Луѓето кои ги создаваат маските се mascherari, или изработувачи на маски. Најраното споменување за нив е од 10 Април 1436. Маските ги изработувале од гипс, а при сликањето им помагале уметници т.н. “targheri” кои ги сликале лицата на гипсената површина и внимавале дури и на најситните детали. Claudia Pandolfo, една нова фабрика за маски од Венеција, своите производи ги извезува во Јапонија и Германија. Тие се на мислење дека владата треба да ги забрани ефтините имитации од пластика и гипс, со што ќе ги заштитат производителите на маски во Венеција како занает кои тајните ги носи со себе веќе стотици години.
Меѓутоа, Карневалот во Венеција е само еден од илјадниците карневали кои се одржуваат на територијата на Европа секоја година, веќе со столетија. Нив ги има насекаде во светот, вклучувајќи го и Балканот каде најчесто се поврзуваат со култот на предците, на умрените, на инкарнацијата на нивните души кои според народното верување, еднаш годишно ги посетуваат живите потомци. Многумина проучувачи во обичајот на носење на маски во Македонија гледаат континуитет на античките баханалии и дионизии, подоцна византиските анастенарии и бурмалии, додека пак трети се на мислење дека обичајот со маска има тракиски и антички корени.
Покрај карневалите во Рио и во Мексико посветени на Денот на мртвите, веројатно еден од напознатите е оној во Венеција кога во времетраење од две недели улиците се преполни со костимирани и маскирани домашни и странски туристи, кои се забавуваат со разновидните програми организирани покрај брегот и каналите на градот.
Дали би сакале еден ден од животот да го поминете под маска? Да шетате така низ градот, неговите улички, да седнете на кафе на плоштадот, да се измешате со илјадниците луѓе и да флертувате без да бидете препознаени. Карневалот во Венеција може да ви ја пружи таа удобност. Ако се уште не сте ја посетиле Венеција за време на фиестата, оваа година имате совршена прилика да бидете дел од еуфоричната прослава која се одвива насекаде низ овој прекрасен град. Се претпоставува дека Карневалот во Венеција не е разуздан како што бил во старите времиња. Но ако ве поканат на настан кој го носи на пример мистриозното име “Опасни врски”, однапред знаете дека ви се ветува забавно попладне исполнето со многу музика, јадење, танцување и опасни игри од средниот век.
Текстот е додаток на турата која ТА Савана ја организира за претстојниот Карневал во Венеција 2010
* * *
Изменета и прилагодена популарна верзија на овој текст беше објавена во Јануарскиот број на списанието Травел Инфо, единствениот месечен информатор во Македонија за патувања, одмор и забава.