about loving Macedonia‘. 🙂

2 КОМЕНТАРИ

Leave a Reply to Arheoblog as the best promoter of Macedonia in 2010

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име