Која може да биде улогата на УНЕСКО за да ја спречи недозволената трговија на археолошки артефакти и културни добра? Дали мислите дека УНЕСКО како меѓународна организација може да одигра добра улога во ова чувствително прашање? – беа некои од прашањата кои ги постави професорот Стефан Уриц (Stephen Urice) на предавањето во Американското катче пред една недела.
Преку примерот на САД кој во поглед на внесување и изнесување на културните светски добра има прилично либерален закон, Стефан Уриц истакна дека токму законот за слободен увоз на културни добра овозможило да се создадат приватните музеи. Всушност во САД сите музеи се приватни (не постои државен музеј како во Македонија), а обртот на културното наследство е во рацете на приватниот и невладиниот сектор. Секако, и тие имаат проблеми, најмногу со Законот од 1991 година кој ја исполитизира дополнително американската заедница. Според овој акт, ако културното добро (од некое индијанско племе) е најдено на пример на приватен имот, тогаш законски припаѓа на сопственикот, кој доколку сака може да им го врати на племето, а во обата случаја не е дозволена употреба во комерцијални цели и публикување. Токму приватниот сектор е оној кој не дозволува комерцијална употреба на културни добра и затоа многу малку слушаме за археолошките откритија во оваа држава.
Сама по себе УНЕСКО не е организација која технички и правно може да ги наметне и да ги реши овие прашања како во рамките на другите држави ќе гравитира и на кој начин ќе се ограничува извозот и увозот на културно добра со државни или меѓународни закони. Но затоа може на своите членки да им помогне да развијат одреден број на конвенции како легални инструменти кои подоцна доколку ги усвојат во сопствените земји преку нивна ратификација, се сложуваат со заедничките ставовите при заштита на културното богатство од ограбување и недозволена трговија.
Но првата и основна работа која ја истакна Уриц, е дека секоја земја мора да има ЛИСТА НА ПРЕДМЕТИ кои се третираат како културно добро. Се прашувам како тоа ќе функционира кај нас, кога ние немаме ни листа на споменици, а не пак на предмети. Оти без писмен доказ не може да се бара еден предмет да биде вратен во матичната држава. Како ќе го докажете неговото автохтоно потекло? Или со други зборови како што велат археолозите, ако не е заведен во нашата документација, предметот воопшто не постои.



