Дома Антропологија Отоманските белези на еден фино формиран етнички субстрат

Отоманските белези на еден фино формиран етнички субстрат

2,714 views
1

Пред некое време на facebook линкајќи еден текст напишав: Отоманскиот период е еден од подолгите културно-историски периоди во Република Македонија. И покрај тоа, се уште не се нашол “археолог-херој” кој сериозно ќе се зафати да го истражува овој дел од македонската археологија.

Отсекогаш ме чудело што еден од најдолгите периоди на територијата на Македонија е Отоманскиот (или Османлискиот) период и наместо да имаме огромен број на стручњаци кои би работеле на  материјал достапен и видлив на секој чекор, ние како да се обидуваме да го прескокнеме овој дел од нашата историја. Имав голем проблем кога во 2007 година работев како дел од секторот за документација на археолошкото ископување Скопско кале, каде одредени ентитети сакаа да ги “отстранат” артефактите од 16-20 век, велејќи дека сето тоа е етнологија. Никако не ми беше јасен пристапот кон тие и те како вредни предмети, бидејќи она што за моите колеги е божемна етнологија, во светот се вреднува како антиквитет.

Делумно инспирација за мојот текст може да се најде во колумната на Вуна, на која би се надополнила дека не може да се бара идентитетот пред 2.500 години, а да не се истражува што се случувало пред 100-150 години. Она што е многу интересно како контраст на оваа колумна, е тоа дека Турците го владееле цел Балкан со векови вклучувајќи ги и сегашните територии на Грција и Бугарија. На пример, општествената динамика која довела до формирање на денешната грчка нација е прилично запоставена. Грчките археолози имаат различни приоди кон своето отоманско минато, но скоро сите се сложни во желбата да го прескокнат овој дел од својот “идентитет”. Во Грција скоро воопшто и да не постојат книги на оваа тематика. Не сме ни ние ништо подобри.

На почетокот од 21 век кај нас се појави еден сосема нов концепт. Ископување на средновековни крепости, а подоцна и нивно конзервирање и реконструкција, пропратени веројатно како и до сега, без публикација на тоните наоди кои се притоа најдени. Би се оградила од термините концепт и стратегија, бидејќи се преголемо “ласкање” за македонската археологија. Бројни примери на овие ископувања можеа да се најдат во Самуиловите тврдини, а во поново време и на Цареви Кули, Скопско Кале, Тетовско Кале, Штипскиот Исар, Китино Кале и т.н. Го споменувам овој факт бидејќи скоро и да не постои укрепување во Република Македонија кое го промашило Отоманскиот (Османлискиот) период.

Од праисторијата до денес, сите новокомпонирани народи се синтеза на култури и на биолошки комбинации. Дефинирањето и врамувањето на еден народ во крути рамки е скоро невозможно оти “народот” не е еден народ, туку конгломерат, културна мешавина. Кога веќе зборуваме за субстрати кои довеле до формирањето на денешната македонска нација и лажните дилеми дали Македонците се антички или словенски, кој ќе ми забрани да кажам дека чувствувам оти -“Во моите вени тече Пајонска крв“! Зошто при споменување на древните “домородни населенија” Пајонците се неправедно запоставени, а со тоа да кажеме и Пелагонците, или Бригите (Фригите) итн …?

Ако историјата делумно и во ограничена мера може да ни одговори на прашањето “Кои сме ние”, тогаш археологијата дефинитивно во многу поголем обем а со многу помала контроверзност, ни кажува “Кои не сме ние”. Науката како археологијата треба да го анализира светот онаков каков што е, а не да има мислења за тоа каков би требало да биде. А ова е се поради поради фактот што во Македонија има многу неморал, а премалку објективност кај научниците. Ако хипотезата го помине тестот, може да стане теорија, а не вистина. Само кај нас може да се случи квазинауката да има техники за креирање на вистината, со свои перфидни методи.

1 КОМЕНТАР

Leave a Reply to Новости од македонската археологија » Археолошки дневник vol.2.1/2 ©

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име