Home Археологија Археолозите во Македонија работат на црно

Археолозите во Македонија работат на црно

9,042 views
0

Сум ископувала точно во 9 земји во Европа. Уште како студент сама ги спонзорирав моите патувања и имам прилично големо теренско искуство. Благодарејќи на мојата силна волја да работам археологија во земја во која оваа наука е заглавена некаде на крајот од 19 век (и физички и ментално), до сега не сум се откажала од неа.

Како што е познато, оваа година започнаа кампањи на многу археолошки локалитети, на кои работат веројатно повеќе од 2000 луѓе, помеѓу кои и 400 дипломирани, а незапослени археолози. На 17. Март 2010 година започна годинешната кампања на археолошкиот локалитет Градиште, кај с. Таор, во науката познат по тоа што можеби тука се наоѓа родното место на императорот Јустинијан I – Тауресиум. Како дел од стручниот тим, мене ми припадна задоволството да бидам одговорна за секторот документација и скоро секој пронајден наод изминатот период помина низ моите раце.

Како што веќе беше објавено во 2 медиума (А1 и Утрински), на најголемиот дел од археолошките локалитети се уште не се исплатени дневниците за март и за април, а веќе е дојдена средината на мај. Пукна голем срам, ама очигледно некои луѓе немаат ни срам ни перде. Тоа направи револт кај моите колеги археолози, а исто така и кај работниците, бидејќи на некои луѓе ова им е и единствениот извор на финасии со кои тие си ги хранат своите фамилии. Па во името на сите нив, јас решив да проговорам јавно и да прашам:

1. Зошто се уште не ми се исплатени хонорарите за март и за април?

2. Зошто и после толку месеци немам потпишано договор за дело, поточно зошто не ми е даден до сега договор за авторски хонорар во однос на она што го работам? Со самото тоа што нема доказ дека се работело, исто како никогаш ништо да не се случило. Да не зборуваме дека на тој начин се прекршува законот бидејќи не може во отсуство на договор некому да му се исплаќаат пари на сметката.

3. Зошто на ископувањата работниците и археолозите не се осигурани од повреди (на пр. ако некој си шине глужд, го укаса змија итн… ). Кој ќе му плати болничките трошоци и траумите? А не дај боже може да се случи и најлошото.

Ги разбирам моите колеги кои молчат. Претпоставувам дека не е лесно да си во институција оти ако проговориш јавно, секако ќе те чека некоја сопка или опструкција. Но јас немам што да загубам. Ниту сум во политичка партија, ниту сум во институција. Повеќе од пола живот работам во приватниот сектор и на тој начин си ја заработувам платата која ми дозволува научно да истражувам, оти во оваа држава реално не ни може да се живее од археологија. Кој тоа го вели – значи дека лаже. Во меѓувреме се случи технолошкиот напредок да ми ја наметне употребата на новите медиуми и социјалните мрежи кои активно ги користам веќе неколку години. Па покрај тоа што сум блогер, исто така сум и еден од најактивните македонски археолози, а покрај научните трудови, интернетот е сосема доволен извор за моето CV.

Она што сакам да знам е до кога ќе трае оваа лакрдија со македонската археологија, пред да се случи некоја поголема катастрофа? Прашањето е зошто толку се одолговлекува со исплаќањето на хонорарите? За да се добие ли на време!

Сум ископувала во многу земји низ Европа и Балканот. Секогаш моите претпоставени се држеле за договорот кои сме го потпишале во однос на клаузулите како ќе тече нашата соработка. Само во мојата родна земја сум била понижена и увредена во светот на археологијата, и како човек и како професионалец.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here