Дома Антропологија Како локалната самоуправа се справува и менаџира со своите културни ресурси

Како локалната самоуправа се справува и менаџира со своите културни ресурси

3,708 views
4

Во последните 25 години во светот се создаде пракса на т.н културен и археолошки ресурсен менаџмент. Се работи за огромен кванитет на археолози кои работат во приватниот или државниот сектор, чија цел и задача е да менаџирааат со културните ресурси на оддеден регион (општина/град/држава/национален парк итн…), истите да ги евидентираат, ставаат во бази на податоци, и евентуално доколку постои опасност од уништување (природно или вештачко) да ги ископуваат. Секако после тоа мора да постои публикација, зошто публикувањето е единствен начин да се оправдаат парите за ископувањето, независно дали се добиени од државата или од приватни извори.

Не сум сигурна дека оваа моментална стратегија со менаџирање на културните ресурси од територијата на Македонија ќе вроди со плод. Случајот со Мариово и дивите копачи е само еден од илјадниците проблеми кои ќе се појават во иднина бидејќи оние ентитети во нашата држава кои се засегнати со заштита на културното наследство треба да поработат не само на терминологијата во законот, ами и имплементирање на истата во вид на менаџирање со сите археолошки, историски и културни ресурси кои не се загрозени, туку тоа би можело да им се случи во иднина.

Ние не знаеме дали губиме дел од културните ресурси на одредна област/регион/град па дури и кога се копа основа за некој објект, се додека немаме увид во нив. Немем валидна листа на археолошки локалитети, а да не зборуваме пак за потенцијални наоѓалишта детектирани со методите на недеструктивната археологија.

Ќе наведам само еден од примерите со кој се соочува било која општина во Македонија. Во трката со времето за се поголема индустријализација, се почесто никнуваат плански и неплански изградени згради (објекти). Според моменталниот Закон за заштита на културното наследство на Република Македонија секое наследство најдено на земја, под земја и во вода и припаѓа на државата. Фали само уште возух и тамам би биле комплементари со Библијата. Доколку е најдено културно богатство на место каде се предвидува на пример да никне станбена зграда, би требало да се потпреме на честа и етичката одговорност на инвеститорот, доколку нешто пронајде притоа да ги повика археолозите.

Но исто така е познато дека истражувањето, а посебно ископувањето на тоа место изискува многу време и финансии, наспроти роковите кои ги има инвеститорот. Па многу често се случува тој воопшто да не ги извести задолжените органи, како би можел непречено да продолжи со работата и да си ги исполни обврските кон нарачетелите на становите. Секако дека со таа постапка, непријавување и незаконско уништување на културно наследство, го прекршува законот. Но доколку тоа на било кој начин не проструи во јавноста, посебно преку медиумите, останува фактот дека ако на тоа место навистина постоеле културни ресурси, тие се уништени засекогаш.

Сумирано, постојат три варијанти на оваа ситуација:

1. Инвеститорот да не пронајде воопшто културни и археолошки ресурси
2. Инвеститорот да пронајде културни и археолошки ресурси и да ги пријави
3. Инвеститорот да пронајде културни и археолошки ресурси и да не ги пријави

За да можат да се елиминираат било кои од овие варијанти, потребно е првично разгледување на местото, за да се востановат било какви траги кои би упатувале на постоење на културни ресурси на него. За разлика од Македонија, во светот не може да се добие дозвола (доколку земјиштето секако е државно), вие да го преместите или исечете дрвото во дворот, а не пак да градите зграда, доколку пред тоа не дојдат луѓе вработени во културниот ресурсен менаџмент. Тие го рекогносцираат местото, доколку (не)најдат нешто пишуваат извештај, но и во обата случаја мораат се комплетно да евидентираат во база на податоци. Доколку се најде било што од артефакти, се стопира се до донесување на одлука од повисоки органи. Во спротивно се издава сертификат дека тука поминал менаџер (археолог) на културниот ресурен менаџмент, не нашол ништо и инвеститорот или градинарот можат да си продолжат со својата работа.

Да се вратиме сега на нашите општински подрачја каде никнуваат едночудо згради за краток временски период. Самата општина кај нас ниту има попис на своите културни ресурси, а ниту пак ќе ги има ако не ги евидентира однапред, а тие во меѓувреме се уништат. Тоа е сериозен и реален проблем на губење на неуништените локалитети за идните истражувања. Местата кои се под закана на модерните градилишта се исто така добри места за ископување како и било кој друг археолошки локалитет, со цел да се сочуваат информациите и предметите кои поинаку би се изгубиле. За таа цел секаде во светот постои пракса во секоја општина да има најмалку по еден вработен археолог во секторот за културен ресурсен менаџмент, или пак тоа го прават државни и приватни фирми регистрирани за таа намена.

Нашиот закон не дозволува регистрирање на приватни археолошки фирми, ниту пак легално вработување на археолозите во локалниот сектор. Ние можеби се уште немам развиено инфраструктура за културен и археолошки ресурсен менаџмент, но тоа не значи дека општините во Македонија не би требало самите да се погрижат да знаат што се припаѓа на нивната територија, бидејќи овие ресурси подоцна можат да ги искористат за разни цели во туризам, промоција на културното наследство, прибирање на експонати за локални музејски збирки, организирање на презентации, јавни трибини и предавања со цел подигнување на свесноста кај месното население за својата култура и наследство итн.

Во присуство на скоро 400 незапослени археолози во државава, а во отсуство на било каква државна стратегија за оваков тип на менаџирање, би било одлична прилика за општините преку проекти за развивање на локалниот ресурсен менаџмент да вработат, или евентуално најмат археолози чија работа ќе биде токму собирање на информации од теренот. Денеска дури и без ископување, може многу да се стори да се зачува сопственото културно наследство. А од некаде мора де се почне, нели!?

Клучни зборови: Василка Димитровска, археологија, културно наследство, локална самоуправа, култура, ресурсен менаџмент, комуникација, промоција, Vasilka Dimitrovska, archaeology, cultural heritage, local government, culture, resource management, communication, promotion

4 КОМЕНТАРИ

  1. […] Многу тажно што оваа општина се стави на мапата на културни богатства, по еден немил настан, сквернавење на веќе добро познат и признат археолошки локалитет, од страна на мобилните оператори. Но што е она што ми се допаѓа во целата оваа прикаска. Мислам дека вреди мојата борба за зачувување на културното наследство на Македонија, зошто ја изгубив/ме оваа битка и овој локалитет, но се подигна јавната свесност кај луѓето за да не се  дозволи нешто слично да се случи во иднина. Факт е дека мобилните оператори направиле криминал, и некој ќе одговара за тоа. Од друга страна се потврди мојата претпоставка која ја изнесов пред некое време на сајтот дека локалната самоуправа тешко се справува и менаџира со с…. […]

  2. […] задолжена е и самата локална самоуправа. Факт е дека локалните самоуправи во Македонија тешко се справуваа…, бидејќи е тоа една обврска која им припадна по […]

Leave a Reply to За туѓи бели дворови, копај си црни гробови! » Археолошки дневник vol.2.1/2 ©

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име