Home Археологија Две-три думи за Проектот Скопје 2014

Две-три думи за Проектот Скопје 2014

7,378 views
3

Во Законот за заштита на културното наследство на Република Македонија постои дефиниција што е тоа ”Валоризација“, но во истиот тој Закон не постои дефиниција за тоа што се подразбира под “терминот” популаризација. Затоа дефиницијата постои во македонскот речник. Таму терминот ”популаризација” е попознат како вулгаризација.

Откако помина првичниот културен шок од презентирањето на проектот “Скопје 2014“, на медиумите се изредија да дебатираат и коментираат сите стручњаци кои експресно станаа ”екперти” и се обидоа дури да го инволвираат терминот културно наследство. Повеќето луѓе што ги познавам кои работат во оваа област не знаат ни да кажат дефиниција што значи културно наследство и што опфаќа тоа, но ете таму некои си ”експерти” се дрзнаа да го нарушат интегритетот на нешто што треба да претставува и да се идентификува како заедничка светска придобивка.

Очигледно граѓаните на Македонија во обид да го искажат своето мислење (а неретко и своите емоции) за овој проект, толку многу се испозанесоа, што практично почнаа да го вулгаризираат овој термин нарекувајќи го се уште нереализираниот проект културно наследство, кој како и терминот “културен предел” до пред неколку години беше голема непозната именка во нашето општество. Но ние сме земја која е позната по набрзинка склепани ”експерти” на метар квадратен, зошто пиететот го добиваш откако барем три пати ќе се појавиш на некоја телевизија да зборуваш. Во било каков контекст.

фото @zoriv

Од оние авторитети кои лично ги почитувам од областа на културното наследство зошто оставиле нешто зад себе, до сега ниту еден не се појави во медиумите. Ниту пак беше консултиран во однос на целата оваа ситуација која личи на турбо фолк новокомпонирана авангарда. До толку што објектите од проектот се толку величенствени и триумфални што единствено кое смета кај Проектот #skopje2014 е можеби самото Скопје. Веројатно добро би изгледале објектите и склуптурите без него, во некој иден милениум откога ќе го поминат испитот на времето за светското културно наследство.

Што е она што ми пречи? Не конкретно со овој проект, туку општо во Македонија? Тоа што не можеме да создаваме нова историја притоа уништувајќи ја онаа што ја имаме. Зошто пред да се направи и создаде нешто ново значи дека се завршил процесот на конзервација, реконструкција, валоризација и промоција на повеќето од она што е вредно од областа на културното наследство и може да се продолжи понатаму. Би сакала да посочам дека паралено со она кое треба да се создаде како нова придобивка од нашето доба, треба да ги заштитуваме и културно-историските споменици кои веќе ги имаме, за да не се случи да ги изгубиме. Бидејќи истражувањето на минатото никогаш не завршува. Тоа допрва почнува.

А до тогаш? Свртете се да видите каде живеете. Како овие нови објекти (ќе) комуницираат со околината во која треба да опстојуваат и според нивната важност каква ќе им биде функцијата во урбаниот простор на едно место, на пример во овој случај во едно градско јадро кое функционира самото за себе како сакрално-профано-културен пејсаж. И зошто веќе еднаш не седнат експертите за културен предел да дебатираат за проектот растеретени од било каква политичка конотација, а обременети со естетиката и уредувањето на просторот. Не познавам човек на планетава кој не би сакал да гледа убави работи околу себе.

Препорачани текстови за читање:

Панче Велков – Историцизмот е секаде присутен
Гоце Трпковски – Контроверзен, но капитален проект

3 COMMENTs

  1. Во сеопштата нездрава и навивачка атмосфера која се создаде околу новиот проект Скопје 2014 конечно да прочитам објективен коментар ослободен од дневнополитичките интереси било на поддржувачите било на оспорувачите на проектот. За наша жал и културното наследство кое е натпартиско и вонвременско одамна е ставено во функција на политичките интереси без да се води сметка за неговото сочувување и значење. Чудно е што досега не се појавила ниедна реакција што античките скулптури дремат пред Владата изложени на штетни влијанија на околината без никаква суштинска корелација со околината. Освен со нечии мегаломански и фантазмагорични лични амбиции…
    Поздрав!

  2. Додека го читав одговорот ми текна на една дамнешна вест од сферата на политиката во една развиена земја. Имено, за избор на фотографија за изборниот постер на еден претседателски кандидат биле направени 4 000 фотографии, а консултирани илјадници луѓе од најразлични професии – од обични работници до врвни експерти од најразлични професии!
    Ние за изградба на такви објекти кои треба да стојат со векови не консултираме никого. Освен авторите чиј личен интерес им го лимитира и насочува мислењето. Неспорна е нивната стручност но кога се работи за јавни објекти кои треба сите ние да ги чувствуваме како „свои“ не е доволна само стручноста и знаењето од областа на архитектурата. Естетските и психолошките аспекти на овој проект (и на било кој) не се за занемарување, но во една ваква силно исполитизирана и вжештена атмосфера нив никој не ги споменува. Па така на место со радост (како што било од секогаш) ообјектите и спомениците ќе се градат со непријатно чувство на сеопшта манипулација.
    Поздрав до тебе и прости што пак го искористи твојот пост да го кажам моето мислење.

  3. Драга Arwena,

    Ти благодарам на сите напори што ги правиш во создавањето на еден високо цивилизациски труд кој твоите анализи го сочинуваат. Голема привилегија е тоа што ни се достапни твоите материјали, но и твојот жив и уметнички пристап кон предметите на твојата пасија.

    Ова е особено аристократски (благородно/фер) од твоја страна. И јас лично, не можам да ги ја сокријам ниту мојата љубов кон мареријалното историско наследство на градот, ниту мојата фасцинација од убавината на новиот проект.

    И надвор од експертската дијагонала на размислување, сосем ме погоди твојата реченица за убавината и тоа како тоа не прави да се чувстуваме. Но тоа секогаш го очекувам од твојот природен перфекционистички порив на кретивец и истражувач.

    Најпосле, аспирацијата кон убавото е основното што не прави луѓе.

    Топли Поздрави

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here