Од време на време во јавниот простор (претежно на градот Скопје!) ќе се појави некоја микро кампања на постери со фантомски карактер и ќе изчезне исто онолку бенигно колку што ќе привлече и внимание. Не знам дали воопшто треба да и се обрне внимание на оваа сега веќе заборавена појава, па сепак решив да ја архивирам на блогот како настан во редицата на лупање во гради и бранење на нашиот кршлив македонски метафоричен идентитет.
Пред извесно време Скопје беше прeплавено со плакати преку кои на граѓаните требаше да им се предочи колку горди треба да бидат на својата историја и на своето минато! Кампањата, чија и да беше, очигледно не ја постигна својата зададена цел, а вроди со внимание онолку колку што се разбираат соговорниците во било кој дијалог на глувите. Убаво е човек да си ја сака својата држава, да трага по корените, да ги проучува, разбира и толкува достигнувањата на старите цивилизации кои живееле на ова (или било кое друго) тло и да биде горд. Сериозното мајтапење во стилот на Монти Пајтон не е на одмет, ама до кога ќе го браниме идентитетот исклучиво со мажи, со неписменост и постери со келтски букви на кои граматиката вришти? Па потоа си велам, ако постојат плакати со кои ни се нудат креми за трајно изгладување на брчките и препарати за вечна младост, тогаш зошто да не ни се нуди и “вечна гордост”!
Еве јас како археолог горда сум на својата историја! Горда сум и на своето минато! Горда сум што имаме огромно културно наследство, со кое никако не можеме да се справиме во постапките при неговата нелегална трговија. Горда сум што има на тони археолошки ископувања, а ниту една публикација. Горда сум што 400 невработени археолози се ангажирани на сите тие ископувања, но никој не е вработен со години. Горда сум што не претставуваат во светските списанија но не преку користење на напредна дигитална теренска документација, туку како некоја недоџија таму богу иза трегера со фејкерско третирање на археологијата како наука, кое е застарено дури и за некои минати системи. Горда сум јас на многу работи само што во мојот случај тие се одвиваат по обратен реципроцитет. Колку што стaнувам “понесреќна”, толку е поголема мојата гордост.
И на крај краева нека ми објасни некој што е тоа “гордост”, а што “идентитет”? Навистина немаме потреба да го збунуваме “непријателот” со нашиот идентитет, бидејќи сме доволно збунети самите од себе си. А што се однесува до археолозите и нивната работа, тие навистина можат да помогнат во откривањето на вистинскиот “Македонец”. Само што им е потребен многу оштар предмет. Ако при тоа некој се гребне од него во потрага по својот горд идентитет, јас не го повикав. Не е археолошката прашина за сечие здравје погод(е)на.
Секојдневно четиво ми се архео постовите и на Волан. Едвај чекам да најдам малку слободно време и да ѕирнам што има ново. Ама денес ме утепавте двајцата. Толку негативна енергија одамна немало на нетов. Се надевам дека утре ќе биде подобро.
[…] Кој настанал прв: идентитетот или човекот? и До каде досегнува нашата гордост?, зошто многу работи ќе натежнат од бремето на […]
[…] Кој настанал прв: идентитетот или човекот? и До каде досегнува нашата гордост?, зошто многу работи ќе натежнат од бремето на […]