Home Туризам Потонат туризам

Потонат туризам

7,450 views
0

Случката за несреќата со потонатиот брод туристи во Охрид ме затекна во пресрет на почетокот од вториот дел на конференцијата BlogOpen09 во Ниш. Бидејќи тоа е интернет конференција пред се составена од блогери и постојано бевме прикачени на интернет, веста се рашири пред да самне попладнето, уште додека пиевме кафе по сокачињата на стариот дел од градот Ниш.

Пред извесно време имав “слична” ситуација, секако не толку драматична како оваа. Водев група на странски туристи во Охрид, гости на фирмата која ја извршува контролата на летање во Македонија. Познато е дека кога шетате во стариот дел од градот и стигнете до Св. Јован Канео, можете за ефтина цена да изнајмите или да се качите во некое од кајчињата кои ќе ве одведат директно на местото каде стоеше ресторантот Уранија, сега бетонска плажа. Возењето е пријатно и кратко, и наместо да пешачите веднаш слегувате во близината на Св. Софија која попатно може да се посети, доколку итинерарот на турата го вклучува овој храм.

Во кајчето се качивме јас и уште 10 луѓе, иако сметам дека капацитетот не беше за повеќе од осуммина. При проценката со луѓето заедно, заклучивме дека би можеле да го сториме тоа иако јас на себе ја презедов одговорноста и го прекорив сопственикот на кајчето дека не смее да качува луѓе кои ги вози на неколку стотини метри од обалата, а да не им даде спасувачки појаси. Башка чинам и дека не му беше кој знае колку исправно, но во моментот немавме избор. Или кајчето или уште 15 минути пешачење до Св. Софија на 36 степени, откако веќе испешачивме 2 часа на сонце.

Сликано во Ниш на Блогопен, истиот ден кога потона бродот во Охрид
©Darko156

Можам да кажам дека ми е жал, дека сум згрозена од ова што се случи, можам да упатам сочувство до загинатите или како во моментов, да пишам јавна реакција на мојот сајт. Но ништо од тоа нема да се промени со зборување, туку со делување. Се минаа сите лимити во кои некои ентитети си играат со туризмот на една земја, кога добро знаеме дека имаме толку големо културно богатство и природни ресурси, што може цела нација да живее од тоа. Секако, само под услов добро да се изменаџира. Ама вие да изменаџирате смрт на дваесеттина луѓе, за кои идиотите на фајсбук кликаа лајк на линковите, не може да не помине со последици и тоа големи, по сите нас. Туризмот го прават луѓето. Но некои закони мора да се почитуаат. Најмногу оние за заштита на здравјето и опасност по животот на било кого. Понеделник се прогласи за ден на жалост во Бугарија оти починатите се странски туристи, а ние само пишуваме по блоговите и сајтовите на медиумите колку ни е жал за сето тоа. Дали поинаку би реагирале сите вие во однос на донесување на построги закони, ако не дај боже туристите беа домашни и меѓу нив се наоѓаа вашите најмили!?

Во светот на туризмот не е дозволено да се импровизира. Основната разлика помеѓу турист и авантурист е што првиот плаќа однапред за да биде сигурен во својот аранжман и без драматични меандрирања го помине својот однапред испланиран одмор. Се размислувам дали како дел од Сојузот на туристички водичи на Република Македонија, да дадам/еме наша јавна реакција на ова што се случува со туризмот, посебно во Охрид.  Засегната сум во прво лице еднина бидејќи не дај боже ова можело да ми се случи и на мене како на туристички водич, иако никогаш не би се осмелила на потег да качам двојно повеќе луѓе и со тоа да го загрозам својот и животот на туристите, бидејќи најсетне, јас помеѓу другото сум платена и токму поради тоа, нивната безбедност, а не само да им раскажувам приказни за културно историските споменици. Падна испитот за Психологија на туризмот кои го полагавме при добивање на нашите лиценци како водичи. Со него потонаа и сите дефиници за безбедноста на туристите кои туристичките водичи ги научија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.