Home Cпонзорирано Манастирот Рај(чица) и црквата Св Ѓорѓи Победоносец

Манастирот Рај(чица) и црквата Св Ѓорѓи Победоносец

3,572 views
0

Ако некогаш патот ве наведе низ падините на националниот парк Маврово, покрај водите на Дебарското Езеро, немојте да пропуштите да го посетите Манастирот Рајчица, во истоименото село. Се наоѓа на отприлика 15 км од познатиот манастир Св. Јован Бигорски, пред влезот на градот Дебар, буквално на самиот пат. Го поминувате прекрасното Дебарско Езеро и во моментот кога од вашата десна страна ќе ја видите таблата с. Рајчица, од левата страна веќе се наѕира еден дел од новото обѕидување на манастирот.

Во самиот манастир може да се влезе преку две места. Низ големата двокрилна дрвена врата замандалена со тешки железни опкови, и малку подолу, вдолж уличето, низ малата врата која ве води директно во црквата. Доколку сте најавени однапред, во дворот ќе ве пречека некоја од монахињите. Десеттина монахињи и уште неколку сестри искушенички се грижат за ова местото кое плени со божја убавина. Ќе ве воодушеви стрпливоста на домаќините да одговараат на вашите бескрајни прашања, понекогаш стоејќи на безмилосното сонце кое го поминува четириесеттиот степен целзјусов.

Оваа црква била и се уште служи како економски додаток на “Св. Јован Бигорски”. Се сметало дека ако во Бигорски битисуваат монаси, тогаш Рајчица била доделена во неа да престојуваат монахињите. За оние кои не знаат или не слушнале до сега, се работи за манастир во чии рамки се наоѓа црквата “Св. Ѓорѓи Победоносец” која датира од 19 век, иако несомнено (според писанијата) на тоа место и претходно постоела црква. Зошто луѓето кога едно место ќе го означат за свето, тоа е ,,вакавско” од вајкада. Фреско-живописот е изработен од познатите македонски зографи на 19 век, Данаил монах и уште пославниот негов ученик, Дичо Зограф.

Во оваа црква има доста ретки фрески, како што се оние посветени на св. Кирик и на св. Наум Чудотворец, како и целокупното житие на св.Ѓорѓи Победоносец, прикажано со неговиот мачител – царот Диоклецијан со турска чалма на главата. Тоа историски е невозможно, бидејќи царот Диоклецијан и светецот Ѓорѓи живееле многу векови пред да се создаде Турската империја, но историчарите на уметноста претпоставуваат дека чалмата е своевиден симбол на мачител. Помеѓу другите икони, во црквата “Св. Ѓорѓи Победоносец” се наоѓа единствената чудотворна копија на неговата икона од Света Гора. Таа е подарок од отец Пајсиј, некогашниот игумен на “Св. Прохор Пчињски”.

Подзаборавен од времето, а по заслуга на отец Партениј кој го има возобновено монашкиот живот во Јован Бигорски, во 1999 година овој манастир го започнува процесот на заживување. На почеток селото имало само неколку фамилии кои останале да живеат во ова подзаборавено катче. Денеска покрај поголемата бројност на жителите, селото има и жив манастир. Секојдневно се држат по три служби на кои доаѓаат не само жители од селото туку и луѓе со разни вероисповести, вклучувајќи и многу муслимани. За поголема популарност на манастирот најмногу помогна репортажата која летото 2006 година одеше на интернет, на порталот на јаху за туризам.

Сестрите покрај тоа што се образовани и говорат по неколку светски јазици, исто така користат и интернет. Не се лишени од ништо. Имаат дури и мала градина во манастирот за која е задолжена една од нив, а се спонзорираат најмногу со тоа што изработуваат митри. Се фалат дека минатата година Патријархот Вартоломеј, својата митра ја купил од кај нив.

Доколку сестрите не се повлечени во внатрешноста на манастирот да го бараат својот спокој блиску до бога, можете да ги замолите да ги видите моштите во црквата. Тие се наоѓаат во олтарниот простор (каде според христијанската религија вообичаено не влегуваат жени) завиткани во еден плашт со боја на пурпур во кој е сместен овој реликт. Сместени се во една ,,Рака” која во горниот дел е изработена од филигран и посребрена, а во долниот дел позлатена. Во нејзината средина се наоѓа сместен мал дел од моштите на Св Ѓорѓи Победоносец, светител од 4 век. По барање на отец Партениј за да се заштитат моштите, во 2004 година е направена специјална нарачка во вид на рака-опков, изработена од најпознатите изработувачи на филигран во Солун. Во средината на реликтот е направен мал отвор за да можат моштите да се гледаат и бакнуваат.

Според сестрите кои се грижат за овој женски манасстир, додека моштите не се врамиле во оваа рака, тие не мирисале. Со самото доаѓање во манастирот почнале да мирисаат и да испуштаат благоухание.

Манстирот Рајчица независно од годишниот период, плени со својата спокојност. Како животот во него да си има свој ритам и живее според некој нему познат внатрешен биолошки часовник. Чистиот воздух, прекрасната околина и особено глетката кон Дебарското езеро го надополнува впечатокот дека не залудно овој простор луѓето го нарекле Рај(чица). Место во кое човек вреди да се врати по илјада пати, за секогаш да открие уште нешто ново. Да го пронајде можеби својот сoпствен ,,Рај”.

Текстот е објавен во јануарскиот број на списанието Комплетна.

Постојат многу работи кои не ги напишав во текстот, за да остане по некоја реч за следнате прилики. Но и на вам драги читатели да ви даде повод самите да го посетите и да го доживеете овој манастир онака, како што вие најубаво умеете.

p.s. За поголем дел од фотографиите и благодарам на Гордана Јанакиевска, администратор на порталот Крале Марко. Останатите се позајмени од Македонската Википедија и од Photographers Direct. Последната слика е разгледница која ја купив од самиот манастир.

Корисни линкови:

Рајчица
Струга-Дебар-Скопје
Свети Ѓорѓи Победоносец
Манастир “СВ. Ѓорѓи Победоносец” во село Рајчица , Дебарско

Овој текст е репринт кој своевремено беше поставен на Блогер Мк кој не постои веќе како блогерај. Му благодарам на Ванчо Орданоски кој покрај многу други, ми го спаси и овој текст од претходната платформа на која блогирав.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here